Македонија
(Видео) Шекеринска од Кичево: Обезбедивме правична држава за сите
Во изминативе две ипол години нашиот фокус беше да обезбедиме поправедна и поправична држава, во која ќе зборуваме за поддршка на обесправените и оние на кои правдата им е најпотребна, изјави Радмила Шекеринска, заменик претседателка на СДСМ и носителка во ИЕ 5, која беше во посета на Кичево.
„Ако фокусот овие две ипол години се фокусиравме на поправична држава, фокусот во следните четири години ќе ни биде на обезбедување на целосно правна држава. Резултатот од нашата определба е повеќе од видлив особено во дело на правичното општество, општество за сите. Успеавме минималната плата да ја зголемиме од 9000 денари на 14.500 денари, најголемо во историјата на нашата држава. Ја зголемивме и просечната плата и да вратиме повеќе пари кај граѓаните, преку проектите МОЈ ДДВ, укинување на радиодифузната такса и враќање на евтината тарифа на струјата“, кажа Шекеринска.
Го решивме и проблемот со стечајците, додаде таа, и за три пати го зголемивме придонесот за луѓето кои живеат од социјална помош и обезбедивме институционална помош за сите граѓани.
„Во наредните 4 години главна цел ќе ни биде да ја вратиме правната држава, затоа што чувме и видовме колку трул е нашиот судски систем. Да покажеме дека никој во земјава нема да биде над законот, како што успеавме да влеземе во НАТО и како што ги започнавме преговорите со Европската Унија, така сега ќе се нафатиме на тврдиот костен и нема да бидеме ниту под уцени ниту под притисоци, за да се справиме со ова зло. Во делот за Кичево главниот фокус ќе ни биде и економијата и инфраструктурата. Следната година целосно ќе го завршиме автопатот Кичево-Охрид. Инвестирани се повеќе милиони евра за збогатување на инфраструктурата во овој регион“, рече Шекеринска.
Таа, исто така, кажа дека повеќе од 500 фирми само од Кичево искористиле финансиска помош за да ги зачуваат работните места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

