Македонија
Од недела операторите најавија времени прекини на ТВ-програмите, освен на МРТ
Македонските оператори информираат дека од 21 јуни (недела) се принудени да почнат со времени прекини во реемитување на сите телевизиски програми, освен на јавниот сервис МРТ.
Ова, како што велат, се должи на измената на законската и подзаконската регулатива во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, со која на операторите им се наметнуваат неуставни обврски.
„На овој начин сакаме да го подигнеме нивото на свесност за сериозноста на ова прашање кај пошироката јавност, особено нашите крајни корисници, кои ќе бидат најмногу погодени од актуелното законско решение. И покрај сите напори, реакции и отвореност за соработка, во интерес на корисниците, состојбата со реемитување на телевизиски канали нема решение туку сè повеќе се комплицира. Одлуката за времени прекини ја поддржуваат сите оператори кои се дел од Здружението на ИКТ при Стопанската комора на Македонија.
Причината за ваквиот чекор е усвојувањето на измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги по скратена и нетранспарентна постапка, без претходна консултација и расправа. Со овој закон, на сите оператори им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програмите кои само ги реемитуваат и за тоа да сносат кривична и материјална одговорност. Реемитувањето на програми и авторските права е согласно ЕУ-стандардите и е веќе уставно регулирано со закон.
Дополнително, на 29.05.2020, во време на вонредна состојба, донесена е уредба со која законот е надополнет со уште една обврска на штета на операторите и корисниците која го доведува во прашање натамошното реемитување на телевизиски содржини преку нашата јавна електронска комуникациска мрежа. Оваа уредба им наментува обврска на операторите за пререгистрација на веќе регистрирните странски канали во рок од 60 дена.
Сите оператори по истекот на овој период, односно на 8.8.2020 ќе треба да ги исклучат странските канали кои ги реемитуваат, поради регулативата која од една страна бара нивна пререгистрација под нови услови без оправдани причини, а од друга страна бара изјави со кои под морална и кривична одговорност операторите би одговарале за нешто за што немаат законска должност ниту, пак, моќ да го контролираат“, се наведува во соопштението.
Оттаму порачуваат дека се отворени за соработка и дека понудиле предлог за измена на Законот и на подзаконските акти кои доколку се прифатат ќе добијат прифатливо решение што ќе го превенира потенцијалниот медиумски и информативен мрак.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Ако лажат британските медиуми и „нема легални и нелегални мигранти“ – Мицкоски нека ја потпише Резолуцијата!“, бара СДСМ
„Христијан Мицкоски тврди дека британските медиуми, кои објавија дека се договара прифаќање мигранти во Македонија за пари, лажат. Исто така, тврди дека „нема легални и нелегални мигранти“. Значи, според Мицкоски, сите лажат“, велат од СДСМ.
„Ако е навистина така, тогаш зошто Мицкоски не ја потпишува Резолуцијата? Што чека? Зошто одолговлекува и бега?
Еве, нека ја потпише Резолуцијата на СДСМ. Со само еден потпис ќе ги расчисти сите сомнежи и дилеми.
Ние сме конструктивни и транспарентни од првиот ден. Резолуцијата е јавно објавена и сите ја видоа.
Граѓаните бараат дела – конкретен чекор од Мицкоски, а не празни зборови.
Затоа што за граѓаните неговите зборови одамна не важат, поради сите ветувања што не ги исполни. Како и ветувањето дека ќе се повлече од политиката ако се докаже поврзаност со Агенцијата за обезбедување во Кочани. А има и многу други неисполнети ветувања. Списокот е долг.
Мицкоски веднаш нека ја потпише Резолуцијата, а не да ја руши со контра Резолуции. Потпиши и нема мигранти. Толку е едноставно.
Ако одбива да потпише – тогаш сè е јасно: Мицкоски не ја зборува вистината, а договор за мигранти сепак има“, соопшти СДСМ.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.

