Македонија
AВМУ: Беса добива минути за политичко рекламирање во рамки на коалицијата
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најостро ги отфрла обвинувањата дадени во денешната изјава на портпаролката на СДСМ дека Агенцијата ја става партијата ВМРО ДПМНЕ во повластена положба и дека на Движењето БЕСА му се нанесува штета.
„Движењето Беса, според листите на кандидати потврдени од Државната изборна комисија е дел од Коалицијата Можеме и според тоа може да добие минути за платено политичко рекламирање исклучиво во рамките на минутите доделени за оваа коалиција“, велат од АВМУ.
Оттука наведуваат дека нацрт- верзијата на Упатството за лимитите за платено политичко рекламирање била изготвена пред речиси четири месеци, по што била отворена јавна расправа и биле повикани сите заинтересирани страни да се произнесат по неговиот текст. До усвојувањето на Упатството на 19 јуни, ниту СДСМ ниту БЕСА не доставиле какви било забелешки или предлози. Упатството е донесено едногласно од сите членови на Советот на Агенцијата.
„Распределбата на времето за платено политичко рекламирање во сегашното Упатство е направена на потполно идентичен начин како и за Претседателските избори 2019 година, имајќи предвид дека важи истата одредба од Изборниот законик. Во тој изборен циклус, кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски доби 4 минути, односно двојно повеќе време од кандидатите поддржани од опозицијата Гордана Силјановска и Блерим Река кои имаа по две минути. Тогаш, СДСМ немаше никакви забелешки или реакции во однос на распределените минути, а сега, иако е применета истата логика, изнесува неосновани обвинувања за Агенцијата, водејќи се од тесни партиски интереси“, велат од АВМУ.
Агенцијата во неколку наврати искажа несогласување и јавно и преку реакција до надлежните институции во врска со споменатата законска одредба дека не обезбедува еднакви услови за сите учесници во изборниот процес и дека не е применлива за различните изборни циклуси. И покрај тоа, велат од Агенцијата, и овојпат вложиле напори соодветно да ја имплементираат законската одредба, во корелација со другите одредби од Изборниот законик.
Во иднина, политичките партии, наместо вградување свои решенија, креирањето на изборната легислатива да го остават на професионалците, бидејќи легислативата e еден од најзначајните предуслови за спроведување демократски избори, додава АВМУ преку соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ: Започна, доаѓаат „економски работници“
СДСМ обвинува дека Владата предводена од Христијан Мицкоски ја отвора државата за масовен прилив на странски таканаречени „економски работници“, иако во земјава, како што велат, има речиси 100.000 невработени.
На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Рената Младеновска, изјави дека Владата донела одлука за вработување на нови 10.000 странски работници во 2026 година, што е двојно повеќе од лани.
Според СДСМ, процесот бил подготвуван подолго време. Тие потсетија дека британски медиуми претходно објавиле за стратешки договор со кој мигранти би можеле да добијат работни визи за Македонија, по што следеле измени на Законот за странци со олеснети услови за влез, престој и работа, како и продолжување на важноста на дозволите.
Младеновска обвини дека со овие измени е создадена правна рамка за долгорочно задржување на странски работници во земјата, особено во случаи на „стратешки партнер“. Таа додаде дека власта донела и резолуција во Собранието со која, според СДСМ, ѝ било оневозможено на опозицијата да зборува за прашањето за мигрантите.
Од СДСМ оценуваат дека одлуката доаѓа во време кога македонските работници имаат најниски плати во регионот и Европа, а Владата, како што велат, тврди дека нема средства за зголемување на минималната плата и дека во Буџетот недостигаат околу две милијарди евра.
Македонија
„Биди одговорен возач – користи зимска опрема“ – полицијата во Охрид ги потсети возачите на обврската
На 15 јануари, отсекот за превенција при СВР Охрид, ја реализираше превентивната сообраќајна кампања „Биди одговорен возач-користи зимска опрема“. Притоа, полициски службеници од отсекот, на повеќе сообраќајни пунктови во градот, остварија кратки разговори со возачите на моторни возила и ги потсетуваа на потребата и законската обврска за задолжително носење и користење зимска опрема во возилата како основен предуслов за безбедно движење на моторните возила во зимски услови.
Целта на кампањата е подигање на свеста на учесниците во сообраќајот, за доследно почитување на законската обврска за носење и користење зимска опрема во возилата во текот на зимската сезона и подигнување на безбедносната култура кај возачите и јакнење на свеста и совеста за поголема внимателност и одговорно однесување во сообраќајот во зимски услови.
На возачите, им беа поделени флаери со низа практични совети за безбедно управување моторни возила и им беше укажано на потребата од прилагодување на брзината према условите и состојбите на патиштата.
Скопје
Кисела Вода го модернизира осветлувањето: LED светилки со паметен систем за контрола
Општина Кисела Вода продолжува со проектот за замена на уличните светилки, со цел подобрување на осветленоста и енергетската ефикасност на јавните површини.
Се работи во населбата Пинтија, во рамките на втората фаза од проектот кој ги опфаќа и населбите Кисела Вода и Припор. Досега, се заменети над 2.400 светилки во населбите Пржино и Црниче. Со новите LED сијалици, осветлувањето ќе биде поекономично, со намалена потрошувачка на енергија во споредба со старите светилки, а нивниот век на траење е 4,2 пати подолг. Дополнително, светилките ќе се управуваат преку паметен систем, кој овозможува подобра контрола и ефективност.
Реализацијата на овој проектот кој се изведува во пет фази, обезбедува безбедни, современи и функционални улици, со пониска потрошувачка на енергија и долготрајни решенија за јавното осветлување во општина Кисела Вода.

