Регион
Рогозин најави руска помош за Србија во испораки на оружје
Рускиот вицепремиер Дмитриј Рогозин изјави во понеделникот во Белград дека Русија ќе го разгледа повикот на Србија за испорака во вооружување и системите за противвоздушна одбрана С-300 и ќе настојува да ја поддржи Србија.
„Ќе сториме сé да осигуриме поддршка за нашиот сојузник на Балканот“, изјави рускиот вицепремиер Дмитриј Рогозин на прес-конференцијата со српскиот премиер Александар Вучиќ.
Рогозин истакна дела руската комисија внимателно ќе го проучи повикот на српската страна за испорака на ефикасно вооружување од „неофанзивен карактер“, кое ќе служи за одбрана на земјата, а на Вучиќ му подари макета од системот за противвоздушна одбрана С-300.
На прашањето од новинарите до Вучиќ за системите С-300, српскиот премиер одговори дека тој систем е „прескап“ за Србија, но дека руската страна покажала желба да помогне низ одредени ангажмани. Оцени притоа дека претстојат „месеци и години разговори за тоа“.
Вучиќ порача дека Србија никому нема да му биде лесна цел, и оти за тоа работи на јакнење на сопствените воени капацитети и домашната воена индустрија, истакнувајќи дека земјата е определена за мирот и за целосна стабилност во регионот, како и за најдобри односи со сите соседи.
„Никогаш никого Србија нема да нападне, меѓутоа мора да биде во состојба во секој момент да ја заштити својата територија и граѓаните“, додаде Вучиќ истакнувајќи дека Србија молчи „на заканите на оние коишто не се откажуваат од набавките на многу моќно офанзивно оружје“, во контекстот на изјавите кои деновиве беа разменети на релацијата Белград – Загреб, во врска со хрватското набавување на оружје.
„Јас не сум нервозен, туку загрижен. Балистичките ракети и лансирните рампи кои се планираат да се набават во Хрватска имаат дострел од 300 и 350 километри. Можете од Загреб, или од кое и да е друго место да гаѓате некое место во централна Србија“, одговори Вучиќ на новинарско барање да ги коментира изјавите на хрватскиот министер за одбрана Анте Котромановиќ, кој неодамна изјави дека Србија нема причини за загриженост поради вооружувањето на Хрватска.
Укажувајќи на фактот дека Србија е воено блоковски неутрална, додека истовремено неколку земји во опкружувањето се дел од НАТО, Вучиќ изјави дека „не гледа потреба“ од набавување офанзивно оружје.
Теми на разговорите меѓу Вучиќ и Рогозин во Белград во понеделникот беа и економската соработка и туризмот, како и можниот извоз на автомобилите „Фиат 500 л“, кои се произведуваат во Крагуевац. Вучиќ го замоли Рогозин, да посредуваат кај властите во Казахстан, бидејќи оваа земја потенцијален купувач на производите од автомобилската индустрија во Србија.
Притоа рускиот вицепремиер, кој имаше одвоени седби и си српскиот претседател Томислав Николиќ и со шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, рече дека има простор за зголемување на соработката во земјоделието и во градежништвото, како и во ткн верски туризам./крај/мф/сн
Извор: Tanjug
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Италија покренува истрага за „воени туристи“ кои пукале во цивили во Сараево
Обвинителството во Милано покрена истрага за италијански државјани кои наводно платиле огромни суми пари на српските паравоени сили за да пукаат во цивили за забава за време на опсадата на Сараево од 1993 до 1995 година. Таканаречените „викенд снајперисти“ учествувале во брутален „лов на луѓе“ во градот во кој биле убиени 11.000 граѓани, објавија италијанските дневни весници „Ил Џорно“ и „Ла Република“, пренесува „Анса“.
Според италијанските медиуми, станува збор главно за крајно десничарски фанатици и ентузијасти за оружје кои им плаќале на српските војници да учествуваат во опсадата и да пукаат во жителите на главниот град на Босна и Херцеговина. За да се идентификуваат овие „воени туристи“, во Милано е покрената истрага за утврдување на нивниот идентитет.
Случајот го отвори обвинителот Алесандро Гобис под обвинение за убиство со умисла со особено сурови и подмолни мотиви. Истрагата моментално се води против непознати лица, а е покрената врз основа на жалба поднесена од новинарот и писател Ецио Гавацени, со помош на двајца адвокати и поранешниот судија Гвидо Салвини.
Според сведоштва собрани низ цела северна Италија, „викенд снајперистите“ се собирале во Трст, од каде биле однесени во ридовите околу Сараево. Таму, откако им платиле на паравоените сили на босанските Срби предводени од Радован Караџиќ, можеле да пукаат врз жителите на опколениот град. Досието вклучува и извештај за „богати странци кои се занимавале со нехумани активности“, кој до обвинителството го испратила поранешната градоначалничка на Сараево, Бенџамина Кариќ.
Гавацени во својот извештај наведува дека досега има само „траги“, но дека постоел „ценовник“ за убиства: „децата чинат повеќе, отколку мажите (по можност во униформа и вооружени), а старите лица би можеле да бидат убиени бесплатно“. Тој, исто така, се повикува на документарецот од 2022 година „Сараево Сафари“ од режисерот Миран Жупаниќ, во кој се појавува и анонимен сведок.
Во наредните недели, се очекува обвинителот Гобис да спроведе детална истрага и да ги испраша лицата именувани од авторот во извештајот.
Иако истрагата се фокусира на Италијанците, некои извори споменуваат и Американци, Канаѓани и Руси кои биле подготвени да платат за да „играат војна“. Поранешен босански разузнавач изјавил дека клиентите биле „сигурно многу богати луѓе“ кои „можеле да си дозволат таков адреналински наплив“.
Босанското разузнавање веруваше дека зад сето тоа стои Српската служба за државна безбедност, користејќи ја инфраструктурата на поранешната српска чартер компанија „Авиогенекс“. Јовица Станишиќ, кој беше осуден за воени злосторства од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, се споменува како клучна фигура во операцијата.
Фото: ЕПА
Регион
Бугарија ја зголемува безбедноста во рафинеријата на „Лукоил“ во Бургас пред преземањето
Бугарија ја зајакнува безбедноста на копно, вода и во воздух, вклучително и системот за заштита од дронови, во објектите на „Лукоил“ на своја територија пред планираното преземање на фабриката, објави денес бугарската влада.
Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) денес влезе во канцелариите на компанијата „Лукоил“ во земјата и во рафинеријата во Бургас и почна со инспекции, објави Бугарското национално радио (БНР).
Според соопштението на кабинетот, во Бургас се распоредени единици на воена полиција и системи против дронови, а Министерството за внатрешни работи спроведува зголемени контроли на сите возила што влегуваат во периметарот на објектот, вклучително и проверки за експлозивни направи.
Владата во Софија наведува дека мерките се исклучиво превентивни и имаат цел да ја зачуваат безбедноста на енергетските објекти означени како критична инфраструктура, објавува „Ројтерс“.
В петок бугарскиот парламент усвои измени на Законот за административното регулирање на економските активности поврзани со нафта и нафтени производи, со кои се даваат вонредни овластувања на идниот специјален менаџер на компанијата „Лукоил“ во таа земја, пишуваат медиумите.
Врз основа на новите овластувања управителот ќе може да ја продаде рафинеријата во Бургас, а рускиот „Лукоил“, кој досега управуваше со рафинеријата, повеќе нема да има право на глас, ниту можност за жалба на одлуката за преземање.
Американските и британските санкции против руските енергетски гиганти „Лукоил“ и „Роснефт“, воведени минатиот месец поради војната во Украина, извршија притисок врз владите на земјите членки на Европската Унија кои продолжуваат да зависат од руските деривати.
Бугарската рафинерија во Бургас е од стратешко значење за снабдувањето со гориво во регионот, а властите во Софија стравуваат од можни прекини во синџирите на снабдување доколку дојде до целосен прекин на работењето на „Лукоил“, според написите.
Министерот за економија Петар Дилов изрази верување дека Бугарија, како и Унгарија, ќе добие ослободување од американските санкции за рафинеријата „Лукоил“.
Според него, Бугарија, за разлика од Унгарија, не работи со руска нафта повеќе од една година.
Фото: принтскрин
Регион
(Видео) Вучиќ ѝ се јавил на Дијана Хрка за да ја замоли да го прекине штрајкот со глад, таа вели дека не се чувствува добро
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, утрово лично им се јавил на Дијана Хрка и на Угљеша Мрдиќ, двајцата активисти кои веќе неколку дена штрајкуваат со глад во Собранието.
„Разговарав на телефон со Дијана Хрка и со Угљеша Мрдиќ. Ги замолив да го прекинат штрајкот со глад и ја поканив госпоѓата Хрка во претседателството на состанок. Сите добри луѓе во Србија се загрижени за нивното здравје, се молам и се надевам дека ќе донесат одлука за прекин на штрајкот“, изјави Вучиќ.
View this post on Instagram
Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка, кој загина при падот на натстрешникот на железничката станица во Нови Сад, штрајкува со глад веќе девет дена.
Во изјава за агенцијата „Фонет“, Хрка потврди дека не се чувствува добро и дека не е во состојба да коментира за повикот на претседателот. „Не можам да зборувам за тоа сега. Моментно лежам и не сум баш добро“, изјави таа.
Претходно, Хрка изјави дека нема да го прекине штрајкот со глад додека институциите не почнат да си ја работат својата работа.

