Македонија
АВМУ: Да не се изнесуваат неосновани обвинувања за непрофесионалност на медиумите

Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги предупредува дека известувањето на медиумите може да се оценува само врз основа на мониторинг, спроведен според научно утврдена методологија, а не врз личен впечаток или интереси. Имајќи го ова предвид, Агенцијата повикува, сите, а особено политичките субјекти, да се воздржат од јавно изнесување паушални оценки затоа што ваквото постапување не само што му наштетува на угледот на медиумите туку претставува и притисок врз нив, со што сериозно се загрозува слободата на изразување и информирање.
„До Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги се обрати ‘ТВ 21-М’ со реакција за обвинувањата од лидерот на политичката партија Алијансата на Албанците дека телевизијата преку емисијата „ЕУ клик“ користи ЕУ-фондови за промоција на кампањата на ДУИ.
Во својата реакција „ТВ 21-М“ наведува дека емисијата не се користи за предизборни кампањи и дека гостите во емисијата, чиј состав е разнолик, се повикувани во зависност од темите што се обработуваат.
Со мониторинзите што Агенцијата ги прави за начинот на известување на радиодифузерите и застапеноста на политичкиот плурализам не се забележани неправилности во однос на ‘ТВ 21-М’. Напротив, последната оценка од посеопфатниот мониторинг на програмата на оваа телевизија наведена во извештајот од медиумското известување за предвремените парламентарни избори за периодот од 17 февруари до 16 март е дека при известувањето на ‘ТВ 21-М’ – ‘беше почитувано начелото на објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења и овозможување слободно оформување на мислењето на публиката за одделни настани и прашања“. Предмет на мониторинг во наведениот период беа и сите емитувани изданија на ‘ЕУ клик;“, се наведува во рекацијата на АВМУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска Давкова: Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина

Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска положи цвеќе во црквата „Св. Спас“ по повод 122-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев, но и на својот фејсбук профил искажа почит кон македонскиот револуционер.
Како што наведува Сиљановска Давкова, Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина.
-Со длабока почит, по повод 122-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев, положив свежо цвеќе на неговиот вечен дом во дворот на црквата „Св. Спас“.
Денот на смртта на најмаркантната и најсветлата фигура на македонското револуционерно национално дело, втемелувачот на македонскиот републиканизам, апостолот на ВМРО, учителот Гоце Делчев, нè потсетува на жртвата којашто нашите предци ја дале за македонскиот народ да живее во сопствена држава за да може културно да се натпреварува со другите народи. Тој не случајно почива тука, во дворот на прекрасната црква „Св. Спас“, на македонска почва и под македонското небо, туку по сопствен аманет да биде закопан во независната македонска држава. Гоце Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина, пишува претседателката.
Македонија
Инвестиција од неколку десетици милиони евра и над 200 вработени најави Мицкоски

Нова инвестиција од неколку десетици милиони евра и над 200 вработени, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Како што изјави, стартот на инвестиција се очекува за една до две недели.
Одговорајќи на новинарски прашања по одбележувањето 122 години од смртта на Гоце Делчев, Мицкоски повтори дека една од примарните цели на Владата е номиналниот БДП да биде над 20 милијарди долари или 10.500 долари по глава на жител, како и намалување на јавниот и државниот долг под 50, односно 40 проценти.
-Минатата година ја завршивме со историски рекорд кога станува збор за странските инвестиции, една милијарда и 255 милиони евра. Само во последниот квартал е повеќе од 400 милиони евра. Како ќе биде годинава, ги чекаме податоците од првиот квартал. Се надевам дека ќе биде подеднакво успешна. Можам да најавам дека за недела – две од денеска почнуваме со нова инвестиција од неколку десетици милиони евра и повеќе од 200 вработени, која ќе учествува значително во БДП, рече премиерот.
Македонија
Царина се пофали дека наплатиле 190,4 милиони евра, велат ќе се трошат за училишта, градинки, болници…

Царинската управа во текот на изминатиот месец наплати приходи во износ од 11,7 милијарди денари или 190,4 милиони евра, што е за 7,3 проценти односно 12,88 милиони евра повеќе од истиот месец минатата година. Притоа приходите од данок на моторни возила се зголемени за 20,5 проценти, од царина за 14,1 процент, а од акцизи за 16,3 проценти.
Како што информира денеска Царинската управа, вкупно од почетокот на годинава, за четири месеци се наплатени 41,2 милијарди денари или 670,27 милиони евра, што е за 26,5 милиони евра повеќе од лани истиот период.
Директорот Бобан Николовски вели дека овие средства значат повеќе инвестиции за капитални проекти, за училишта, градинки, болници, патишта, повисоки плати и пензии, за поконкурентна економија. Ваквите резултати, како што потенцира, се должат на зголемени контроли и зголемена тимска работа и делување на ниво на институција, а не на поединци.
– Царинската управа ќе продолжи да делува во насока на зачувување на финансиските интереси и стабилност на финансискиот систем преку поголема ефикасност на институционалните капацитети во наплатата на приходи, подобрување на услугите и сузбивање на криминалот и корупцијата, се наведува во соопштението.