Црна хроника
Спречен обид за шверц на девизи и цигари на аеродромот Александар Велики
Царинските службеници на аеродромот Александар Велики спречија два одвоени обиди за нелегално изнесување на 28.480 евра и 110 штеки цигари со македонски и косовски контролни маркички.
Во првиот случај, откако го чекирале својот багаж, двајца македонски државјани се упатиле на излез за царинска контрола, каде изјавиле дека немаат ништо за пријавување. Но, аеродромските служби ги известиле царинските службеници дека еден од патниците носи поголема количина пари. Пристапено е кон личен претрес на двајцата патници, при што кај првиот се пронајдени се 15.280 евра, додека кај вториот патник пронајдени се 17.200 евра.
Согласно Законот за девизно работење резиденти можат слободно да изнесат девизни средства и чекови во висина од 2 илјади евра, а секој износ над овој е забранет. На лицата им се вратени по 2 илјади евра, а остатокот од 28.480 евра се одземени. На сторителите им е понудена постапка за порамнување, а против нив е поведена и прекршочна постапка.
Во вториот случај, кај косовска државјанка која патувала за Лондон царинските службеници пронајдоа вкупно 111 штеки цигари Marlboro Gold и Muratti Аmbassador blue (22.180 парчиња) со македонски и косовски контролни маркички. Цигарите се привремено задржани, а против прекршителот е покрената соодветна постапка.
Инаку, само во првите шест месеци од годинава, спречени се вкупно 59 случаи на шверц на цигари на сите гранични премини во државата, при што се запленети 2.470 штеки цигари и 45 кг режан тутун.
Од нив, само во јануари на Аеродромот Александар Велики откриени се шест случаи на шверц на вкупно 783 штеки цигари од различни брендови кои требало нелегално да бидат пренесени и препродадени во Велика Британија. Вредноста на цигарите во Македонија е скоро четири пати пониска од онаа во Велика Британија, така што прекршителите се надеваат на брза заработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Претепал сограѓанин и му се заканувал со пиштол пред кафеана, приведен жител на Грчец
Триесет и деветгодишниот З.Ф. од селото Грчец, скопско, бил приведен во текот на денешниот ден поради напад пред угостителски објект на подрачјето на општина Сарај.
Претходно, на 7 февруари, тој со тврд предмет физички го нападнал 47-годишниот Р.З., исто така од Грчец, а потоа му се заканувал и со пиштол, јави МВР.
По целосно документирање на случајот, против З.Ф. ќе биде поднесена пријава.
Црна хроника
Запалени „порше“ и „форд ренџер“ во Батинци, известен е обвинител
Во раните утрински часови во селото Батинци, општина Студеничани, избувнал пожар во кој биле опожарени две возила – патничко возило „порше“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на 47-годишниот Џ.И. од Батинци, и товарно возило „форд ренџер“, сопственост на правен субјект.
Случајот бил пријавен во 02:15 часот во СВР Скопје. Пожарот го изгаснала екипа од Бригадата за противпожарна заштита на Скопје. Во инцидентот нема повредени лица.
Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Фото: илустрација (depositphotos)
Црна хроника
Автомобил излета од патот кај Маврово: скопјанка тешко повредена, сопатникот се здобил со полесни повреди
Седумдесет и тригодишна скопјанка е тешко повредена, а возачот со кој патувала се здобил со телесни повреди, откако нивното возило излетало од коловозот на патот Маврови Анови – Дебар, кај гостиварското село Скудриње.
Несреќата се случила на 7 февруари 2026 година, околу 9 часот наутро, кога патничко возило „опел зафира“ со скопски регистарски таблички, управувано од Ј.М. од Скопје, излетало од патот. Повредените се префрлени во Ургентниот центар во Охрид, каде кај сопатничката биле констатирани тешки телесни повреди.
Извршен бил увид.

