Општество
Нови апарати и услуги во поликлиниката Чаир
Поликлиниката Чаир во Скопје се поднови со ехо кардиограф, биохемиски анализатор и пет апарати за физикална терапија, а во понеделник во работна посета на Поликлиниката беше министерот за здравство Никола Тодоров.
Според него, со новиот биохемиски анализатор двојно се зголемила можноста или капацитетот на давање лабораториски услуги, како и видот на услуги кои се даваат во Поликлиниката.
Новото ехо има и кардиолошка и абдоменална сонда со што за првпат се воведува оваа дијагностика во Поликлиниката во Чаир.
„Оваа поликлиника покрива 120.000 жители и со набавката на овие нови апарати се
овозможува жителите од овој дел на градот да ги добиваат услугите многу поблиску до нивното место на живеење и да има што е можно помалку препраќања од Чаир во Градската општа болница или на клиниките. Со воведувањето на ехо кардиографијата токму тоа се прави се растоваруваат Клиниката за кардиологија во Скопје и Градската општа болница „8 Септември““, рече Тодоров и додаде дека веќе се направени 300 вакви прегледи.
Во поликлиниката има 11 специјалисти, а од нив тројца се преземени од приватно во јавно здравство и тоа дерматовенеролог, интернист и специјалист по физикална терапија, додека две медицински сестри исто така дошле од приватното здравство.
Директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска Вучковиќ рече дека во 2015 година ја завршиле со 51.200 услуги од специјалистичко ниво, а за само првиот квартал од годинава со новата дијагностика која е воведена и кадровското зајакнување имаат 17.900 услуги.
Очекуваат годинава да ја завршат со најмалку 20.000 здравствени услуги.
Во лабораторијата има нов апарат од централната набавка на Министерството за здравство, поради што има 15 отсто повеќе лабораториски услуги, а сето тоа помага да има комплетна здравствена услуга за корисникот посебно за дијабетичарите бидејќи од февруари почна со работа и Центарот за дијабетес.
„Два пати неделно докторот има термин за дијабетичари каде ги води преку овој Центар со лабораториска анализа. Досега околу 280 пациенти се прегледани. Целта е доближување на овие услуги, комплетна обработка, бидејќи во 2015 година имаме високи 94 проценти на комплетно обработени пациенти на секундарно ниво во Здравствен дом Скопје“, додаде Баевска-Вучковиќ./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби
Ариепископот Охридски и македонски заедно со Светиот архиерејски Синод, по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на МПЦ-ОА.
– Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење. Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, вели г.г. Стефан меѓу другото во обраќањето.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.