Македонија
Клиника за хематологија: Со извршени 16 несродни трансплантации нашата држава на мапата на светски медицински центри за лекување најтешки заболувања на крвта
Универзитетската клиника за хематологија е пример дека македонското здравство овозможува унифицирани услуги и третман со ист квалитет како современите европски центри и кога станува збор за лекување на најтешки заболувања на крвта. Во изминатата година и пол се извршени 16 алогени несродни трансплантации од европскиот регистер на доброволни донори и 4 алогени полуидентични трансплантации, соопшти Министерството за здравство.
„ Првата несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки во нашата земја е спроведена во ноември 2018 година на Универзитетската клиника за хематологија. Оваа постапка, која претставува најсовремена метода за лекување малигни хематолошки заболувања, тогаш првпат стана достапна во јавното здравство. По само неколку месеци, во јануари 2019 година, на Клиниката за хематологија првпат беше изведена алогена полуидентична трансплантација, уште една сложена процедура од областа на хематопоетските трансплантации.
Со воведување на овие две нови здравствени услуги се подигна квалитетот на јавното здравство и Република Северна Македонија влезе на мапата на светски и европски медицински центри за лекување на најтешките заболувања на крвта. Двете најтешки хематопоетски трансплантации станаа достапни во нашата земја, со што пациентите за овие здравствени услуги повеќе не се упатуваат во странство, со што се овозможува поголема достапност на овие здравствени услуги за пациентите и помала оптовареност на здравствениот буџет.
Со својата стручност и професионалност Клиниката за хематологија застана рамо до рамо со најразвиените европски центри, а воедно се воспостави систем преку кој знаењето од нашите лекари се пренесува на идните генерации здравствени работници во нашата држава“ се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ обвини за политички прогон и дефокус со кривични пријави
Од СДСМ денеска обвинија дека поднесувањето кривични пријави претставува обид за дефокусирање на јавноста од, како што наведуваат, криминалите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштение до јавноста, од СДСМ посочуваат дека, според нив, секогаш кога владејачката партија е „фатена во криминални тендери, поскапа струја, мигранти за пари или резолуции против слободата на говор“, се користат методи за одвлекување на вниманието преку лажни вести или кривични пријави.
„Последниот пример е поднесената кривична пријава од МВР за поранешниот градоначалник на СДСМ од Пробиштип и тоа за поништено решение од негова страна“, наведуваат од партијата.
Како дополнителен аргумент за, како што велат, класичен дефокус, од СДСМ посочуваат на настан што се случил пред два дена, при инспекциска контрола на објект во сопственост на началникот на ОВР Пробиштип, каде, според нив, биле утврдени низа неправилности. Во соопштението се наведува дека објектот од намена училиште бил пренаменет во ресторан, со узурпација на државно земјиште, за што, како што тврдат, постојат претходни постапки и правосилна судска пресуда.
„Ова е класичен политички прогон и обид за дефокусирање на вниманието на јавноста“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека, според нив, ваквите обиди нема да успеат.
Македонија
Продолжуваат градежните активности на улицата „Љубљанска“, повторно се активира проектот за мостот во Карпош
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес изврши увид во продолжувањето на градежните активности на улицата „Љубљанска“, со што по долг период на застој повторно се активира проектот за ставање во функција на мостот во општина Карпош.
Со продолжувањето на работите се прави значаен чекор кон решавање на еден од долгогодишните инфраструктурни предизвици и воспоставување клучна сообраќајна врска од интерес за целото Скопје.
Во објава на социјалните мрежи, градоначалникот Ѓорѓиевски информира дека проектот повторно е активиран откако бил стопиран поради потребата од обезбедување мислење и дозвола од Конзерваторскиот центар за заштита на археолошкиот локалитет Скупи, согласно законската регулатива.
„Конечно, по долг период на застој, продолжува изградбата на улицата „Љубљанска“, со што ќе се пушти во употреба мостот во Карпош. Довербата што ја добив од граѓаните е обврска да се решаваат проблемите кои со години беа наталожени“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека со обезбедувањето на потребната дозвола, културното наследство е заштитено, а градежните активности ќе продолжат со засилен интензитет по завршувањето на конзерваторските зафати.
„Со комплетирањето на делот од мостот до улицата „Скупи“, ќе се воспостави клучна сообраќајна врска меѓу северниот и западниот дел на Скопје“, наведе градоначалникот.
Според најавите, новата сообраќајна врска ќе овозможи подобар пристап до Злокуќани, Бардовци и Индустриската зона, значително растоварување на булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“, како и побрз и побезбеден излез кон обиколницата.
Со проектот е предвидено отворање на нова современа сообраќајна оска и функционално решение за влезот во селото преку кружен тек или адаптивна семафоризација, во согласност со сообраќајните потреби.
„Нашата цел е намалување на сообраќајниот метеж, целосна заштита на културното наследство кај локалитетот Скупи и обезбедување безбеден и ефикасен проток за возила и пешаци“, напиша Ѓорѓиевски, додавајќи дека унапредувањето на патната и сообраќајната инфраструктура останува еден од врвните приоритети на Градот.
Македонија
Град Скопје започнува со Градска стратегија за безбеден сообраќај
Во согласност со програмските определби во програмата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, градот Скопје започнува со активности околу подготовка на Градска стратегија за безбеден сообраќај.
Според кабинетот на градоначалникот на Скопје, градската стратегија за безбеден сообраќај ќе ги инкорпорира насоките од проектот ВИЗИЈА 0 на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Оваа стратегија е клучна рамка за намалување на сообраќајните незгоди, со цел да се подобрат безбедноста и сигурноста за сите учесници во сообраќајот, преку повеќегодишни планови и програми 2026-2030, во согласност со меѓународните стандарди. Клучна цел на стратегијата ќе биде намалување на бројот на жртви и тешки повреди во сообраќајот, а визијата ќе биде НУЛА деца жртви во сообраќајот.
Стратегијата и плановите ќе вклучуваат мерки за подобрување на инфраструктурата, образованието, контролата и истражувањето на незгоди. Ќе се дефинираат на повеќе години, со конкретни активности и цели за секој период. Постојано ќе се работи на унапредување на безбедноста во сите аспекти, од возачи до патишта и возила.
Претседателот на Советот на Град Скопје, проф. Даме Димитровски вели:
Здравјето и животот на скопјани се врвен приоритет на оваа градска управа. Во поставување на темелната политика за безбеден сообраќај ќе ги подобриме условите на најранливите групи. Како град Скопје, ќе вложиме во политики и инфраструктурни мерки за побезбеден сообраќај. Спасувањето на животи во несреќа е херојско дело, но наша задача е да работиме паметно и да вложиме во превенција. Стратегијата ќе има посебно внимание кон програмата “Safe to school” со која ќе им се овозможи на децата безбеден пат од дома до училиште или културните и спортски установи на градот.
Проблемите со кои се соочува градот не познаваат партиски бои.
Советниците имаат отворена покана да се вклучат како активни чинители во конструктивни решенија на проблемите на скопјани. Верувам во аргументирана дебата, а не во политички театар. Советот на Град Скопје треба да созрее во тело во кое се слуша гласот на граѓаните, без да се надмудрува. Во фокусот ни е Скопје и суштинските решенија, а дневнополитичките расправии ќе станат неважни.
Советничките групи од мнозинството во градот, препознавме сродни определби во полето на безбедниот сообраќај со советничката од Независни Заедно и ја приоритизиравме оваа акција. Како што ветивме пред изборите, програмата за овој мандатен период ќе ја надополнуваме со заедничките ставови со другите кандидати. Секоја добра идеја и програма, ќе биде ставена на расправа.
Советничката Јана Белчева изјави:
Независни заедно припреми низа на предлози кои се однесуваат на сообраќајната безбедност, особено фокусирајќи се на најранливите учесници во сообраќајот, пешаците и велосипедистите. Проблемот најмногу го чувствуваат сите жители на градот, а Скопје има лоши показатели и на низа регионални и европски анализи. До сега, иако постојат студии, стратегии и акциски планови, жртвите растат, а решенијата се парцијални и не се започнати системски и координирана активности, кои ќе придонесат кон Визија 0 жртви во сообраќајот. Задоволни сме што нашите барања и предлози и се препознаени и се поклопуваат со предлозите од градоначалникот на градот, претседателот на Советот и мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ со што е обезбедено да се вградат во новиот буџет за 2026.
Од сега ќе се фокусираме и ќе ја следиме реализацијата.

