Македонија
Спасовски во Арачиново: Ние градиме сигурна иднина и развојна економија за сите

Носителот на листа во изборната единица 2, Оливер Спасовски, попладнево е на средби во општината Арачиново.
„Реализиравме конкретни проекти на дело во овој регион во ИЕ 2, што беше запоставен една деценија за време на режимот, со што покажавме дека се грижиме за сите. За изградба и реконструкција на водоводна и канализациона мрежа, само во општините во ИЕ 2 вложивме 814 милиони 441 илјада 489 денари. Интензивно работиме на локалната инфраструктура во целата држава и сме во фаза на отпочната изградба на дополнителни 500 киломенти водоводи и канализации. Ниту еден капитален проект не дозволивме да запре за време на здравстено-економската криза и продолжуваме и повеќе и подобро со цел 34.000 денари просечна плата и 20.000 денари минимална плата во следниот мандат, нови работни места, повисоки пензии и уште поголема поддршка за младите луѓе“, рече Спасовски.
Тој поразговара со жители на Арачиново кај Шеталиштето, потоа каде што се гради фекалната канализација и беше на средби со жители на село Грушино.
„Во средбите што ги имав досега ми велат ваши сожители, ви даваме беса – збор, дека во 2016 ја добивме битката со режимот и на овие избори ќе ја добиеме заедно битката да продолжиме по правиот пат, за сигурна иднина на сите, бидејки и за вас зборот е збор, што зборувате, го преточувате во дела. И тоа е предноста на СДСМ и коалицијата Можеме на овие избори. Ние се грижиме за сите – тие за своите џебови, ние градиме -тие крадат, ние сплотуваме, – тие делат” рече Спасовски.
Тој со жителите на Арачиново и Грушино зборуваше за реализираните проекти досега и за инвестициите што се планирани.
„Градиме канализационен систем долг над 10 километри (10.1) во Арачиново, за којшто инвестираме 106 милиони денари, почнати се подготовките за проектот. Водоводот ги поврзува и околните села: Орланци, Мојанци и Грушино. И Арачиново добива градинка. За само три години инвестиравме во 44 градинки во државава. Следуваат нови капитални инвестиции низ целата држава – и во Арачиново, затоа што тие се моторот на економијата, а нашата цел е нова развојна македонска економија. Ние градиме сигурна иднина, можеме и повеќе и подобро и продолжуваме заедно по правиот пат“, рече Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Злато во багаж и ботокс во торба запленети на граница

Царинската управа информира дека при контроли на неколку гранични премини се спречени обиди за криумчарење различни производи, меѓу кои златен накит, ботулински токсин, суплементи, цигари и обувки со заштитен знак.
На граничниот премин Богородица, мобилен царински тим заплени златен накит тежок 304 грама и вреден околу 1,3 милиони денари. Две патнички со македонско државјанство, кои патувале на релација Турција – Македонија, се сомничат за криумчарење, а против нив ќе бидат поднесени кривични пријави.
На Деве Баир, цариници открија 210 вијали ботулински токсин (DYSPORT и MASPORT 500) во патна торба на патник кој пристигнал со автобус од Истанбул. Супстанцата, која е под строг режим на увоз, била запленета, а лицето ќе биде кривично пријавено.
На Меѓународниот Аеродром Скопје, кај холандски државјанин се пронајдени 2.580 капсули суплементи „Afye“, скриени во куфер. Лицето се обидело да ја избегне контролата користејќи го зелениот канал.
При контрола на камион на Табановце, биле откриени 144 делови за земјоделски машини скриени во торби во кабината.
На Богородица, во фабричка празнина под приколката на празен камион-кипер биле пронајдени 21 штека цигари.
На преминот Дојран, запленети се 128 пара обувки со ознаки на заштитени трговски марки, пронајдени во товарно моторно возило натоварено со стока од Турција наменета за увозник од Косово.
На Аеродром Скопје, при контрола на пратка од Дубаи, биле откриени 74 ремчиња за смарт часовници кои не биле пријавени во царинската документација. Стоката е запленета, а ќе биде поведена соодветна постапка против увозникот.
Македонија
Синдикатот на новинарите бара зголемување на минималната плата: социјалниот статус на медиумските работници во земјата е на многу ниско ниво

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во време на општата дебата за висината на минималната плата недвосмислено е за зголемување на минималната плата. Ставот на ССНМ, како што појаснуваат, кореспондира со актуелните барања на дел од синдикатите и вели дека покачувањето е повеќе од ургентно. Корекцијата, како што напоменуваат е неопходна поради тоа што моменталната висина на минималната плата е недостојна за пристоен живот на работниците, меѓу кои и на новинарите и медиумските работници, чии интереси ги застапува ССНМ.
„Владата и синдикатите преговараат за финансиска иднина на работниците, иднина во која новинарите и медиумските работници не смеат да бидат одминати. Последната опсежна анкета на ССНМ објавена во јануари 2024 покажа дека во медиумите повеќе од 50 проценти од вработените имаат
примања под просечните, а голем дел од вработените се зависни од висината на минималната плата пропишана со закон. Со оглед дека платите во медиумскиот сектор речиси и да не поместени од мртва точка во изминатите две години може слободно да се каже дека три четвртини од ангажираните во медиумите сега се под просечната плата, а се повеќе се зголемува бројот на оние кои се на минимална плата. Поради фактот дека голем дел од вработените во медиумите се директно поврзани со висината на минималната плата, ние како легитимен претставник на работничките права на новинарите и медиумските работници, бараме што е можно побрзо нејзино покачување.
Социјалниот статус на новинарите и медиумските работници во земјата е на многу ниско ниво, а праксата досега покажала дека тој директно влијае врз степенот на мотивација, професионалност и посветеност што не смее да биде под знак прашање за тие што водат сметка за јавниот интерес во државата. Притоа нагласуваме дека во оваа професија неретко се случува луѓето да бидат истовремено ангажирани на повеќе работни места, за што најексплицитен пример се локалните медиуми, во кои вработените често се ангажирани и на по три работни позиции, најчесто на минималец, кој е, како што истакнавме, под секое ниво за достоинствен живот“.
Синдикатот на новинарите и медиумските работници кој претставува голем дел од вработените во овој сектор, бара и очекува од Владата и работодавците решение кое е во согласност со потребите на членството, што би значело висина на минималната плата на ниво на платите на колегите од земјите од регионот.
Пристојни плати на новинарите и медиумските работници значат и професионално новинарство, независно од центрите на моќ, и чувар на јавниот интерес и слободата на медиумите и изразувањето, велат од ССНМ.
Македонија
Во Рашче има приведени поради пукање на свадба

Две лица беа приведени вчера во скопското село Рашче поради пукање на семејна веселба.
„Околу 22 часот во СВР Скопје е пријавено дека се слушаат истрели во селото, по што веднаш се преземени соодветни мерки и активности и утврдено е дека Е.К. и Б.К. со гасни пиштоли пукале на свадба“, соопшти МВР.
Тие се приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.