Топ
Обвинителството поднесе жалба, се бара построга казна за една од обвинетите за смртта на Тамара
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе жалба на пресудата на Основниот кривичен суд Скопје против една од обвинетите во случајот со лекувањето на девојчето Тамара Димовска од Велес.
Постапувајќи по поднесениот обвинителен акт од Основното јавно обвинителство Скопје, а по барање на обвинетата, поради здравствени причини, судот ја раздвои постапката против неа и донесе првостепена пресуда со која ја огласи за виновна и изрече алтернативна мерка – условна осуда со која утврди казна затвор од една година, која нема да се изврши доколку обвинетата во рок од три години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.
Во жалбата надлежниот јавен обвинител оценува дека првостепениот суд правилно ја оценил фактичката состојба кога нашол дека кај дејствијата на обвинетата се содржани елементите на кривичното дело несовесно работење во службата од член 353-в став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Но, изречената кривична санкција според Обвинителството не е адекватна на стореното кривично дело и не води до остварување на целите на казнувањето, во смисла на специјална и генерална превенција на ваков вид кривични дела. Од тие причини, надлежниот јавен обвинител побара од Апелациониот суд Скопје да ја уважи жалбата и да ја преиначи пресудата во делот на одлуката за кривична санкција, па на обвинетата даѝ изрече построга санкција, соопшти Обвинителството.
Во предметот за лекувањето на девојчето Тамара Димовска, Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен предлог против вкупно 12 лица за сторено кривично дело несовесно работење во службата од член 353-в став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Обвинителството постапуваше по предметот оформен по допрен глас, кон кого подоцна беше припоена и кривичната пријава поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права и законскиот застапник на оштетеното дете, сега починатата Тамара Димовска од Велес.
Како резултат на многубројните спроведени истражни дејствија во една темелна и сеопфатна преткривична постапка, беше утврдено дека обвинетите пет члена од Првостепената лекарска комисија за одлучување по правото на лекување во странство, во рамките на Фондот за здравствено осигурување го донеле првичното негативно мислење за лекувањето на Тамара Димовска. Мислењето дека не се исцрпени можностите за лекување на пациентот во Република Македонија тие го донеле по истекот на законски предвидениот рок и спротивно на мислењето на Стручниот конзилиум на УК ТОАРИЛУЦ. Постапувајќи по ваквото мислење, двајца од обвинетите во својство на директори на Фондот за здравствено осигурување донеле решение со кое барањето за лекување во странство се одбива како неосновано. Истото решение било потврдено и од обвинетите членови на Второстепената лекарска комисија, а конечно потпишано од обвинетото лице во својство на претседател на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, без притоа да се одржи седница на Управниот одбор.
Против останатите 11 обвинети лица, кривичната постапка пред Основниот кривичен суд Скопје продолжува и е во фаза на доказна постапка, при што се изведуваат доказите по предлог на одбраната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: После повеќе од 60 години Охридскиот аеродром е легализиран
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави дека аеродрoмот Св. Апостол Павле во Охрид конечно е легализиран.
„На последниот ден од 2025 година сакам да споделам убава вест дека охридскиот аеродром кој оперира уште од 1970-тите години конечно е легализиран!
Изминатава година тим од Министерството за транспорт, АД Аеродроми и ТАВ, заедно со Катастар, Државното правобранителство, Управата за имотно-правни работи и други владини институции посветено работеше конечно да се впише Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ во катастар и конечно овој стратешки објект да добие имотен лист.
Во нормални услови ова воопшто не би било вест, но после толку години негрижа и запоставување на државниот капитал сметам дека е важно да се запознае јавноста.
Во следниот период ќе работиме на модернизација и реконструкција на Охридскиот аеродром со цел да привлечеме нови туристи“, објави вицепремиерот Николоски.
Македонија
Осум месеци затвор за поранешниот директор на затворот во Шутка, Филип Андов-Сокол, условни казни за обвинетите полицајци
Од Основниот кривичен суд Скопје соопштија дека поранешниот директор на затворот „Скопје“ и актуелен член на Извршниот одбор на опозицискиот СДСМ, Филип Андов-Сокол, е прогласен за виновен и осуден на осум месеци затвор во судскиот процес што против него и уште шестмина затворски полицајци се водеше за злоупотреба на службената положба и овластување.
„Основниот кривичен суд Скопје, ја објави пресудата за предметот со КОК бр. 98/25 поврзан со вработени во КПУ Затвор Скопје со која, обвинетите ги огласи за виновни за кривичните дела кои им се ставаат на товар и ценејќи ги сите олеснителни и отежителни околности, на обвинетиот:
Ф.А. за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.5 вв со ст.1 вв со чл. 45 и чл. 22 од КЗ го осуди на казна затвор во траење од 8 месеци,
Обвинетиот П.А. за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.1 вв со чл. 45 и чл. 22 од КЗ му изрече алтернативна мерка – Условна осуда од 6 месеци затвор кои нема да се реализираат доколку во следните 2 години од правосилната пресуда не стори ново кривично дело,
Обвинетиот Ѓ.Р. за кривичното дело Несовесно работење во службата од чл. 353 – в ст.1 од КЗ му изрече алтернативна мерка – Условна осуда од 3 месеци затвор кои нема да се реализираат доколку во следните 1 години од правосилната пресуда не стори ново кривично дело,
Обвинетиот С.П. за кривичното дело Несовесно работење во службата од чл. 353 – в ст.1 од КЗ му изрече алтернативна мерка – Условна осуда од 3 месеци затвор кои нема да се реализираат доколку во следните 1 години од правосилната пресуда не стори ново кривично дело,
Обвинетиот Т.Н. за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.1 вв со чл. 45 и чл. 22 од КЗ и кривичното дело Несовесно работење во службата од чл. 353 – в ст.1 од КЗ, му утврдува единствена казна, односно алтернативна мерка – Условна осуда од 8 месеци затвор кои нема да се реализираат доколку во следните 3 години од правосилната пресуда не стори ново кривично дело,
Обвинетиот Е.О. за кривичното дело Несовесно работење во службата од чл. 353 – в ст.1 вв со чл. 45 од КЗ му изрече алтернативна мерка – Условна осуда од 6 месеци затвор кои нема да се реализираат доколку во следните 2 години од правосилната пресуда не стори ново кривично дело и
Обвинетиот К.В. за кривичното дело Несовесно работење во службата од чл. 353 – в ст.1 од КЗ му изрече алтернативна мерка – Условна осуда од 3 месеци затвор кои нема да се реализираат доколку во следните 1 години од правосилната пресуда не стори ново кривично дело.
Како што истакнуваат од Кривичниот суд, изречената пресуда не е правосилна и на неа странките, односно Обвинителството и обвинетите имаат право на жалба пред Апелацискиот суд Скопје.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Трагедијата во Кочани како сенка ќе нè следи цел живот, да не ги заборавиме нивните најблиски, повредените, а најмногу, правдата
Годинава што си оди ќе ја помниме по драматичните промени на меѓународниот поредок, незамисливите војни со огромни човечки жртви, забрзаната милитаризација, растечката климатска, еколошка и енергетска криза, маргинализираните меѓународни институции и суспендираното меѓународно право, кажа во новогодишната честитка, претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.
„Нашата надворешна и безбедносна политика беше европска надворешна и безбедносна политика, и во неа се промовиравме како видлив и почитуван актер. Во евроинтеграциските процеси се фокусиравме на исполнување на Копенхашките критериуми. Дома, 2025-та беше година на почеток на реформи во правосудството, отворање битка со корупцијата и криминалот, креирање национална развојна стратегија, воспоставување нови стратешки партнерства во функција на економски и други реформи, инфраструктурна офанзива, долгорочно решавање на енергетското прашање, системско решавање на соработката со дијаспората. За сите нас, најтешкиот момент во 2025-та година беше трагедијата во Кочани и таа како сенка ќе нè следи цел живот. Останува обврската да не ги заборавиме нивните најблиски, но и повредените, а најмногу – правдата“, порача претседателката.
Нивната немерлива жртва, како што рече, мора да направи подобри луѓе од сите нас, но и политички и правен систем којшто нема да дозволи нови невини жртви.
„Посакувам Новата година да биде време на исчекор кон траен светски мир, потпрен на меѓународното право и на меѓународните институции, сакам ние да се вдомиме во Европската Унија, решени да живееме во амбиент на владеење на правото, демократија, економски просперитет и здрава животна средина!
Лично, секому од вас, му посакувам Нова година каква што најмногу сака!
Среќна Нова 2026 година, сакани деца, среќна Нова година почитувани млади, среќна Нова година почитувани граѓани“, вели Сиљановска-Давкова.

