Македонија
Обезбедена помош од 515.974 евра за радиодифузерите

Владата усвои изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за формирање Фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Ковид-19.
Оваа измена ги опфаќа сите радиодифузери во земјата на кои ќе им се покријат трошоците за 2020 година кон операторот на дигиталниот терестријален мултиплекс за дозволата за емитување. Оваа одлука е согласно Законот за електронски комуникации, а има за цел ублажување на економските последици предизвикани од коронавирусот.
Одлуката беше донесена по направени анализи за последиците од влијанието на Ковид-19, врз националните, регионалните и локалните телевизии кои изминатиот период се соочија и сè уште се соочуваат со потешкотии во работењето. Оваа криза предизвика сериозни финансиски импликации во нивното работење.
Ако се земе предвид дека медиумите се еден од клучните фактори во едно демократско општество, тогаш очигледна е потребата да се излезе во пресрет за надминување на овие состојби, како што беше направено и во останатите погодени сектори.
Оттаму, а по спроведени анализи и разговори со сите засегнати страни за начинот на којшто е најсоодветно да се обезбеди помош, се констатираше дека доколку се намират нивните долгови настанати поради користења дигитален терестријален мултиплекс, ќе се намалат последиците предизвикани од пандемијата.
Средствата за подмирување на долгот ќе бидат преземени до Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Ковид-19.
Тие ќе се исплаќаат врз основа на извештај за настанати долгови доставен од страна на операторот на дигиталниот терестријален мултиплекс, за надомест на трошоците на радиодифузерите, кои од регулаторното тело надлежно за работите од областа на радиодифузија добиле дозвола за емитување преку дигитален терестријален мултиплекс, за дигитализација за 2020 година, до Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија.
На овој начин, подеднакво ќе им се помогне на сите национални, регионални и локални телевизии, и тоа конкретно во делот на дигитализацијата, аспект што се покажа особено важен, а многу често и неопходен за непречено функционирање во новонастанатата состојба предизвикана од коронавирусот.
Вкупната сума предвидена за оваа намена изнесува 31.732.390,00 денари или 515.974,00 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.
Македонија
Дрво падна кај Млечен, оштетени три автомобили, скинати кабли од бандера

Дрво попладнево падна на улицата Анкарска кај популано именуваниот реон „Млечен ресторан“.
Паднатото дрво има оштетено три автомобили.
Од Центарот за управување со кризи, информираа дека полицијата е на лице место и настанот е пријавен во ЈП ,,Паркови и зеленило” за да го отстранат паднатото дрво од улицата.
Исто така, дрвото, при паѓањето, има скинато кабли од бандера.
Известени се надлежните институции за санација на скинатите и откачени кабли.
Фото: Илустрација
Македонија
Села му одговори на Таравари: Без доверба и чест нема ниту куќа, ниту врата

Едниот од лидерите на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, преку социјалните мрежи му одговори на неговиот поранешен сопартиец, Арбен Таравари за можноста за повторна соработка.
„Според албанската традиција и обичајното право, домот не е едноставно место каде што живееш, туку тоа е име и идентитет! Дали вратата или куќата е голема или мала го прави сопственикот на куќата. Честа, довербата, дадениот и одржан збор и мажественоста се атрибутите кои овој сопственик мора да ги има. А кога ги нема, тоа не се нарекува ниту куќа, ниту врата, а камоли голема“, се вели во објавата на Села.
Таравари претходно вчера рече дека кој сака е добредојден да им се придружи. Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, тој изјави: „Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“.

„Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“ – Арбен Таравари
Алијансата за Албанците на Таравари одлучи на локалните избори да излезе со посебни листи за општински советници.