Македонија
Филиповска-Грашкоска: Уредбите, одлуките и протоколите треба и мора да се почитуваат
Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, денеска на редовна прес-конференција информираше за активностите и надзорите на шесте инспекциски служби во периодот од 10-16 јуни. Во овој период се извршени вкупно 6.188 вонредни инспекциски надзори, во врска со сите усвоени акти на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот.
„ Најголемиот број од инспекциските надзори 4.862 контроли се направени од инспекторите од Државниот пазарен инспекторат со поддршка на финансиска полиција, или со припадници на полицијата. При тоа се утврдени девет прекршувања на протоколите, од кои седум се однесуваат на протоколот за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти, и тоа четири во Скопје, по еден во Битола, Струга и Тетово, и два прекршока на протоколи во обложувалници во Тетово и Гостивар за што се предложени и соодветни кривични и прекршочни санкции. Воедно констатирани се незначителен број, или вкупно шест прекршоци во трговија за непочитување на одлуките за лична заштита и ред или за прекршување на уредбата за замрзнати цени, при што е укажано на правните лица и веднаш постапено“, рече Филиповска-Грашкоска.
Претседателката на Инспекциски совет истакна дека Државниот инспекторат за труд беше особено активен, при што реализираше вкупно 670 контроли кај работодавачи, во коишто се вработени вкупно над 12.000 лица.
„За периодот од 10 до 16 јуни од страна на овој инспекторат донесени се 25 решенија и 25 укажувања на работодавачите за носење заштитни маски, заштитни ракавици, користење средства за дезинфекција, проветрување, ослободување на вработените од ризичните групи“, посочи Филиповска-Грашкоска.
При контролите утврдено е дека работодавачите согласно препораките од работните задачи имаат ослободено над 130 лица по основ на грижа за деца под 10 години, околу 50 лица по основ на хронична болест и 95 бремени жени.
Директорот на Државниот инспекторат за труд, Аљадин Хавзиу, укажа на една појава при пријавување претставки во трудовата инспекција.
„Најстариот начин на пријавување на претставките е преку нашиот веб-сајт каде што има две можности, од анонимен подносител и од познат подносител. Јас на претходна прес-конференција укажав дека ние ќе ја чуваме анонимноста до крај и граѓаните што имаат жалби и поплаки по основ на работен однос или по законот за безбедност и здравје при работа да не чекаат, веднаш да пријавуваат. Во пракса што се случува? Преку веб-сајтот има и анонимни претставки каде што подносителот не кажува податоци за себе или контакт телефон или е-адреса или каков било контакт и не кажува за која фирма се работи. Ние и хипотетички не знаеме каде да постапуваме. Затоа, кога пишуваат, знам дека од мака пишуваат, кога пишуваат претставка, да напишат сè што треба“, посочи Хавзиу.
Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од овие седум дена спроведе вкупно 196 надзори во повеќе градови низ државата во правни субјекти од нивна надлежност. Издаден е еден платен налог поради непостапување по претходно издадено решение, како и 22 казнени мерки едукации поради тоа што не се воспоставени и имплементирани процедури за добра хигиенска пракса, лоша општа хигиена во објектите и за нередовно водење записи за дезинфекција и следење на температура во разладни уреди.
Државниот инспекторат за транспорт во периодот од 10 до 16 јуни, направи вкупно 274 надзор. Меѓуопштинскиот сообраќај сè уште е намален за околу 90%, а тој транспорт кој се реализира, генерално е со почитување на Владините уредби, одлуки и протоколи. Релацијата Скопје-Тетово и обратно по одлука на Владата сè уште не се одвива со организиран меѓуградски транспорт.
Транспортниот инспекторат забележа вкупно 13 прекршувања на уредбите и протоколите и тоа 3 прекршувања кај посебен меѓуопштински линиски превоз кој се врши за вработените во правни лица во општина Штип и уште по едно прекршување кај посебен меѓуопштински линиски превоз кој се врши за вработените во правни лица во Кавадарци и во Скопје, како и 8 прекршувања кои се однесуваат на превоз без дозвола за меѓународен линиски превоз.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат спроведе вкупно 131 надзори во субјекти во нивна надлежност, во овој период издадени се 71 дозвола на транспортери професионални возачи, а во овие неколку дена ДСЗИ издаде и 474 решенија за лица кои го напуштиле државниот карантин (со негативен PCR-тест) и се упатени во домашна изолација, со што драстично се олеснува периодот на изолација на граѓаните.
Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД во периодот од овие седум дена изврши вкупно 55 контроли. При тоа е констатирано дека нема специфични отстапувања.
Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, соопшти дека Владата на 69-та седница, одржана на 16 јуни, го усвои Протоколот за работа на угостителски објекти за сместување (хотели и други објекти за сместување), со кои се предвидени процедури за хотелскиот дел, ресторански процедури, употребата на санитарните јазли, општи препораки за гостите и препораки за постапување при појава на случај со симптоми со Ковид-19.
„Ги повикувам хотелиерите, кои го очекуваа овој протокол, сериозно да пристапат кон правилна примена на сите мерки од овој протокол, но и за сите други протоколи кои се однесуваат на работните места или организација на конференции, состаноци и други видови обуки. Сите овие протоколи се значајни пред сè за заштита на јавното здравје, заштита на гостите и посетителите на хотелите и заштита на персоналот кој работи во хотелите. Протоколите кои се однесуваат на мерките за превенција и спречувањето на ширењето на коронавирусот Ковид-19, по објавата во ‘Службен весник’, се објавуваат и на специјализираната веб-страница koronavirus.gov.mk, каде што сите заинтересирани може да се информираат за сите мерки што Владата ги носи“, информираше Филипоска-Грашкоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Нема да дозволам внатрепартиско роварење и поделби платени од ВМРО
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната средба во Штип со општинските организации од изборната единица 3, порача дека консолидацијата и внатрепартиското единство се клучни предуслови за зајакнување на СДСМ и за успешна борба против оваа власт. Тој нагласи дека нема да дозволи внатрепартиски поделби платени од ВМРО-ДПМНЕ.
-Има некои луѓе кои што се амбицираат како некоја групација, меѓутоа не сакаат да дојдат и да разговараат, не сакаат да ги соочат аргументите, затоа што аргументи немаат. Затоа што се платени од ВМРО-ДПМНЕ на кои што проектот ЗНАМ веќе им пропадна, и не може да сметаат повеќе на тоа, рече Филипче.
Филипче додаде дека, со оглед на падот на поддршката кај ВМРО, единствениот начин што го користат е да предизвикуваат поделби во СДСМ но дека тој нема да дозволи нови поделби и внатрешно роварење.
-Имајќи предвид како ја губат поддршката од граѓаните, се што може да направат е дополнително нас да не делат. Јас нема да го дозволам тоа внатрепартиско роварење, делење, заради нечии интереси коишто да знаете ако не се сте ја знаеле позадината тој проект е повторно, како проектот ЗНАМ, платен од ВМРО-ДПМНЕ, платен заради тоа што тој е единствениот начин тие да останат на власт, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ упати порака и до оние кои, како што велат од партијата, се обидуваа да не успее Конгресот на СДСМ.
-Жалам што имаше другари, кои се обидуваа и конгресот да не успее. Пуштаа пораки на делегатите, им кажуваа да не доаѓаат. Сакам јасно и гласно да им кажам да им биде последно. На крај памет, не да направат нешто, да помислат нешто, да направат против партијата од која добиле се. Не станува збор за мене. Ние не можеме да работиме еден против друг, против СДСМ. Кој и да работи против, работи против партијата. Со тоа, во оваа ситуација и против државата, рече Филипче.
Македонија
Стојаноска за Трендафилов: Волкот во јагнешка кожа, не наседнувам на неговото сценарио
Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска со критики до претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, откако на прес-конференција тој кажа дека објава на видео од неговите малолетни деца нема да го замолчи и ги повика институциите да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојаноска.
Пратеничака Стојаноска пак во објава на социјалните мрежи вели дека сосема е препознатлив речникот на Трендафилов и дека не би сакала воопшто да наседнува на неговото сценарио.
„Видеото јасно го прикажува неговото однесување со службеното возило на ССМ. Не се цел неговите малолетни деца (чии што идентитети се прикриени на самото видео). Целта е да се прикаже на јавноста како овој “волк” изигрува јагне, “бранејќи” ги правата на работниците или во превод: разоткриено е целото лицемерие на “водачот” .
Јавните личности треба да се подготвени на секакви видеа и фотографии. Тоа е “цената” која секоја јавна личност знае како и колку ја “плаќа”.
Секако, не мислевте дека ние, како пратеници, немо ќе гледаме како “со сите средства” поддржани од вашите политички ментори СДСМ и Левица, вршите притисок врз мнозинството и промовирате идеологија од минатото, каде државата или законодавецот се става над приватната сопственост.
Што се однесува до видеото, можеби да е и од некој незадоволен работник од “штитењата” на Трендафилов?!?
Што се однесува до мојата реакција на неговата изјава (закана): Почитувам закони и Устав! Нека се постапи согласно законите и да видиме кој тоа е виновен?!?
П. С. Да наречеш пратеничка (која предводеше листа на последните парламентарни избори која освои 21.622 гласови) монструм, не само што е напад врз жена, туку е напад и врз 21.622 жители на ИЕ 6.
П. П. С. “Јагнето” Дичо за истите тие избори се фалел дека “вредел” околу 7-8.000 гласа (а, вчера беа само 50 ина на “блокадите”) и дека сите ги убедил да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ на ниво на цела Македонија.
П. П. П. С. Ако сака да ја продолжи “битката” со мене, го чека ДАФИНА“, напиша пратиничката на социјалните мрежи.
Македонија
Режимот на ДПМНЕ со демнење и следење демонстрира сила наместо да одговори како се преживува со 400 евра плата, велат од Левицата
Левица најостро реагира на скандалот со следењето на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, што кулминираше со јавно објавување на снимка на која тој е заедно со неговите малолетни деца. Ова е злоупотреба на безбедносни механизми и демонстрација на режимска сила насочена против синдикалното организирање, велат од оваа партија.
„Откако Христијан Мицкоски наместо достоинствено да одговори на барањата на работниците, јавно најави дека „ќе се виделе снимки“ од претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, следеше објава од пратеничката Дафина Стојановска – со видео во кое синдикалниот лидер е снимен заедно со неговите малолетни деца. Овој хронолошки след не остава простор за наивни толкувања, туку станува збор за координирана политичка операција со цел дискредитација, заплашување преку крајно недозволиви механизми на демнење и следење“.
Во држава во која безбедносните служби посебните истражни мерки (ПИМ) смеат да ги користат исклучиво за тешки кривични дела, според Левица, следење на синдикален лидер кој бара повисоки плати претставува скандал од прв ред.
„Доколку се користени тајни служби или ПИ мерки за политичка пресметка со синдикат, тоа е директна злоупотреба на државниот апарат. Ако, пак, следењето е вршено по партиска линија со логистика и ресурси достапни преку власта, тогаш станува збор за параинституционално дејствување кое е подеднакво опасно и претставува кривично дело!
Дополнително, објавувањето снимка во која се појавуваат малолетни деца претставува особено дрско и неморално преминување на сите граници. Тоа е обид за притисок и индиректна закана – порака дека секој кој ќе се спротивстави на вмровската власт може да биде ставен под надзор, изложен и компромитиран.
Дафина Стојановска – пратеничка која важи за паразит кој со години наплатува високи патни трошоци и покрај тоа што поседува меѓудругото и четири стана во Скопје, денес глуми разобличувач на човек кој бара достоинствени плати за работниците. Тоа лицемерие е политички цинично и морално неодбранливо. Станува збор за пратеничка која очигледно вчера била изреволтирана што не успеала да наплати патни трошоци, бидејќи претходно, јавноста помни, дека жестоко се спротиставуваше на укинувањето на патните трошоци на пратениците! Инаку, нејзините патни трошоци само во 2025 година надмниуваат 11 минимални плати.
Да бидеме јасни – барањата на синдикатите немаат партиска позадина“.
Како што нагласуваат од Левица, тие произлегуваат од реалноста во која платите на работниците се заглавени на дното во регионот и Европа, инфлацијата го уништува домашниот буџет, сметките растат, животниот стандард опаѓа, а општините предводени од ДПМНЕ ги зголемуваат трошоците за граѓаните до надоместоци за градинки.
„Во такви услови, синдикалната борба е легитимна и неопходна.
Ова е симптом на власт која ја поистоветува државата со партијата и безбедносниот апарат со сопствената пропагандна машинерија. Следење на синдикален претставник и јавно изложување на неговото семејство претставува јасна демонстрација на ароганција, страв и авторитарен менталитет. Наместо да се соочи со сиромаштијата, инфлацијата и понижувачките плати, ДПМНЕ избира да произведува афери и да таргетира луѓе кои бараат достоинствен живот за работниците.
Прашањето на кое функционерите од ДПМНЕ треба да одговорат не е кој е Слободан Трендафилов, туку дали тие би преживеале со 400 евра плата“.

