Топ
Притвор за жител на Чаир, чувал оружје без дозвола

Судот му определи 30-дневен притвор на жител на Чаир во чиј дом било пронајдено оружје кое го поседувал без дозвола.
Според информациите на МВР, вчера при извршен претрес во дом кај М.Д.(38) од Скопје, на ул.„Дижонска“, бил пронајден револвер „Црвена застава“, модел „магнум 357“.
Против М.Д. е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, а по дадениот исказ пред обвинител, М.Д. бил изведен пред судија на претходна постапка и одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Манасиевски: Системот на Венко Филипче го урниса здравството

Венко Филипче ја постави Пановска за директор за да дава тендери на татко и, тој нема кредибилитет, да си поднесе оставка, кажа денеска на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче додека беше министер за здравство ја постави Ирина Пановска за директорка на Хематологија, а таа пак даваше милионски тендери секоја година на веледрогеријата Др. Пановски, сопственост на нејзиниот татко. Венко Филипче даваше милиони кон Др. Пановски и преку други здравствени установи. Системот на Венко Филипче е давање тендери на негови блиски фирми, и тендери преку непотизам. Венко Филипче се бори за власт, за нови тендери и за нови тендерски шеми“, рече Манасиевски.
Тој потенцира дека „системот на Венко Филипче го урниса здравството“.
„Фактичката состојба во здравството денес, во поглед на недостатоци и проблематики е последица на тендер шемите на Филипче и СДС. Венко Филипче нема кредибилитет, тој треба веднаш да си даде оставка“, кажа Манасиевски.
Македонија
(Видео) Ристова: Откриваме нов скандал – пазарот во Неготино од 17 тони железо прикажан како „урбана опрема“

Пазарот во Неготино е изграден без соодветно одобрение за градење, а се води како „поставување на урбана опрема“, обвини денеска на прес-конференција Лолита Ристова, членка на Извршен одбор на СДСМ.
„17 тони железо, изградени на бетонска подлога од 420м2 со 90 тезги внатре се третираат како урбана опрема? Зошто е избегнато издавање на соодветно одобрение за градење во соодветна постапка. Особено од аспект на статиката и сигурноста на објектот. Како е можно два објекти изградени во толкав габарит кој лежи на 17 тони железо да се третира како „поставување на урбана опрема“? И клучното прашање дали ваквиот објект над главите на неготинчани е безбеден?“, вели Ристова.
Таа изрази сомнеж и од финансиски аспект.
„Зад проектот повторно стои една од омилените фирми на ВМРО-ДПМНЕ – МАСТЕФ ДООЕЛ, која редовно добива тендери во општини под нивна контрола, особено со пари од унгарскиот заем. Проценетата вредност на проектот е 25.960.000 денари, а договорот е склучен речиси за истата сума – 25.914.000. Без конкуренција, без намалување на цената, без домаќинско работење. На прашањето колку пари на граѓаните на Неготино се потрошени за оваа зделка и дали сумите се реални ќе зборуваме детално во наредните денови. Ако ова се потврди, ќе биде уште едно кривично дело во серијата сомнителни тендери на ВМРО-ДПМНЕ“, кажа Ристова.
Македонија
Во тек е акција за апсење на повеќе лица во рамки на истрагата за пожарот во Кочани

По наредба на јавен обвинител во тек е акција за приведување на повеќе лица, а во насока на проширување на истрагата за пожарот во Кочани, потврдија од Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи. Од Обвинителството велат дека надлежните институции координирано ќе ја информираат јавноста штом бидат завршени дејствијата кои се во тек.
Основното јавно обвинителство Кочани вчера до Основниот суд Кочани достави предлози за продолжување на мерките за обезбедување – притвор и куќен притвор за сите осомничени во истрагата за пожарот во кочанската дискотека.
Како што сooпштија, само за тројца осомничени, согласно фазата на обезбедување докази и исполнетоста на законските основи се предлага замена за мерката притвор во куќен притвор. Тоа се двајца осомничени од Државниот пазарен инспекторат и еден припадник на обезбедувањето на дискотеката. Во исто време, посочија од ОЈО, продолжуваат истражните дејствија во повеќе правци и во неколку институции со цел испитување на евентуална одговорност, за што јавноста ќе биде известена веднаш по донесувањето на соодветна јавнообвинителска одлука.
За пожарот во Кочани, Основно јавно обвинителство досега отвори истрага против 27 физички и три правни лица, а истражни постапки има и против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи на 16 март, животот го загубија 61 лице, а речиси 200 беа повредени.