Топ
Седумнаесетгодишно момче загина со мотор на патот Кочани – Зрновци

Седумнаесетгодишно момче од штипското село Зрновци загина кога со мотор излета од патот Кочани – Зрновци. Сообраќајната несреќа се случила ноќеска во близина на местото наречено Дива Топола.
В. А. итно бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош, каде што им подлегнал на повредите.
За настанот е известен јавен обвинител, а увид на местото извршила екипа на Одделението за внатрешни работи Кочани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гаши демантира дека ја напушта коалицијата Вреди, останува лојален на гласачите

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, преку објава на Фејсбук ги демантираше информациите што се појавија во некои медиуми дека ја напушта коалицијата Вреди. Тој истакна дека останува член на партијата Алтернатива и дел од коалицијата Вреди, истовремено потенцирајќи дека како собраниски спикер ќе продолжи да ги извршува своите обврски согласно уставните надлежности.
„Како пратеник во републичкото Собрание останувам лојален на гласачите кои ме избраа на изборите на 8 мај 2024 година. Значи, Африм Гаши е член на Алтернатива во коалицијата Вреди. Како претседател на Собранието, се трудам да бидам еднаков за сите пратеници и пратенички групи, бидејќи тоа ми го наметнува уставната одговорност и функцијата што ја извршувам“, напиша Гаши.
По неодамнешните несогласувања со Арбен Таравари, лидер на едното крило на Алијансата за Албанците, од коалицијата Вреди најавија нов чекор кон поголемо политичко единство. Според најавите, следната недела ќе започне процедурата за создавање на единствена политичка партија што ќе ги обедини постојните партии од оваа коалиција.
Лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, во интервју за емисијата „ПодГо“ на Телеграфи Македонија, изјави дека новата партија ќе има заеднички штаб, информативен центар, заеднички кандидати, програма и советнички листи за претстојните локални избори.
Скопје
Пет лица се повредени во сообраќајката кај „Градска болница“

Пет лица се повредени, од кои едно потешко, во тешка сообраќајна несреќа што се случи синоќа во центарот на Скопје, на крстосницата кај улиците „11 Октомври“, „Даме Груев“ и „Филип Втори Македонски“.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена на 19 април околу 21:15 часот, кога патничко возило „Фолксваген Голф“ со скопски регистарски таблички, управувано од 18-годишниот А.Н. од Скопје, се судрило со автомобил „БМВ“ со чешки ознаки, управуван од Т.К. (24) од Струга.
Во судирот, тешки телесни повреди добил 20-годишниот С.Ј. од Скопје, кој бил сопатник во возилото „БМВ“. Телесни повреди добиле и двајцата возачи, како и две девојки – А.Ф. (20) и М.Р. (19), сопатнички во „Фолксвагенот“, сите од Скопје. Повредените биле пренесени во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, каде им биле констатирани повредите.
„На местото на несреќата излезе увидна екипа од СВР Скопје и се работи на расчистување на причините и околностите под кои се случил судирот“, соопштуваат од МВР.
Македонија
Меџити: Вреди ќе се менува, платформата станува партија

Од платформата Вреди наскоро ќе произлезе нова политичка партија, која ќе настапи обединето на претстојните локални избори. Како што најави вицепремиерот и лидер на Демократско движење, Изет Меџити, процедурите за формирање на новиот политички субјект ќе започнат веќе следната недела.
„Граѓаните испраќаат јасна порака – сакаат единствена, организирана и координирана понуда. Јавно велам: не е важно кој ќе биде претседател, важно е идејата да успее. Целта ни е обединување пред локалните избори“, изјави Меџити во емисијата „ПодГо“ на Телеграфи Македонија.
Според него, новата партија ќе има заеднички штаб, информативен центар, програма и листи за советници, додека кандидатите за градоначалници сè уште не се дефинирани. Меџити додава дека не гледа проблем во тоа што името на партијата и нејзиниот лидер сè уште не се познати, бидејќи „најважна е суштината, а не формата“.
Во меѓувреме, одлуката на Алијансата за Албанците да настапи со свои листи за советници на локалните избори предизвика тензии во рамките на коалицијата. Претседателот на партијата, Арбен Таравари, изјави дека одлуката не значи напуштање на Вреди и дека остануваат дел од Владата.
Сепак, Меџити смета дека оваа постапка оди во прилог на нивниот заеднички политички противник.
„Оваа одлука е во интерес на ДУИ. Верувам дека јавноста бргу ќе ја препознае суштината на ваквиот потег. Ние никого не сме исклучиле – тој сам се дистанцираше“, порача Меџити.
Тој додаде дека ова отвора и прашање за стабилноста на владината коалиција, но засега не е донесена одлука дали ќе се бара разрешување на Таравари од министерската функција во здравство.