Европа
ОБСЕ го потврди договорoт за прекин на огнот во источна Украина
Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) извести дека на состанокот во белоруската престолнина Минск претставниците на прозападните власти во Киев и проруските бунтовници во југоисточните региони на земјата во петокот се усогласиле и договориле примирје, а портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Москва се надева дека прекинот на огнот ќе биде почитуван по сите 14 точки.
Претставниците на завојуваните страни во источна Украина потпишаа протокол со кој примирјето стапи на сила од 18 часот по локално време, соопшти за новинарите во Минск, претставничката на ОБСЕ на преговорите, Хајди Таглиавини.
Со договорот за прекин на огнот се предвидува размена на заробениците, а вооружените сили ќе останат на своите сегашни позиции, изјавил за Reuters извор близок на преговорите.
Претходно седмицава двете страни во украинскиот конфликт дека договорот за прекин на огнот би требало да вклучува и отворање хуманитарен коридор за бегалците и помош, како и почеток на обновување на разурнатата инфраструктура во источните региони на Донецк и Луганск.
Украинскиот претседател Петро Порошенко изјави дека на војската и ’ наредил во петок од 18 часот по киевско време да ги прекине операциите и да го почитува договорот, откако учесниците на преговорите во Минск се согласија околу мировниот план за регионот. Во соопштението објавено на официјалната интернет страница на украинското претседателство се наведува дек примирјето мора да се почитува од двете страни, а дека неговото спроведување ќе го надгледуваат набљудувачи од ОБСЕ.
„Човечките животи се најголемата вредност и мораме да сториме сé за да можеме да го спречиме крвопролевањето и патењето“, изјави Поршенко кој последните два дена ги мина на самитот на НАТО во Велс.
Бунтовниците, и покрај постигнатото примирје велат дека не се откажуваат од намерата да се отцепат од Украина и да функционираат во самопрогласената територијална формација Новорусоја, којашто ја формираа ткн „народни републики“ во Донецк и во Луганск. „Подготвени сме на прекин на огнот во 18 часот, но тоа не значи дека ќе се откажеме од нашите настојувања да се отцепиме од Украина“, изјави челникот на бунтовниците во Луганск, Игор Плотницки.
„Москва се надева дека сите одредби од документи и договорот постигнат во Минск сите страни ќе го почитуваат по сите точки поради постигнување целосно решение на кризата во Украина“, изјави за Итар-Тасс Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин.
„Руското претседателство го поздравува потпишувањето на протоколот во Минск по консултирањето на Контактната група задолжена за остварување на иницијативата на рускиот и украинскиот претседател, Владимир Путин и Петро Порошенко“, додаде Песков./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Герасимов: Во јануари окупиравме 300 квадратни километри во Украина
Руските сили зазедоа повеќе од 300 квадратни километри украинска територија во првата половина на јануари, изјави началникот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов. Русија соопшти дека минатата година зазела 6.640 квадратни километри во Украина.
Украинскиот парламент во среда го назначи младиот технократ Михаил Федоров за министер за одбрана, додека владата се стреми да ги поттикне иновациите за да ја зајакне војската за време на тешката фаза од речиси четиригодишната војна.
Претседателот Володимир Зеленски изјави дека му наредил на 34-годишниот Федоров да спроведе брзи одлуки за заштита на украинското небо, зајакнување на линиите за снабдување на фронтот и воведување други технолошки решенија за запирање на руското напредување.
Исцрпената украинска армија е побројна и пооружена на фронтовските линии откако започна руската инвазија во февруари 2022 година. Руските сили бавно напредуваат во источниот регион Донецк и се обидуваат да ги пробијат одбранбените линии на југ и североисток.
Бидејќи дипломатските напори за завршување на војната не даваат опипливи резултати, Киев се соочува со потребата да ги зајакне своите вооружени сили, кои бројат околу милион припадници.
Европа
Поранешен руски заменик-министер пронајден мртов: „До телото пронајдено оружје“
Поранешниот руски заменик-министер за труд и социјална заштита Алексеј Скљар изврши самоубиство, објави „Московски комсомолец“. Според весникот, телото на поранешниот функционер е пронајдено во неговиот дом во селото Поповка, во областа Филимонковски. Веста ја објави и руската државна новинска агенција ТАСС.
„Московски комсомолец“ објавува дека пред смртта, Скљар оставил проштална порака на социјалните мрежи во која изјавил дека сè е вина на неговата сопруга. Итните служби пристигнале на местото на настанот и забележале дека вратата од домот на Скљар е отворена.
Неговото тело било веднаш на влезот. Во близина на телото е пронајден пиштол.
Алексеј Скљар бил заменик-министер за труд од 2018 до 2022 година. Тој бил одговорен за развој на информациски системи и обезбедување на владини услуги по електронски пат. Пред тоа, тој работеше во канцеларијата Краснодар на Федералното министерство за финансии од 2002 до 2013 година, а потоа во Сметководствената комора на Руската Федерација од 2013 до 2018 година.
Европа
Поларен студ се очекува во Европа кон крајот на јануари
После декември со претежно стандардно време, јануари донесе студ и снег. Значителен дел од Европа моментално е под снежна покривка, што создава услови за развој на ладен континентален антициклон и продолжување на зимските услови.
Во исто време, се развива голем сибирски антициклон, кој би можел да насочи многу студен, можеби поларен, воздух кон југ кон крајот на месецот. Влијанието на атлантските циклони е ослабено и не се очекуваат долготрајни јужни ветрови во блиска иднина, пишува IstraMet.
Прогнозите укажуваат на постепен развој на нова зимска ситуација. Веќе во недела, температурите на воздухот ќе се спуштат на просечни нивоа за ова време од годината. Ова ќе биде и вовед во период на постабилно и посончево време, со утрински минус температури и пријатни дневни температури. Не се очекуваат поголеми метеоролошки нарушувања во наредните денови.
Позначајна промена е можна кон крајот на јануари, под влијание на постојан сибирски антициклон. Таквиот развој на синоптичката ситуација би можел да го помести поларниот воздух подалеку на југ, можеби дури до Медитеранот, при што дел од тој воздух ќе стигне до нашиот регион. Сè уште е прерано да се прават подетални прогнози.

