Црна хроника
Директорот на Пескара Вел Велес фатен во финансиски криминал тежок 165.000 евра
Директорот на фирмата Пескара Вел Велес и сметководителот вработен во Мак консалтинг Сузана ДООЕЛ Скопје затаиле данок во висина од 165.000 евра.
Финансиската полиција до Основното Јавно обвинителство во Велес поднесе кривични пријави против лицата Ј.М од Велес инаку директор на Пескара Вел Велес и З.З од Скопје вработен како сметководител.
Според податоците од предистражната постапка, првопријавениот Ј.М од Велес, во својство на управител и овластен потписник на банкарската сметка на правниот субјект ПЕСКАРА-ВЕЛ ДООЕЛ Велес, помогнат од второпријавениот З.З, сметководител од правниот субјект МАК КОНСАЛТИНГ СУЗАНА ДООЕЛ Скопје, со намера да се стекне со противправна имотна корист во период од 2008-2012 година противправно прикажал повисок износ на влезен ДДВ, на начин што за потребите на правниот субјект ПЕСКАРА-ВЕЛ ДООЕЛ Велес употребил поголем број на фактури со невистинита содржина за наводно извршени набавки на стоки, со вкалкулиран износ на ДДВ од правните лица ВИЗУС ИНТЕРНАЦИОНАЛ, МАРТОМ ДООЕЛ, БОР-ЗО ИНЖИНЕРИНГ, ТОМ-СТЕ ПРЕВОЗ и МАРТИН-МС сите од Скопје. Сите овие фирми кои буквално произведувале фактури со невистинита содржина, од претходно и се познати на финансиската полиција бидејќи истите се контролирани од страна на второпријавениот сметководител З.З против кој од страна на Финансиската полиција се поднесени неколку кривични пријави за измами за ДДВ тешки неколку милиони евра.
Криминалната шема која ја терале прво и второ пријавениот се состоела во тоа што второпријавениот З.З изготвувал фактури со невистинита содржина за наводна испорака на песок од страна на фирмите кои биле под негова контрола до крајниот корисник Пескара Вел Велес. Откако Пескара Вел Велес ќе извршела плаќање за наводно набавениот песок од фирмите ВИЗУС ИНТЕРНАЦИОНАЛ, МАРТОМ ДООЕЛ, БОР-ЗО ИНЖИНЕРИНГ, ТОМ-СТЕ ПРЕВОЗ и МАРТИН-МС, З.З кој бил овластен потписник на банкарските сметки на сите овие фирми, парите ги вадел од банкарските сметки и му ги враќал на првопријавениот Ј.М.
Олеснителна околност за откривање на сторениот финансиски криминал е и неспретноста на пријавените бидејќи во испратниците за наводен транспорт на песок откриено е дека како средства за превоз на илјадниците тони песок наместо камиони евидентирале патнички моторни возила од кои едно е приватниот џип на второпријавениот З.З, две возила се со таблици кои ги користи Службата за општи и заеднички работи при Владата на Република Македонија а преостанатите таблици се од патнички возила кои не биле во употреба подолг временски период. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Обвинение за семејно насилство врз бремена девојка во Свети Николе
Основното јавно обвинителство Свети Николе итно ги презеде сите дејствија за обезбедување докази и поднесе обвинение против 21-годишник за нанесување телесна повреда при семејно насилство, што е кривично дело според член 130 став 2 во врска со став 1, како и за противправно лишување од слобода според член 140 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, обвинетиот на 19 и 20 февруари, во семејната куќа во Свети Николе, при вршење семејно насилство, ја ограничил слободата на движење и телесно ја повредил неговата бремена девојка.
„Ја навредувал оштетената со која живееле во семејна заедница, а потоа започнал да ја удира со тупаници. Кога девојката се онесвестила од ударите, ја однел во бањата каде ја освестил со ладна вода, по што почнал да ја влече за коса и повторно да ја удира со боксови по главата и телото. Оштетената од ударите се здобила со повеќе телесни повреди, а кога се обидела да избега обвинетиот и го одзел мобилниот телефон и ја заклучил во спалната соба, каде ја држел 15 часа спротивно на нејзината волја.
Јавниот обвинител, заедно со обвинението, поднесе и предлог за определување мерка притвор за обвинетиот. Во меѓувреме се вршат проверки и во однос на наводи и сомненија за други дејствија на злоупотреби од ова лице кон истата оштетена, кои произлегуваат од нејзиниот исказ даден пред јавниот обвинител“, велат од Обвинителството.
Топ
Од Дубаи екстрадирано лице барано со потерница од македонската полиција, прва екстрадиција од Обединетите Арапски Емирати во нашата земја
Денеска од Дубаи во нашата земја беше екстрадиран 33-годишниот Флорим Лимани, кој беше баран со меѓународна потерница за издржување затворска казна од три години и шест месеци за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”, казниво по чл. 396 ст.1 од КЗ.
Ова е прва реализирана екстрадиција на лице од Обединетите Арапски Емирати, кое нашата држава го бара со меѓународна потерница, извести МВР.
Фото: МВР
Топ
Кривична против поранешна директорка на Клиничка болница Битола за злоупотреба на службената положба и овластување
СВР Битола, до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против Е.И.(53) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”.
Пријавената, како поранешен директор на Јавна здравствена установа-Клиничка болница Битола, во текот на 2023 година, спротивно на одредбите од Законот за администаривни службеници, Законот за изменување и дополнување на Законот за администаритвни службеници, без согласност од Министерството за финансии и спротивно од Законот на буџети за вработување, без спроведени интерни огласи и согласност и потпис од Секторот за човекови ресурси, за 11 лица вработени како административни службеници во управната зграда во Клиничка болница Битола склучила анекси кон договорите за вработување со цел зголемување на коефициентите на сложеност на работните места и издала решенија за утврдување на висина на плата, односно унапредување во повисок степен без соодветно образование.
На тој начин пријавената го оштетила Буџетот на Министерството за здравство, односно Фондот за здравствено осигурување за 49.304 евра до моментот на поднесување на пријавата. На пример, лице вработено како помошник одговорен инжинер за техничко одржување на објекти, каде било предвидено средно образование електротехника или електромашинство, било унапредено лице со академско звање – доктор на науки од областа на индустриски менаџмент и платата му била пресметувана по коефициент на сложеност кој се однесувал за профил доктор на немедицински науки, сродни на дејностите на установата.

