Македонија
Заев: СДСМ нема да прифати ултиматум од ДУИ за премиер Албанец
СДСМ нема да прифати ултиматум за премиер Албанец од ДУИ дури и ако тие се клучни за формирање нова влада по изборите, рече Заев, посочувајќи дека ултиматуми не треба да прифатат ниту Мицкоски и Ахмети.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, посочува дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе бидат опозиција по изборите. Тој им порача на двете партии да соберат гласови од другите етнички заедници во Македонија, како што тоа го прави СДСМ, а луѓето да ги делат на добри и лоши, квалитетни и неквалитетни.
„ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ остануваат заедно во опозиција. Тие си помагаат како ДУИ со ваквиот наратив да поминат во опозиција. Навистина по 17 години власт, здраво е и за државата ДУИ да отиде во опозиција. Тоа е здраво и за нив, во опозиција партиите се подобруваат, реформираат. Тоа е наш став, како СДСМ, а граѓаните определуваат на изборите. ДУИ нека се помачат малку да добијат македонски, босански, бошњачки, турски гласови во државата. Или ВМРО-ДПМНЕ, исто е тоа. Идниот премиер ќе биде од СДСМ“, рече Заев.
Барањето и кампањата на ДУИ за премиер Албанец, лидерот Заев ја нарече национал-популистички концепт, поради кој тие ќе изгубат гласови.
„Преговори во партиите постоеле и постојат. Првпат изнедривме мултиетничка коалиција со сите етникуми внатре, а тоа е сериозна гаранција за граѓанскиот концепт и нашата идна победа која ја очекуваме како пренесена одговорност од граѓаните. Јас себеси и мојот СДСМ го сметам за основоположник на концептот едно општество за сите. Ние покажавме дека сме растоварени од етничката припадност на граѓаните. Имате добри и лоши луѓе, квалитетни и способни граѓани и неквалитетни и неспособни граѓани кои не можете да ги номинирате за која било функција. Ние имаме потпретседатели на СДСМ, имаме министри, пратеници во Собранието, директори на јавни институции од СДСМ, од сите етнички заедници. Ова што денес се пласира од ДУИ е само национал-популистички концепт и ништо друго. Верувам дека и ДУИ ќе изгуби поради тоа. Граѓаните треба да ги гледаме како кандидати во политиката, а по тоа како кадарни, квалитетни, посветени, луѓе со квалитет“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улиците: Полог и Кочанска, општина Кисела Вода;
– од 08:30 до 16:00 часот, корисниците од населените места и објектите од село Алдинци кон Солунска Глава, општина Студеничани;
– од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Македонско Косовска Бригада, општина Шуто Оризари;
– од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од објектите во околината на зграда бр. 17 на бул. Партизански Одреди, општина Центар;
– од 09:30 до 13:00 часот, корисниците од ул. 6 во село Бардовци, општина Карпош.
Македонија
Непречен сообраќај по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Времето денес облачно со повремени врнежи од дожд и засилен ветер
Времето денес ќе биде променливо облачно и релативно топло со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни со услови за појава на грмежи. Ќе дува засилен до силен ветер од југозападен правец (над 70 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15, а максималната ќе достигне од 19 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд, локално пороен. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Во утре ќе има преодно стабилизирање на времето. Од недела до вторник ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во понеделник наместа врнежите ќе бидат пообилни и поројни со услови за појава на грмежи. Ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен правец (над 70 km/h).

