Македонија
(Видео) Богојески: Македонски концепт се залага за 6 часовен работен ден за работниците во Македонија
Лидерот на Македонски концепт Петар Богојески заедно со носителката на изборна листа за ИЕ2, проф. д-р Снежана Костадиноска-Милошеска денеска ги посетија производствените погони на „Чик Куманово“ со што официјално го завршија караванот на Македонски концепт низ републиката. Богојески од Куманово изјави дека е неопходна заштита на домашното производство, овозможување на еднакви пазарни услови, но и воведување на услови за работа според стандардите во ЕУ. Единствена мерка која може да помогне за зголемување на процентот на ефикасност и продуктивност во сите гранки во индустријата во Македонија е намалување на работното време скалесто, почнувајќи прво на 7, за подоцна да се сведе на 6 работни часови.
„ Со оваа мерка од една страна ќе им овозможиме на работниците повеќе време да потрошат на семејството, а од друга страна да бидат попродуктивни и да придонесат за поголем развој на компаниите во кои работат. Во исто време ќе бараме и драстично зголемување на квалитетот на условите за работа и почитување на работничките права како што налагаат ЕУ стандардите. Овие политики се дел од нашата стратегија за поддршка на домашното производство кое е сериозно занемарено од политиките во последните 30 години”, вели Богојески.
Средбата со стопанствениците и вработените даваат едноставна слика за состојбата и причините поради кои македонското производство не може да порасне и не може да дојде до финален производ. Причина за тоа е нелојалната конкуренција наметната од земјите кои се надвор од Европската унија и сивата економија во земјава. Увозот на странски производи го уништува македонското стопанство, а со тоа и можноста за развој и поставување на вистински стандарди за вработените во оваа индустрија. Денес Куманово го потврдува токму тоа, дека традиционалните индустрии како што се чевларската, кожарската и текстилната индустрија се на маргините на нашето општество. Погрешните економски политики не ја заштитуваат домашната индустрија и домашното производство.
„ Денес имавме можност да се сретнеме и разговараме со вистински мајстори во чевларската индустрија, како и вработени кај кои постои невиден ентузијазам, искуство, енергија за да се изборат за вистинското место и да го направат пристојно место за работење на многу граѓани во Македонија. Тие не само што ги познаваат многу солидно европските стандарди, напротив, при либерализацијата на пазарот можат да се носат соодветно со европските партнери и да бидат конкурентни и напредни на европскиот пазар”, потенцираше проф. д-р Снежана Костадиноска-Милошеска.
Мора да ставиме ред на ова нередие во кое живееме цели 30 години. Традиницоналните индустрии во Македонија мора да добијат соодветни поддржувачки политики за да можат конкурентно да се носат со европските производители од овие индустрии. Гласот за Македонски концепт и бројот 10 е глас за овие промени кои можеме да ги донесеме само заедно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ја удирал по главата и телото, ја давел за вратот и скршил ребро: скопјанец осомничен за физички напад и загрозување на сигурноста на жена
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 51-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, како и Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 14 јануари, во видно алкохолизирана состојба, осомничениот ја нападнал својата партнерка во домот во Гази Баба во кој таа привремено престојувала.
Ја удирал по главата и телото, ја давел за вратот, а и се заканил и со нож со кој замавнал кон неа. Жената успеале да ја спасат двајца други потстанари во истата куќа, кои ја извлекле и повикале полиција.
Кај жртвата биле констатирани повеќе повреди, меѓу кои пукнатина на ребро и на градна коска.
Македонија
Инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржина и јутјуберите да се регистрираат во АВМУ, соопштија од агенцијата
Со измените на медиумската легислатива во јули 2023 година, за првпат официјално беше препознаено постоењето и влијанието на инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржини, јутјуберите, односно физичките лица кои се даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање.
Овие субјекти сега подлежат на регулација и имаат обврска да се регистрираат во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, соопштија од таму.
„Обврската важи за оние инфлуенсери, влогери, креатори на содржини, јутјубери и слични даватели на аудиовизуелни медиумски услуги на барање кои ги исполнуваат следниве критериуми:
● аудиовизуелните медиумски услуги ги обезбедуваат преку платформи за споделување видеа (на пример YouTube, Instagram, TikTok и слично);
· имаат повеќе од 10.000 следбеници или претплатници;
· остваруваат економски интерес од медиумската услуга;
· во последните 12 месеци објавиле најмалку 24 аудиовизуелни содржини; и
· целта е да информираат, образуваат, забавуваат и за содржините имаат уредничка одговорност.
Критериумите подетално се објаснети во Правилникот на Агенцијата со кој се уредува формата и содржината на пријавата за евидентирање во Регистарот на даватели на аудиовизуелни услуги по барање.
Со оглед на тоа што станува збор за законска обврска, Агенцијата ги повикува сите инфлуенсери, влогери, креатори на содржини и јутјубери кои ги исполнуваат посочените критериуми, во најскоро можно време до Агенцијата да достават пријава за евидентирање во Регистарот.
Сите релевантни документи поврзани со работењето и обврските на овие субјекти се достапни на веб страницата www.avmu.mk, во посебниот банер „Инфлуенсери/Влогери“.
За дополнителни информации и појаснувања, заинтересираните субјекти можат да се обратат до Агенцијата на е-адресата [email protected]“.
Македонија
Божиновска со студентите инженери од проектот „Македонска Формула“: Македонија има талент за европската инженерска сцена
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини оствари работна средба со студентите инженери од проектот „Македонска Формула“. Тимот MES Racing – првиот и единствен македонски Formula Student тим, кој успешно ја претставува државата на меѓународната инженерска и технолошка сцена.
На средбата, студентите го презентираа својот проект, визијата и досегашните активности, преку кои младите инженери стекнуваат практични знаења и работат по принципи на реална инженерска компанија, развивајќи иновативни решенија и современи технологии. На проектот работат четириесетина студенти од различни факултети и секој во рамки на својата област дава придонес за развој на овој проект.
Министерката ја нагласи важноста од континуирана институционална поддршка за младите инженери, потенцирајќи дека инвестицијата во нивното знаење, креативност и иновации е директна инвестиција во иднината на државата. Таа истакна дека ваквите студентски иницијативи се од исклучително значење за развојот на техничките науки, јакнењето на домашниот инженерски кадар и задржувањето на младите таленти во земјата.
„Наш приоритет е да создадеме средина во која младите инженери ќе бидат охрабрени, поддржани и мотивирани да ги развиваат своите идеи и иновации. Проекти како ‘Македонска Формула’ покажуваат дека Македонија има знаење, визија и потенцијал да биде дел од европската и светската инженерска заедница,“ истакна министерката.
Од тимот MES Racing нагласија дека поддршката и соработката со институциите претставуваат значаен поттик за понатамошен развој на студентското инженерство, како и за унапредување на практичната едукација и технолошките капацитети во земјата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на поддршка на младите, науката, иновациите и инженерските решенија, како клучен сегмент во градењето на одржлива и конкурентна економија, додаваат од министерството.

