Берзи
Азиските берзи растат, еврото под 1,10 долари

На азиските берзи во понеделникот претпладнето цените на акциите пораснаа, благодарејќи на натамошното олабавување на монетарната политика во Кина, додека курсот на еврото е под притисок, па во еден момент потона под 1,10 долари.
На Токиската берза индексот Nikkei во претпладневното тргување беше во плус од 0,8 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Јужна Кореја, Шангај, Хонгконг и Сингапур пораснаа меѓу 0,1 и 0,7 отсто. Оттаму, MSCI индексот на азиско-пацифичките акции без јапонските, во понеделник претпладне беше во позитива од 0,5 отсто, достигнувајќи го највисокото ниво од 12-ти август, што значи дека ги надоместил речиси сите загуби откако пазарите беа потресени со девалвацијата на кинескиот јуан.
Позитивно на пазарите во понеделникот претпладнето влијаеше одлуката на кинеската централна бана од петокот попладнето за намалување на каматните стапки, веќе по шести пат од ноември минатата година. Клучната каматна стапка е симната за 0,25-процетни поени, на 4,25 отсто, а повторно беше намалена и стапката за издвојување на задолжителните резерви на банките, за да се поттикне кредитирањето и растот на економијата во Кина.
И покрај тоа, цените на акциите во Шангај, ткн кинеските континентални берзи, пораснаа само умерено, бидејќи вложувачите се претпазливи поради забавениот раст на втората според обемот светка економија.
„Инвеститорите во Кина се претпазливи. Од почетокот на октомври цените на акциите значително пораснаа, па некои се одлучија да ја повлечат добивката од пазарите“, вели во анкетата на Reuters Наоки Таширо, претседател на компанијата „TS China Research“.
Кинеските инвеститори се воздржани и поради тоа што во понеделникот започна седницата на Централниот комитет на Кинеската комунистичката партија, на која ќе биде донесен петгодишниот економски план. Пред седницата, премиерот Ли Кечијанг порача дека владата не рекла дека растот на економијата оваа година мора да биде 7 отсто.
Тоа на пазарите е протолкувано како можност дека тоа е порака оти целеното ниво на раст оваа година нема да биде постигнато. Уште повеќе што еден функционер на централната банка во саботата порача дека следните години растот на кинеската економија ќе се движи меѓу 6 и 7 отсто.
Позитивно на азиските пазари, пак, влијаат надежите дека челниците на јапонската централна банка во петок дополнително ќе ја олабават монетарната политика, поради ниската инфлација и можната рецесија во третата по големина светска економија.
„Јапонската економија е послаба отколку во август и нема сигнали за закрепнување. Оттаму, пазарите очекуваат дополнителни поттикнувачки мерки од јапонската централна банка“, коментира Такеду Огихара, стратег во „Mizuho Trust Bank“.
Во фокусот на инвеститорите оваа седмица ќе биде и дводневната седница на челниците на американската централна банка во вторник и среда. Меѓутоа, не се очекува дека ќе ги зголеми клучните каматни стапки, бидејќи ситуацијата во светската економија е нестабилна. Тоа значи дека ниската цена на парите уште извесно време ќе го поддржува пазарите на капиталот.
И додека берзанските индекси растат, цените на нафтата не успеваат да закрепнат, бидејќи понудата, како што стравуваат трговците, и натаму е поголема од побарувачката.
Откако минатата седмица потона за повеќе од 5,5 отсто, во понеделникот претпладне цената на барел сирова нафта на американскиот пазар се движи околу 44,70 долари, во близина на најниската цена од 44,20 долари, на која се симна во петокот. На лондонскиот пазар, пак, барелот нафта во понеделникот утрото поскапе за 15 центи, на 48,15 долари.
А откако минатиот четврток Европската централна банка (ECB) порача дека е можно натамошно олабавување на монетарната политика, па дури и зголемување на негативните камати на депозитите на банките, еврото на валутните пазари е под притисок.
Во петокот, првпат во историјата, приносите од италијанските и од шпанските обврзници се лизнаа во негативната зона, додека приносите од германските обврзници потона уште подлабоко во негативата. Тоа практично значи дека сопствениците на обврзниците плаќаат за да ги држат во своите портфељи, па затоа и слабее привлечноста на европската валута.
Поради тоа во понеделникот претпладнето курсот на еврото потона на 1,0989 долари, најниското ниво во последните два ипол месеци. Сепак, подоцна се врати над границата од 1,10 долари. Американската валута, пак, истовремено осцилира во однос на јапонската. Така во еден момент доларот достига до 121,60 јени, највисокото ниво од крајот на август, за подоцна да падне на 121,10 јени./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Берзи
„Волстрит“ падна – ни САД ни Кина не попушта

На Волстрит цените на акциите нагло паднаа, губејќи дел од добивките од претходниот ден, бидејќи царинската војна меѓу Вашингтон и Пекинг не покажува крај.
Индексот Dow Jones падна за 2,50 отсто, на 39.593 поени, додека S&P 500 потона за 3,46 отсто, на 5.268 поени, а индексот Nasdaq за 4,31 отсто, на 16.387 поени.
Така, индексите загубија дел од добивките од претходниот ден, кога S&P 500 скокна за историски 9,5 отсто, а Nasdaq повеќе од 12 отсто.
По големите промени во последниве денови, S&P 500 сè уште е во пад од околу 7 отсто од средината на минатата недела, кога американскиот претседател Доналд Трамп најави дополнителни, реципрочни царини за американскиот увоз.
Откако Трамп во средата ја одложи примената на тие царини за 90 дена, многу земји вчера изјавија дека се подготвени да преговараат. Меѓу другите и Европската унија, која ги одложи своите контрамерки против царините на Трамп.
Но, царинската војна меѓу Вашингтон и Пекинг продолжува бидејќи Трамп ја зголеми вкупната царинска стапка за увоз на кинески стоки на 145 отсто, 125 отсто реципрочни царини и претходните 20 отсто поврзани со кризата со фентанил.
Кина, пак, од вчера применува царина од 84 отсто за увоз на американски стоки, покрај претходните 20 отсто на одредена група производи и вели дека нема да отстапи.
„Тешко е за инвеститорите да одлучат да купат акции со ваква нестабилност и неизвесност. Тие се загрижени за тарифите бидејќи е тешко да се процени како тоа ќе влијае на економиите“, рече Пол Нолте, аналитичар во Марфи и Силвест.
Затоа инвеститорите вчера не ги охрабрија подобрите од очекуваните податоци за ублажувањето на инфлацијата во САД во март. Се проценува дека инфлацијата најверојатно ќе се зголеми во наредните месеци поради воведувањето царини, додека челниците на американската централна банка велат дека нема да брзаат со намалување на каматните стапки, туку чекаат податоци кои ќе покажат како царините влијаеле на економскиот раст и на инфлацијата.
На европските берзи вчера пораснаа акциите. Лондонски FTSE индекс зајакна 3,04 отсто, на 7.913 поени, додека франкфуртски DAX скокна за 4,53 отсто, на 20.562 поени, а париски CAC зајакна 3,83 отсто, на 7.126 поени.
Берзи
Доларот нагло падна, еврото зајакна

На девизните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути драстично падна минатата недела, бидејќи инвеститорите сметаат дека поради забавувањето на инфлацијата во САД заврши циклусот на зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка. Индексот на доларот, кој ја следи вредноста на САД во однос на шесте најважни светски валути, потона минатата недела за 1,9 отсто, на 103,81 поен, што е најниско ниво од почетокот на септември.
Истовремено, доларот падна за 2,1 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото достигна 1,0910 долари. Остриот пад на курсот на доларот уследи по објавувањето во вторникот дека стапката на инфлација во САД се лизна на 3,2 отсто во октомври, од 3,7 отсто во септември.
И низа други извештаи потврдија дека инфлацијата се намалува, што ја поддржа тезата дека ФЕД нема да има потреба дополнително да ја заостри монетарната политика. Од март минатата година, ФЕД ги зголеми клучните каматни стапки за 5,25 процентни поени за да ја ограничи инфлацијата.
Сепак, на последните две седници челниците на ФЕД ги оставија каматните стапки непроменети, па инвеститорите сметаат дека циклусот на зголемување на цената на парите е завршен, иако од ФЕД велат дека е можно дополнително заострување на монетарната политика.
Во наредниот период, движењата на пазарот ќе зависат главно од шпекулациите за тоа кога ФЕД би можел да започне со намалување на каматните стапки. На пазарот на пари се проценува дека првото намалување на каматните стапки на ФЕД би можело да се случи во мај следната година, а до крајот на следната година каматните стапки би можеле да се намалат вкупно за еден процентен поен.
Берзи
Светските берзи драстично паѓаат, можно е дополнително зголемување на каматите

На светските берзи цените на акциите нагло паднаа минатата недела поради растот на приносите на обврзниците и пораката на претседателот на ФЕД Џером Пауел дека централната банка може дополнително да ги зголеми каматните стапки. На Волстрит, Доу Џонс индексот минатата недела падна за 1,6 отсто, на 33.127 поени, додека S&P 500 се лизна за 2,4 отсто, на 4.224 поени, а индексот Nasdaq се намали за 3,2 отсто, на 12.983 поени.
На берзата негативно влијаеше растот на приносите на американските државни обврзници. Во петокот приносите на 10-годишните обврзници се пробија над нивото од 5 отсто за прв пат по 16 години. Ова може да влијае на каматите на хипотеките и автомобилските заеми, каматите на кредитните картички… Покрај тоа, повисоките приноси на обврзниците ја намалуваат привлечноста на акциите бидејќи на инвеститорите им нудат добри приноси без никаков ризик.
Во такви околности, инвеститорите се повлекуваат од поризични инвестиции, како што се акциите, и бараат засолниште за својот капитал во инвестиции кои се сметаат за побезбедни во несигурни времиња, како што е златото. Како резултат на тоа, цената на унца злато се движи близу највисокото ниво во последните два месеци, околу 1.980 долари.
Поради сето ова, инвеститорите не беа охрабрени ниту од кварталните деловни резултати, иако поголемиот дел од компаниите од индексот S&P 500, кои досега објавуваа извештаи, остварија поголема заработка од очекуваната.
И на европските берзи цените на акциите драстично паднаа минатата недела. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 2,6 отсто, на 7.402 поени, додека франкфуртски DAX потона за 2,5 отсто, на 14.798 поени, а париски CAC 2,7 отсто, на 6.816 поени.