Македонија
Отфрлена кривичната пријава за лекарска грешка во случајот со пациентот Булент Ибрахим
Основното јавно обвинителство Скопје ја отфрли кривичната пријава против три физички и две правни лица за лекарска грешка во случајот со пациентот Булент Ибрахим, кој почина минатата година.
Кривичната пријава од семејството на починатиот се однесуваше на лекарска интервенција извршена врз Ибрахим на 18.2.2019 година, која ја извршил еден од пријавените лекари во изнајмена операциона сала во сопственост на вториот пријавен, а со асистенција на третата пријавена. Според семејството, пријавените очигледно примениле неподобно средство и начин на лекување, како и несоодветни хигиенски мерки со што предизвикале влошување на здравствената состојба на пациентот, кој по оперативниот зафат добил висока температура и сепса. Првопријавениот лекар кој ја извршил интервенцијата, наместо да го упати пациентот на лекување во специјализирана здравствена установа, доаѓал во домот на оштетениот и му давал инфузија. Кога на 21.2.2019 година констатирал дека терапијата што ја препорачал не дава никаков ефект и дека пациентот е во критична состојба, пријавениот со сопствено возило го однел оштетениот во ГОБ „8 Септември“, каде и покрај обидите на лекарите да го спасат неговиот живот, тој починал.
По приемот на пријавата, Основното јавно обвинителство Скопје го спои овој предмет со предметот кој веќе беше оформен врз основа на допис од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за спроведен здравствен надзор врз здравствените установи каде била извршена интервенцијата врз пациентот.
Постапувајќи во рамките на своите надлежности, јавниот обвинител ја обезбеди целокупната медицинска документација за третманот на починатото лице и ја проследи до Лекарската комора и до Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија од кои побара да изготват стручно мислење по однос на постапувањето на докторите во конкретниот случај.
Лекарската комора со допис го извести Обвинителството дека по спроведен стручен надзор едногласно констатирала дека лекувањето на лицето Булент Ибрахим, условите и начинот на лекување, односно на укажување здравствена заштита билe спроведени без стручни пропусти, согласно упатствата на медицината базирана на докази.
Институтот за судска медицина, пак, постапувајќи по наредбата од Основното јавно обвинителство Скопје со допис одговори дека со оглед на тоа што не е извршена ниту судско-медицинска ниту патолошка обдукција врз починатото лице, не може да се утврди причината за смртта на Ибрахим, односно причинско-последичната врска меѓу извршената интервенција и смртта на пациентот. Јавниот обвинител се интересираше за можноста да се изврши ексхумација на телото на починатиот, при што доби одговор дека таква обдукција не би била од корист во смисла на доказна вредност, бидејќи органите и ткивата веќе би биле променети поради гниење.
Подносителите на пријавата во текот на постапката приложија и приватно вештачење изготвено од лекар – судски вештак од областа на хирургија и трауматологија, кој извршил вештачење врз медицинската документација која му била доставена од семејството и констатирал причинско-последична поврзаност меѓу извршениот оперативен зафат и смртта на пациентот. Јавниот обвинител го повика на распит вештото лице, а при неговото испитување, заради професионална помош од областа на судската медицина, ангажираше и двајца технички советници од Институтот за судска медицина. Во текот на распитот вештакот наведе дека е тешко да се утврди постоење на сепса и таа да се поврза со смртта на пациентот без притоа да биде направена обдукција и во целост се согласи со техничките советници дека е потребно да постои обдукционен протокол, односно дека во конкретниот случај отсуствуваат релевантни докази. Тој се изјаснил дека во конкретниот случај сепсата била една од можностите за настапување на смртта, но не и единствена можност и дека отсуствуваат битни докази за да се утврди причинско-последичната врска.
Првопријавениот лекар, кој го извршил оперативниот зафат, пред јавниот обвинител го негираше сторувањето на кривичното дело и потенцираше дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Лекарската комора и формираната стручна комисија во Министерството за здравство не констатирале пропусти во однос на неговото постапување како доктор.
За постоење на кривичното дело тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 2 во врска со член 207 став 1 од Кривичниот законик потребно е да се утврди значително отстапување од правилата на медицинската наука и струка што како последица придонело за влошување на здравствената состојба на пациентот. Делото е конструирано како деликт на повреда, што значи дека не се инкриминирани лекарски грешки што остануваат во границите на дозволениот ризик, односно немаат таква последица.
Врз основа на утврдените факти и прибраните докази во предметот, со оглед на тоа што причинско-последичната врска во конкретниот случај беше невозможно да се утврди, Основното јавно обвинителство Скопје донесе решение за отфрлање на кривичната пријава против трите пријавени физички лица. Против двете правни лица, пак, кривичната пријава е отфрлена, бидејќи законските одредби од цитираните членови не предвидуваат кривична одговорност за правни лица.
Решението за отфрлање на кривичната пријава е доставено до подносителите на пријавата, кои согласно член 288 став 2 од Законот за кривична постапка имаат право на жалба до Вишото јавно обвинителство Скопје во рок од 8 дена по приемот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

