Свет
Локалните власти во Британија добија овластување да ги урнат „контаминираните“ згради
Во стаписувачко преземање на власта од страна на британската влада локалните совети се подготвени да добијат овластување за уривање згради за кои се смета дека се епицентри на коронавирусот во целата земја, пренесува „Телеграф“.
Објавена минатиот месец – без многу врева – рамката за контролирање на Ковид-19 на Министерството за здравство и социјална заштита утврди серија закони вклучувајќи го и Coronavirus Act 2020, што локалните власти ќе може да ги користат за да спречат разгорување на пандемијата на Ковид-19.
Документот ги информира советите дека според Законот за јавното здравје (контрола на болести) од 1984 година, тие може да побараат од судот да наметне ограничувања или барања за затворање контаминирани простории; затворање јавни места во областа на локалната власт; заплена на средство за транспорт или подвижна структура; дезинфицирање или деконтаминирање на простории; или да нареди да се уништи зграда, транспортер или градба.
Советодавниот документ беше откриен од „Телеграф“, во кој се посочува дека овластувањата може да резултираат со уништување домови за нега, канцеларии, фабрики, па дури и приватни домови, ако сметаат дека е потребно. Возилата за јавен превоз, како што се автобуси и возови, приватни автомобили, па дури и авиони може да бидат предмет на уништување од страна на владата.
Документот исто така им дава овластување на советите да затворат одредени бизниси и места (продавници, кафулиња, спортски сали, центри за рекреација, канцеларии, лаборатории, магацини); да затвора јавни места на отворено (паркови, игралишта, плажи, шеталишта, базени на отворено) и да наложи длабинско чистење на згради или возила поврзани со појавата на коронавирусот.
Локалните овластувања за ограничено движење ќе вклучуваат можност за затворање или ограничување на активностите на училиштата и определување на возраста за учениците кои ќе добијат дозвола да одат на часови. Советите исто така ќе може да ги затворат или ограничуваат јавните настани и собири, како и да затворат бизниси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ЕП: Социјалните мрежи и вештачката интелигенција не се за лица под 16 години
Европскиот парламент (ЕП) денес одобри необврзувачка резолуција со која се бара минималната возраст за пристап до социјалните мрежи и вештачката интелигенција (ВИ) да биде 16 години, за да се обезбеди дека онлајн содржината е соодветна на возраста.
На веб-страницата на ЕП беше објавено дека пратениците ги повикаа земјите-членки на ЕУ да усвојат закони со кои ќе се утврди минималната возраст од 16 години за пристап до социјалните мрежи и вештачката интелигенција, додека на лицата на возраст од 13 до 16 години ќе им биде дозволен пристап со родителска согласност.
Тие, исто така, повикаа на усвојување закон со кој нема да се дозволи пристап до социјалните мрежи и вештачката интелигенција на лица под 13 години, објави Ројтерс.
Усвоената резолуција нема правна тежина и служи како политичка изјава што го изразува ставот на ЕП по ова прашање, според написите.
Врз основа на Законот за дигитални услуги (DSA) на ЕУ, онлајн платформите се обврзани да ги почитуваат законите на земјите-членки на Унијата, кои ја оставаат секоја земја сама да одлучи за минималната возраст за пристап до социјалните медиуми и вештачката интелигенција, пренесува Танјуг.
Фото: ЕПА
Свет
(Видео) Јужна Кореја го лансираше досега најголемиот сателит
Јужна Кореја денес успешно го лансираше најголемиот сателит досега со својата вселенска ракета „Нури“, четврто од шест планирани лансирања до 2027 година.
Тростепената ракета „Нури“ беше лансирана од космодром на остров во близина на југозападниот крајбрежен округ Гохеунг.
Официјални лица од воздухопловните сили изјавија дека ракетата поставила научен сателит од 516 килограми и 12 микросателити во целна орбита на околу 600 километри над Земјата, објави АП.
Главниот сателит е опремен со камера со широк дострел за набљудување на ауроралната активност и посебни системи за мерење на плазма и магнетни полиња.
Дванаесет помали сателити „коцкасти“, развиени од универзитетски тимови и истражувачки институции, вклучуваат GPS системи за проучување на атмосферата на Земјата, инфрацрвени камери за следење на пластика во океаните и системи за тестирање на соларни ќелии или комуникациска опрема.
„Нури“ е тристепена ракета напојувана од пет мотори од класа 75 тони во првата и втората фаза и мотор од класа седум тони во третата фаза, кој го ослободува товарот на саканата надморска височина.
Јужна Кореја ја започна програмата „Нури“ во 2021 година, пренесува Танјуг.
Фото: принтскрин
Свет
Германија го претстави новиот борбен тенк „Leopard 2A8“
Германската одбранбена компанија KNDS официјално го претстави својот нов главен борбен тенк, „Leopard 2A8“ кој ќе биде распореден со германските сили во Литванија, додека Европа го зајакнува своето присуство на источното крило на НАТО по границата со Русија. Тенкот беше претставен на јавноста во Минхен на церемонија на која присуствуваше германскиот министер за одбрана Борис Писториус, објавува „Њузвик“.
Според производителот, станува збор за сосема нов дизајн, а не за надградба на претходните платформи. Како и постарите верзии, „Leopard 2A8“ е опремен со топ со мазна цевка од 120 мм и два митралези од 7,62 мм. Оклопот е поотпорен, тенкот е побрз, опремен е со најновата паметна технологија.
Новата 45-та оклопна бригада (Panzerbrigade 45) во Литванија ќе биде првата што ќе ги добие новите тенкови „Леопард 2А8“. Бригадата беше основана во мај од германскиот канцелар Фридрих Мерц, а нејзиното формирање претставува прво трајно распоредување на германски трупи во странство по Втората светска војна. Се очекува бригадата да има 5.000 членови до 2027 година. Портпаролот на германското Министерство за одбрана одби да каже точно колку тенкови ќе добие бригадата, повикувајќи се на воена тајна.
Фото: ЕПА

