Спорт
На само 31 годинa почина европската шампионка во стрелаштво, Момчиловиќ

Повеќекратната европска шампионка во стрелаштво, Србинката Бобана Момчиловиќ-Величковиќ починала на 31 година по кратка и тешка болест, потврди Стрелачкиот сојуз на Србија (ССС).
Според српските медиуми, една од најдобрите српски олимпијки во последната деценија починала по компликации по породувањето со нејзиното прво дете. Таа се породила пред дваесет дена, но нејзината состојба не се подобрила.
Момчиловиќ-Величковиќ стана европска шампионка во воздушен пиштол во 2010 година, и ја одбрани титулата во 2012 година, за оваа година по третпат да стане шампионка. На Олимпијадите таа настапи двапати, во Лондон во 2012 и во Рио де Жанеиро во 2016, каде што освои седмо место. Со Србија таа освои пет европски тимски титули, а во 2014 беше и светски шампион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Обамејанг шоу против Гамбија – Постигна четири гола и доби црвен картон

Со убедлива победа на гости против Сејшелите, фудбалерите на Брегот на Слоновата Коска се доближија до пласман на Светското првенство, кое ќе се одржи во САД, Мексико и Канада од 11 јуни до 19 јули следната година.
Брегот на Слоновата Коска се први на табелата во групата Ф, попладнево победија со 7:0 против Сејшелите со головите на Сангаре (7-11м), Агбаду (17), Диаките (32), Гесанд (39), Диоманде (55), Адингра (67) и Кеси (90).
„Слоновите“ сега имаат 23 бода, еден повеќе од Габон, кој ја победи Гамбија со 4:3 како гостин во натпревар полн со пресврти. Габон водеше со 1:0 и 2:1, Гамбија направи пресврт на 3:2, но на крајот Габон сепак победи со 4:3.
Сите четири гола за Габон ги постигна ветеранот Пјер-Емерик Обамејанг (20, 42, 62, 78), но беше исклучен во 85-та минута поради втор жолт картон, додека стрелци за Гамбија беа Минтех (23) и Сидибех (45+2, 47).
За четири дена, Брегот на Слоновата Коска ќе има можност да го обезбеди Светското првенство со победа дома против Кенија, додека Габон, со победа против Бурунди, ќе мора да чека кикс на „Слоновите“, за да го обезбеди своето историско прво патување на Светското првенство.
Спорт
Младата репрезентација со пресврт до победа над Ерменија

Младата македонска фудбалска репрезентација ја забележа првата победа во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2027 година.
Попладнево во Скопје, Македонија ја победи соодветната селекција на Ерменија со 2:1. Херој на победата беше стрелецот на двата гола, Димитар Трајков.
Македонските надежи со пресврт во второто полувреме дојдоа до првите бодови во Е групата. Ерменците имаа предност од 38-та минута кога погоди Ховханисијан.
Пресвртот го режираше напаѓачот на Работнички, Трајков, со головите во 54-та и 83-та минута.
Фото/ Фудбалска федерација на Македонија
Спорт
(Видео) Бразил ја декласира Јужна Кореја

Бразилската фудбалска репрезентација ја победи Јужна Кореја со 5:0 во пријателски натпревар одигран во Сеул.
Екипата на Карло Анчелоти ја демонстрираше својата сила против една од најдобрите азиски селекции.
Двојни стрелци за „селесао“ беа Естевао (13, 47) и Родриго (41, 49), додека еден гол постигна Винисиус Жуниор (77).
Со играта, Бразил потсети на најдобрите денови на оваа репрезентација, Родриго, Естевао, Куња, Винисиус правеа што сакаат на теренот.
Foto/ EPA