Македонија
Грчева: Овој изборен процес е најскандалозниот од постоењето на нашата држава
Избори речиси без набљудувачи, без видливо присуство на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, присуство само на набљудувачи од СДС и ДПМНЕ на повеќето гласачки места. ДИК не ги објави на време изборните резултати. Врв на сè е синхронизираниот и скап хакерски напад на софтверот во ДИК, за кој имаме сомневање дека е нарачан, обвини Солза Грчева, претседател на Глас за Македонија.
„Крајно сомнителна е и набавката на нов софтвер од ДУНА пред само една недела, имајќи целосно функционален софтвер од 2006 година. Колкава е големината на овој фалсификат, доказ е што во чисти македонски средини, поддршката отиде кај албанските партии. Обратното не се случува. Во ваква ситуација, опозицијата треба прва да повика на поништување на изборите. Но, таа молчи и се расправа за неколку мандати.
СДС и ДПМНЕ повторно се јавија во улога на режисери на целиот процес, бидејќи имаше само нивни набљудувачи. Во целата нивна неодговорност “закана“ им беа партиите од третиот македонски блок, како Глас за Македонија. Последиците од нивното однесување ќе се видат веќе на локалните избори. Глас за Македонија e партијата која е најмногу оштетена на овие парламентарни избори. Таа беше буквално предмет на брутален напад со фалсификување на волјата на народот. Партијата која до последен момент беше рамо до рамо или веднаш зад Левица, заврши со поддршка од само 0.3% во друштво на маргинални и речиси непознати партии.
Глас за Македонија, која силно се дистанцираше и е против политиките на двата наши блока, беше предмет на распродажба на гласови. Денес ќе поднесеме приговор до ДИК за индиции за тежок изборен фалсификат за нашата партија.
Имаме индиции и докази за:
На голем број избирачки места каде што со сигурност гласале наши луѓе од пратеничките листи и нивните семејства, на крајот во записниците има НУЛА гласови;
Нашите уредно пријавени набљудувачи биле набркани од гласачките места;
На голем број избирачки места каде луѓе кои го набљудувале процесот, а се од администрацијата, ни јавуваа за над 2% поддршка, на некои места и 4%. На крајот, Глас заврши со неверојатни 0.3% на ниво на државата, што не е ни приближно на рејтингот на партијата потврден во многу анкети и на теренот;
Има голем број неважечки ливчиња, каде е заокружена нашата партија, а потоа ливчето е направено неважечко. Во ваквиот процес никој не смее да има доверба. Ова е само доказ дека кај нас нема независни институции и дека изборите се лажираат. Глас за Македонија бара отворање на сите кутии, повторно пребројување на гласовите и вештачење на неважечките ливчиња.
Ако ова не се направи, бараме поништување на изборите!“ порача Грчева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДЗС со вежба го одбележа Светски ден на цивилната заштита
Со вежба за цивилна заштита и спасување во битолско викендов се одбележува 1 Март – Светски ден на цивилната заштита. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов во изјава за медиумите истакна дека овој ден е посветен на луѓето, без разлика дали се од институциите или од доброволните друштва, кои секогаш се во служба на безбедноста и заштитата на граѓаните при природни непогоди, несреќи, кризни состојби и други опасности.

По повод Светскиот ден на цивилна заштита, во соработка на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) и Доброволно противпожарно друштво (ДПД) „Архангел“ од Битола, беше реализирана дводневна вежба во Битола и кај манастирот „Св. Ѓорѓи“ во битолското село Велушина (во предел кон границата со Грција).

– Првиот ден се реализираше презентација на улогата на ДПД во системот за заштита и спасување со разменување теортетски и практични искуства и добри искуствени практики. Вториот ден, при показната вежба – симулација на настан „Гаснење пожар на отворен простор“ се примени јасна командно-контролна структура (ICS), со однапред утврдени улоги и одговорности во насока на јакнење на меѓуинституционалната соработка и со доброволните друштва, нагласи Ангелов.
Македонија
(Видео) Филипче: Со Мицкоски, има драматичен пад на странските инвестиции за 729 милиони евра
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изјави дека со Христијан Мицкоски на чело на Владата има драматичен пад на директните странски инвестиции од 61 отсто, односно намалување од 729 милиони евра во 2025 година во споредба со 2024 година.
„Во 2024 година има рекордна вредност на директни странски инвестиции од 1.196.000.000 евра, а сега во 2025 година само 467 милиони евра. Тоа е резултат на економската политика на оваа Влада – едноставно дебакл“, изјави Филипче, повикувајќи се на податоци од Народната банка.
Тој нагласи дека бројките значат работни места и благосостојба, посочувајќи дека во време на владите на СДСМ биле отворени 16 нови фабрики и над 10.000 работни места во технолошко-индустриските развојни зони.
Филипче тврдеше дека сега се бележи повлекување на компании и кратење на производствени линии, при што, како што рече, „илјадници работни места се под ризик“.
Тој ја обвини Владата за „тотална негрижа“, посочувајќи на, како што наведе, буџетски дефицит од близу две милијарди евра, издавање две еврообврзници во вредност од една милијарда евра и барање нови 300 милиони евра задолжување.
Филипче додаде дека СДСМ предложила зголемување на минималната плата и пренамена на буџетски средства, но дека власта го одбила предлогот. Според него, намалени се средствата за земјоделство и за пациенти со ретки болести, додека, како што рече, „има пари само за тендери блиски до врвот на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Нема напредок, нема дури ни стагнација – има назадување на сите процеси во државата“, изјави Филипче.
Македонија
Инвеститори граделе без одобрение во Охрид и Струга, инспекторатот наложил уривање
СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.П. (46) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.
Според полицијата, таа како инвеститор, на катастарска парцела во охридското село Љубаништа, без правосилно одобрение за градење издадено од надлежниот сектор во општина Охрид, изградила објект за домување. Надлежен инспекторат донел решение за отстранување на градбата.
ОВР Струга, пак, поднесе кривична пријава против М.М. (58) од Струга, исто така поради сомнение за „бесправно градење“. Пријавениот, како инвеститор, без правосилно одобрение од општинскиот орган, изградил објект за домување и гаража на катастарска парцела во Струга.

