Македонија
Викендов 622 лица го прекршиле полицискиот час, а над 1.000 не носеле маски
Во текот на изминатите неколку денови, додека траеа ограничувањата на движењето, од страна на Министерството за внатрешни работи на територијата на целата држава констатирани се вкупно 622 непочитувања на одлуката, најголемиот дел од нив – 340, е констатирани на територијата на секторот за внатрешни работи во Скопје. Ова го истакна министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.
Вкупно досега констатирани се 5.397 прекршување на одлуките за ограничување на движењето на граѓаните од нејзиното воведување, рече Чулев.
Во однос на уредбата за задолжително користење заштитна опрема, според презентираните бројки, констатирани се вкупно 1.777 непочитувања, најголемиот дел од нив на подрачјето на СВР Струмица, каде што констатирани се 417 непочитувања, и на подрачјето на СВР Охрид – 356. Вкупната бројка на констатирани непочитувања на оваа уредба досега е 8.180 и за сите тие случаи, како што посочи Чулев, изготвени се соодветни поднесоци.

Исто така, полицијата во соработка со Државниот пазарен инспекторат учествуваше во вкупно 1.543 контроли во угостителски објекти, при што констатирани се вкупно 22 непочитувања: 18 на територијата на СВР Охрид и 4 при СВР Струмица. Истовремено, како што потенцира министерот Чулев, во посочениот период издадени се вкупно 1.648 решенија за изолација и потпишани се 584 изјави за самоизолација, а МВР извршило вкупно 8.701 контрола по основ на самоизолација и изолација.
„Бројките говорат за исклучително голем обем на работа и исклучително високата посветеност од страна на полициските службеници. И токму таа посветеност, наместо да биде соодветно валоризирана, многу често е злоупотребена во политички цели. Дозволете ми, на денешната прес-конференција да апелирам до јавноста, но и до сите политички структури во државата, да се воздржат од неосновани напади, кои ѝ нанесуваат штета на полицијата“, нагласи Чулев.
Тој, освен ова, изрази разбирање за револтот на граѓаните од одлуките со кои се ограничува нивното движење, притоа истакнувајќи дека граѓаните треба да се свесни оти сето тоа се прави со цел да се заштити нивното здравје.
„Ваквите одлуки се носат од страна на Комисија за заразни болести, во која учествуваат стручни лица и доктори, а полициските службеници, односно Министерството за внатрешни работи, имаат задача и обврска да го контролираат нивното спроведување“, нагласи министерот Чулев.
На крајот, осврнувајќи се на критиките, односно нападите упатени до него, министерот Чулев истакна: „Од првиот ден како министер за внатрешни работи мојот став е дека МВР треба да функционира, единствено врз принципите на професионалност, неселективност и законитост затоа што граѓаните тоа го заслужуваат. И во суштина, во изминатиот период тоа се покажа во пракса, во најголем дел успешно ги спроведовме одлуките на Владата, а со тоа го заштитивме здравјето на граѓаните. Грешки и пропусти има и тие се дел од работењето, но лошо е кога грешките се случуваат поради опструкции, несоработка и постапување по партиски директиви. Да бидам искрен, исклучително тешко е една моја идеја, замисла или директива да се спроведе во пракса, без да наидам на многу опструкции во Министерството за внатрешни работи, но и од страна на Владата“, рече Чулев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Орце во ноќен увид на улиците кои се реконструираат низ Скопје, вели се работи и дење и ноќе
Во завршна фаза е изградбата на улицата „Фрањо Клуз“ во Аеродром која е една од најзначајните сообраќајници во овој дел од градот. Се работи со полна динамика, и дење и ноќе, затоа што скопјани заслужуваат модерен, функционален и безбеден град, објави вчера вечерта градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
-Делата говорат. Скопје не смее да чека. Скопје мора да се развива – посветено и со визија. Она што со години било запоставувано и туркано под тепих, денес се решава темелно и одговорно – објави на Фејсбук Ѓорѓиевски.

Реконструкцијата опфаќа нов тампон, двослоен асфалт, нови рабници, а во овој момент интензивно се асфалтираат тротоарите. Во должина од еден километар се изведуваат нови тротоари, се поставува современо улично осветлување и се гради нова атмосферска канализација.
– Од наредната недела, жителите на Аеродром ќе возат по нова, современа и безбедна улица. За само три месеци од преземањето на функцијата градоначалник на Скопје, покажавме дека кога се работи со срце, визија и чесна намера – резултатите се очигледни. Не ветивме чуда, туку работа. И работиме – објави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски, вели дека ова е само почеток и најавува дека следува најголемата инфраструктурна обнова досега.
– Ќе се работи рамномерно, во секој дел на Скопје. Затоа што секој заслужува исти услови, исти шанси и ист квалитет на живот.
Мојот народ го заслужува најдоброто – објави Ѓорѓиевски.
Македонија
Пролетен ден во зима, денес сонце и температури до 15 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени и по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.

