Македонија
Чулев: Секој обид за поткуп врз гласачите ќе биде санкциониран

Секој обид за поткуп или за какво било влијание врз гласачите ќе биде соодветно евидентиран и ќе бидат преземени мерки за негово санкционирање, порача министерот Наќе Чулев за време на посетата на Регионалниот центар Исток, одделенијата за внатрешни работи во Делчево и Берово и полициското одделение во општина Ново Село.
Организацијата на парламентарните избори со посебен фокус на спречување на изборниот поткуп беа темите во фокус на работните состаноци.
Од страна на раководствата на трите одделенија министерот Чулев беше запознат со мерките и активностите кои се преземаат од нивна страна, а со кои треба да се гарантираат безбедни и демократски избори. Од нивна страна беше потенцирано дека веќе се изготвени оперативните планови со кои се покриваат критичните точки.
Министерот Чулев потенцираше дека изборите мора да бидат фер и демократски, затоа што граѓаните тоа го заслужуваат и во таа насока обврска на полициските службеници, но и на сите вработени во Министерството за внатрешни работи е да ги преземат сите неопходни мерки со кои ќе се гарантира безбедноста на изборите.
Тој ги повика полициските службеници да постапуваат согласно законските прописи и да се отргнат од какви било политички влијанија и притисоци. Обврска на секоја полициски службеник е да го штити интересот на граѓаните и безбедноста на државата и кога ова е во прашање нема и не постои никаков компромис, додаде Чулев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Кирков: Пцовисаа две лами од редок вид во скопската Зоолошка градина

Стефан Кирков од редовите на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека викендов починале две лами во скопската Зоолошка градина.
„Во куќата на стравот, т.е. ЗОО Скопје, пцовисаа две зами од редок вид. За ова од институцијата молчат како и секогаш и навистина сум згрозен од целото ова што се случува 3 години во нашата Зоолошка градина. Според неофицијалните информации што ги поседувам, ламите пцовисале викендов, а според првичните резултати, неофицијално е дека пцовисале од туберкулоза!“, напиша Кирков на „Фејсбук“.
Тој јавно прашува како се терапирани овие животни и дали и кој ги лекувал и дали ќе покажат патолошкиот наод и истрагата.
„Подолго време укажувам и апелирам дека во ЗОО Скопје нема стручен ветеринар и дека ветеринар е човек што дo пред година дена беше аниматор на детски родендени, не го оспорувам неговото образование, но за познавањето и искуството се сомневам, а и по сѐ што се случи и сите се сомневаме!!! До кога? Ќе има ли одговорност? Што е следно и дали е време конечно да престане овој хорор???“,пишува Кирков.
Македонија
Кузеска: Наместо неселeктивна правда за Кочани, МВР гони млади за Фејсбук статуси

Наместо неселeктивна правда за Кочани, МВР гони млади за Фејсбук статуси, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа рече дека истрагата за најголемата несреќа во поновата македонска историја сè уште не дава одговор кој е одговорен за пожарот во „Пулс“ и за сериозните пропусти на безбедносните институции. Сè уште нема проширување на истрагата за безбедносните пропусти направени на кобната ноќ – ниту пак на оние што ѝ претходеле, рече Кузеска.
Како што додаде, ниту еден функционер од МВР, ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ не е повикан на распит, ниту опфатен со постапка, а наместо тоа, МВР поднесува кривични пријави против граѓани за објави на Фејсбук кои јавно бараат правда и неселективна истрага.
Дури и на младите кои протестираа во Кочани и го изразуваа својот револт за загубените животи на нивните другари и другарки МВР им поднела кривични пријави.
„Не се повикуваат оние кои биле на функции, нема кривични пријави, ама затоа се гонат младите кои пишуваат на Фесјбук и кои бараат одговорност и неселективна правда. Дали МВР смета дека на овој начин некој треба да биде замолчен? Слободата на говор не е закана за истрагата. Младите не се непријатели – тие се совеста на ова општество“, рече портпаролката.
СДСМ бара од МВР веднаш да престане со притисоци и гонење на граѓани поради ставови и јавно изразено мислење.
Македонија
Мицкоски бара нова пресуда за прегазената Теодора во Тетово: „Ова не е правда“

Премиерот Христијан Мицкоски побара да се разгледа работењето на судијата во Тетово кој вчера досуди две години затвор за возачот што смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска пред три години. Тој побара нова пресуда за случајот и рече дека вчерашната пресуда не е правда туку станува збор за потфрлање на системот по сите основи.
„Вчера јавноста, најново се згрози за случајот во Тетово. По сообраќајна несреќа во август 2022 година, на првото судење во ноември 2023 година, по признавање на вина, сторителот кој одзема млад живот беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалба, Апелациониот суд ја намали казната, повторувам, Апелациониот суд ја намали казната на две години затвор, за да Врховниот суд ги укине двете пресуди на Основниот и Апелациониот суд и предметот го врати на повторно судење. Судот во Тетово вчера му досуди две години затвор на сторителот кој смртно одзема недолжен човечки живот, 22-годишната Теодора Ристевска. Повторувам, Судот во Тетово му досуди две години затвор на сторителот кој смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска. Јавно да прашам, има ли некој во државава кој смета дека тука имаме задоволена правда?! Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, но и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца сум силно разочаран. Ова не е правда, и тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци коишто ќе ме критикуваат после ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се реализира оваа пресуда“, изјави Мицкоски.
Премиерот истакна дека ова не е партиска борба, ова е битка за вистината, за одговорноста, за правдата.
„Затоа што ова е борба меѓу луѓе и нелуѓе. И луѓето мора да победат. Само така можеме заедно да победиме. Ако овој систем не се ресетира сега, ако не се преземат мерки сега, тогаш бадијала ни е сè. Ова не е прашање на политика, ова е прашање на иднината. Кој бил дел од ова, кој дозволил, кој гледал настрана – ќе одговара. И институциите, и одговорните лица, и сите кои на било кој начин придонеле за оваа трагедија да се случи. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој што го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните – ќе се соочи со правдата“, рече Мицкоски.
Премиерот уверува дека ова нема да биде уште еден случај што ќе се затвори без одговорност.
Тој додаде дека лично ќе го следи случајот и вети дека правдата ќе биде истерана до крај.
„Ова е моментот кога мораме да покажеме дека законите важат за сите. Затоа што можна следна жртва е секој еден од нас. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој што го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните – ќе се соочи со правдата. Ова е моментот кога мора да покажеме дека законите важат за сите“, рече Мицкоски.