Црна хроника
Се утврдуваат причините за сообраќајката кај Радовиш во која загина 38-годишен маж на мотор

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш вчера изврши увид на регионалниот пат Радовиш – планина Плачковица, каде што во сообраќајна несреќа едно лице го загуби животот.
Според првичните сознанија, до несреќата дошло кога мотор „јамаха“, управуван од едно 38-годишно лице, удрил во патничко моторно возило „фолксваген голф“ со кој управувал возач на возраст од 28 години. Од ударот, моторот излетал надвор од коловозот, во стрмен дол. Со итна медицинска помош моторциклистот веднаш е префрлен во штипската болница, каде што им подлегнал на здобиените повреди. Возачот и двајца сопатници во голфот се здобиле со телесни повреди.
Јавниот обвинител издаде наредби за обезбедување на трагите пронајдени на лице место, а местото е фотографирано и скицирано. Издадена е наредба за обдукција на починатото лице, како и за анализа на примероци од крв и урина од возачот на другото возило. Дополнително, во насока на утврдување на причините за сообраќајната несреќа, по наредба на јавниот обвинител ќе се врши сообраќајно вештачење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
На тераса во Кочани украден паричник од 90-годишен маж

90-годишник од Кочани синоќа пријавил кражба што се случила околу 21:30 часот на терасата од неговата семејна куќа.
Според пријавата во ОВР Кочани, едно лице му го одзело паричникот во кој имало пари и лични документи.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Норвежанец приведен на аеродромот во Скопје, се однесувал агресивно

44-годишен државјанин на Норвешка бил приведен ноќеска на Меѓународниот аеродром Скопје, откако за време на летот од Осло до Скопје го нарушил јавниот ред и мир со агресивно однесување.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, при обид полициските службеници да разговараат со него, мажот продолжил да се однесува агресивно и кон нив, попречувајќи го извршувањето на службените дејствија.
Лицето било приведено, а по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираат од МВР.
Црна хроника
46-годишна жена физички нападната од својот партнер

Четириесет и шестгодишна жена од Скопје пријавила во полиција дека била физички нападната од својот партнер во домот каде што престојува, на подрачјето на општина Кисела Вода.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил на 6 јуни околу 22:00 часот, а пријавата била поднесена во СВР Скопје на 7 јуни, околу 02:30 часот. Осомничениот С.А. (50) оштетил и дел од покуќнината.
Од МВР информираат дека се работи на целосно документирање на случајот, по што ќе следува соодветна пријава против сторителот.