Македонија
Штипскиот градоначалник е против карантин, смета дека затворањето на текстилните фабрики ќе даде резултати

Како прв човек на градот и претседател на општинскиoт кризен штаб, јас сум против во Штип да се воведе карантин, вели градоначалникот Благој Бочварски.
Тој соопшти дека на денешниот состанок на кризниот штаб препорачал Градот да остане на мерката за затворање на петте текстилни фабрики и речиси 500 работници да бидат во домашна изолација, па тогаш да се носат нови одлуки.
Градоначалникот појасни дека од утре почнува пошироко тестирање на Ковид-19 на вработените од овие пет конфекции, кои задолжително ќе останат во самоизолација.
Бочварски повика на одговорност и дисциплина од граѓаните за, како што рече, да не се доведе градот во состојба што ќе води кон затворање и враќање на полицискиот час.
„Новозаразените се резултат на контактите што ги оствариле со заболените, но и при транспортот со автобускиот превоз што го користеле да стигнат на работа. Затоа, ја поддржувам одлуката за затворање на текстилните фабрики, која важи до 7 јуни, и да почекаме да видиме дали мерката ќе даде резултати. На денешниот состанок на општинскиот кризен штаб стана збор и за евентуално воведување карантин во градот, но јас реков дека сум против рестриктивни мерки и враќање на полицискиот час затоа што така ќе застане работата на транспортните и на другите компании воопшто. Сакам да додадам дека се врши секојдневна дезинфекција на градот, а сите општински институции во Штип се на располагање во борбата против коронавирусот. Ги повикувам граѓаните да бидат дисциплинирани за да се избориме со овој нов бран“, изјави Бочварски.
Според информациите од Центарот за јавно здравје Штип, од 27 нови случаи, 25 се текстилни работници, од кои 23 се од една фабрика, а другите двајца се од две други фабрики. Од вкупно 89 регистрирани новозаразени во земјата во последните 24 часа, најголем број од нив се од Скопје (35) и Штип (27).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Карпош денеска без вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека, денеска поради санирање појавен дефект на водоводна мрежа со пречник Ф-1 цол на ул. Копенхагенска, крстосница со ул. Стокхолмска во населба Тафталиџе, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Копенхагенска, Стокхолмска, Софиска, Његошева, Гаврил Лесновски и Петар Драганов во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 11:30 часот до завршување на интервенцијата.
Македонија
Аеродром, Сопиште и Зелениково денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска, без напојување со електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од с. Долно Лисиче, општина Аеродром;
· во истиот термин од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од објектите во околината на зградата на Алкалоид на ул. 3 -та Македонска Бригада., општина Аеродром;
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од с. Горно Соње, поточно улиците со бр. 10 и бр. 12, општина Сопиште;
· од 09:00 до 16:00 часот, корисниците од селата: Дејковец и Добрино, општина Зелениково.
Македонија
Променливо облачно со повремени врнежи од дожд и со ретка појава на грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд и со ретка појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен северен ветер Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд и со услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Денеска и во четврток ќе има изолирана појава, а од петок на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Од недела температурите ќе бидат во опаѓање.