Македонија
Ахмети од Струга: На противниците им се тресат нозете од идејата за првиот премиер Албанец
Централниот изборен штаб на Демократската унија за интеграција престојуваше во општина Струга, каде што со свои говори се престави претседателот на партијата, Али Ахмети. Како што соопшти ДУИ, Ахмети добил голема поддршка од граѓаните на Струга, кои го преполниле местото на собирот, со што, како што се наведува во партиското соопштение, ѝ рекле ДА на идејата за првиот премиер Албанец во Република Северна Македонија.
Претседателот на интегративците, Ахмети, рече дека секое ново поглавје сака нова енергија и дека веќе успешно е затворено едно поглавје за Албанците, но и за државата.
„Не сакајќи да елаборирам за остварувањата, бидејќи сите ги допираат и ги гледат, но и понатаму имаме уште многу работи за остварување, нашата енергија треба да ја потрошиме за подобри денови од овие што ги оставаме зад нас. Народот вели дека лошото нема крај, но и добрите работи немаат крај. Се потрудивме да направиме добри работи неразочарувајќи ги нашите гласачи и воопшто Албанците претставувајќи ги достоинствено како националната така и во меѓународната сфера и за ова Ви се заблагодарувам за поддршката што ни ја дадовте 2 децении по ред. Денес сме членка на НАТО, ги отворивме преговорите за членство во Европската Унија и ова е ново поглавје што се отвара и бара енергија за спроведување и оживување на стандардите, кои го забрзуваат патот кон полноправнотот членство во ЕУ“, рече Ахмети.
Претседателот на ДУИ, Ахмети, беше оптимист дека со кадарот што го поседуме во следните 5 години ќе се оствари целта за членството во ЕУ и дека нема враќање назад.
„Ќе има црвени линии за секој што сака да го загрозува или негира Охридскиот, преспанскиот и договорот за добрососедство со Бугарија, затоа враќање нема, со што партнерство во ова земја нема. Демократската унија за интеграција ги почитува челичните темели кои се воспоставени за да ги движат прашањата напред. Бескомпромисни ќе бидеме за стандардите што треба да се воспостават, како за ветингот, зголемување на квалитетот во образованието, здраството, локалната самоуправа, инфраструктура, бидејќи, ако не работиме во ова насока, нема да можеме да бидеме достоинствена членка на ЕУ“, истакна Ахмети.
Има луѓе што се скептични за нашите идеи, има луѓе што не веруваат дека може да постигнеме успех, рече Ахмети, но не можеме да ги убедиме сите бидејќи има факти што постојат.
„Сите вие знаете дека Албанците сонуваа Скендербег да биде во мал дел од ова земја и ако прашавме некого пред 30 години дека националниот херој ќе се постави среде Скопје, ќе ни одговараше дека немаме памет. Денес имаме споменик на Иса Болетини и Хасан Приштина и ако некој пред некое време речеше дека Талат Џафери, претседател на Собранието, ќе го крева знамето на НАТО, кој ќе веруваше, еден командант на Ослободителната национална армија? Нема да биде премиерот Албанец? Зошто да не може? Никој не ми дава одговор, а од друга страна, им се тресат нозете од ова идеја“, заврши на крај претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

