Македонија
(Видео) Пендаровски: Помирување ни е потребно повеќе од било кога
Во ерата на националните романтизми и национализми, Илинден остана симбол на неспорно изрзената волја за својата држава, заснована врз демократските начела и слободниот живот на сите етнички и верски заедници. Ова го истакна претседателот, Стево Пендаровски, кој денеска се обрати во Меморијалниот Центар АСНОМ во Пелинце.
Во говорот, претседателот посочи дека овој Илинден се прославува во посебни услови, бидејќи светот е зафатен од пандемијата на коронавирусот, а оттуѓувањето што ги донесе оваа криза ја загрозува меѓусебната солидарност, за оние кои поминале низ пеколот на болеста и оние кои ги загубија работните места. Сепак, како што истакна Пендаровски, и покрај кризата земјата успеала да стане членка на НАТО, а во март оваа година Европскиот совет конечно донесе одлука за почеток на преговорите со нашата држава за членство во ЕУ, 15 години по добивањето на кандидатскиот статус.
Во однос на изборите, претседателот очекува побрзо конституирање на новото Собрание и Влада. Новата Влада ќе има една друга комплексна задача, особено после ваква изборна кампања во која беа изречени тешки обвинувања и лични дисквалификации кои дополнително ги продлабочија поделбите меѓу граѓаните, истакна Пендаровски.
Тој нагласи дека веднаш по неговиот избор кажал дека една од неговите главни определби е помирувањето, за кое денес рече убеден е дека ни е потребно повеќе од кога било во историјата, како независна држава.
Пендаровски се осврна и на проблемите со судството и нефункционалната администрација, кометирајќи дека тоа не е само пречка за побрзо интегрирање во ЕУ, туку е главна пречка за да живееме нормален живот во пристојно уредена држава.
„Наште граѓани со право се разочарани кога гледаат дека обвинителството кое беше симбол на сите наши надежи за расчистување со организираниот криминал се распоадна како последица на тоа што и самото стана дел од организираниот криминал“, рече Пендаровски
Додаде дека секоја злоупотреба на функцијата и јавните финансии, секој наместен тендер, секое влечење на судските постапки со години, секое малтретирање на граѓаните во административните коридори се причина повеќе за одлуката за заминување од државата на многу млади луѓе, за затворање илипреселба на бизниси во други држави и за енормно зголемување на фрустрациите и радикализација на граѓаните. Тој е дециден дека единствен начин да изградиме правилно општество е да се применува правото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

