Македонија
(Видео) Заев: Имаме над 3 пратенички мандати повеќе од ВМРО-ДПМНЕ
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев посочи досега тие освоиле три мандати повеќе од ВМРО-ДПМНЕ и остава можност за уште плус два. Според него, граѓаните кажале да за победа на иднината, а не на опасноста. Коалицијата ‘Можеме’, Заев ја прогласи за победничка.
„Нека е честита победата. Можеме и тоа како можеме. Успеавме народе мој. Со убедлива и стабилна предност, во моментот од над 3 пратенички мандати пред ВМРО-ДПМНЕ, со можност за 1 или 2 уште повеќе. Нашата коалиција ‘Можеме’ е победничката коалиција на овие парламентарни избори. Најголемата, најразноликата, најмоќната и победничка, тоа е ‘Можеме’. Волјата на народот се потврди, победуваме. Излегоа граѓаните и гласаа за сигурна иднина, за заедништво и солидарност, за економски патриотизам, за ред и правда, излегоа граѓаните и избраа подобро денес и подобро утре. Патот напред е потврден. На опасноста и кажавме јасно – не. Имавме избори како што доликува на земја членка на НАТО, која граби кон Европската Унија, мирни, достоинствени, слободни и демократски, безбедни и современи. Благодарам на сите кои денес бевте активни учесници од ова ново поглавје од современата македонска демократија. Сите вие кои излеговте на овие најспецифични избори досега, сите кои го остваривте избирачкото право и кои учествувавте во враќањето на капацитетите на институциите и сите кои презедовте одговорност, ви благодарам на сите. Денеска победи иднината, напредокот“, рече Заев.
Тој ги уверува граѓаните дека следува уште поголема грижа за сите граѓани на кои им е потребна, но и дека ќе подадат рака на сите кои им треба поддршка и помош. Заев посочи дека следуваат и преговори со Европската Унија, но и правда.
„Ќе има правда. Ќе направам се твојот став гласно да го кажеш веќе на следните избори. Се обврзуваме и работиме макотрпно за да дојде правда за секој. Има една стара македонска поговорка која вели: ‘Како ќе си постелеш, така ќе си легнеш’, епилогот на денешните избори се отсликува со оваа поговорка. Тоа значи дека сите учесници на денешните избори добија порака од гласачите според тоа како и на кој начин ги спроведуваа своите политики. Среќен сум што граѓаните ги препознаа вистинските вредности и ни дадоа можност да ги продолжиме нашите прогресивни заложби за убава иднина на Република Северна Македонија. Денеска концептот ‘Парите кај граѓаните’ го порази концептот ‘Обнова на режимот’. Концептот на интеграција го порази концептот на изолација. Концептот кој влече силно напред, го порази концептот кој сакаше да враќа назад. Концептот ‘Едно општество за сите, го порази лажниот патриотизам, конфликтите и поделбите. Време е конечно сите мрачни и назадни концепти да завршат во неповратно минато, а партиите кои нудеа вакви поразителни политики да започнат процес на обновување, реформирање“, додаде Заев.
Тој ги повика граѓаните на уште поголем ангажман на есен за да покажат дека можат уште повеќе и уште подобро за сите, откако ќе се одморат летово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ОЈО: Предложен притвор за дилер на хероин
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 19 јануари, на наплатната станица Петровец, како сопатник во автомобил со кавадаречки регистарски ознаки, неовластено заради продажба држел околу 10 грама хероин.
Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, влијание врз сведоци и можности повторно да врши кривични дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, соопшти обвинителството.
Македонија
Минчев-Зомер: во фокусот професионализација на администрацијата и подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваниот амбасадор на Швајцарската Конфедерација во Република Северна Македонија, Кристоф Зомер.
На средбата беше изразено заемно задоволство од досегашната соработка и беше потенцирана подготвеноста за нејзино понатамошно унапредување, особено во областа на реформата на јавната администрација, која претставува еден од клучните приоритети на Владата. Во тој контекст, беше нагласена важноста од добро управување, професионализација на администрацијата и подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните.
Посебен акцент беше ставен на можностите за соработка во развојот на системи за обука, задржување и мотивирање на кадарот, како и унапредување на услугите ориентирани кон граѓаните.
Во рамките на средбата, Швајцарија беше препознаена како партнер со значајна експертиза во областа на добро управување, институционално јакнење и развој на одржливи модели за стручно усовршување, вклучително и преку дигитални и хибридни решенија за обука, при што беше изразен интерес за истражување на можностите за соработка во рамките на Swiss Cooperation Programme – Good Governance.
Министерот Минчев нагласи дека партнерството со Швајцарската Конфедерација претставува значајна поддршка за реформските процеси.
„Реформата на јавната администрација е темел на ефикасна, професионална и граѓански ориентирана држава. Швајцарија ја гледаме како исклучително важен партнер, од кој можеме да црпиме знаење, искуство и добри практики во насока на јакнење на институциите и подобрување на јавните услуги“, истакна Минчев.
На крајот од средбата, соговорниците ја потврдија заедничката определба за продлабочување на соработката и конкретизирање на идни заеднички активности во согласност со приоритетите на реформата на јавната администрација.
Македонија
Муцунски утре во Истанбул: ќе учествува на вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре, на покана на министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан, ќе учествува на Вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир, кој ќе се одржи во Истанбул. На состанокот е предвидено учество на министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан.
Балканската платформа за мир е иницијатива покрената од министерот Фидан во 2025 година, со цел да придонесе за регионалниот мир, стабилност и благосостојба, преку заеднички пристап во изнаоѓање регионални решенија за регионалните прашања. Првиот министерски состанок во рамки на оваа иницијатива се одржа во јули минатата година, исто така во Истанбул.
Муцунски ќе се обрати на состанокот, при што се очекува да ги адресира клучните прашања поврзани со регионалната соработка и заложбите за побрза интеграција во Европската Унија, со акцент на економскиот развој, транспортната поврзаност, енергетиката, дигитализацијата, како и образованието и младите.
На маргините на состанокот е предвидено министерот Муцунски да оствари и одвоена билатерална средба со министерот Фидан, на која, покрај прашањата од доменот на билатералната соработка, ќе се разговара и за регионалните состојби и актуелните глобални предизвици.

