Македонија
МВР го информира ОЈО за текот на активностите за дивоградбата кај „Мавровка“
Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност, изминатиов период, применувајќи ги неопходните мерки и активности од делокругот на својата надлежност, интензивно работеше во насока на утврдување постоење основи на сомнение за сторено кривично дело бесправно градење, кое се гони по службена должност во реонот на Трговскиот центар „Мавровка“.
По исрцпување на сите истражни мерки и активности во насока на откривање и документирање на кривично-правниот настан, денеска, 7.8.2020 (петок), од страна на СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал до Основното јавно обвинителство Скопје беше поднесен соодветен акт од сите досега преземени мерки и активности во врска со кривично-правниот настан бесправно градење, кој се однесува на член 244-а од Кривичниот законик.
Заради утврдување елементи на постоење основи на сомнение за сторени кривични дела кои се гонат по службена должност, а се однесуваат на предметниот кривично-правен настан, СВР Скопје ќе продолжи и понатаму со преземање соодветни мерки и активности од делокругот на својата надлежност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Освојувањето на 14-те највисоки врвови го сметам за национален успех, вели Кедев
Освојувањето на 14-те највисоки врвови во светот го сметам за национален успех. Тоа што ми даде сила беше токму тоа да го однесам македонското знаме и македонското име на сите врвови. Тој успех го посветувам на сите граѓани и сите Македонци каде и да се во светот, порача кардиологот и алпинист Сашко Кедев, по одликувањето на Орденот „8 Септември“ за особените заслуги во медицината и за историскиот подвиг во алпинизмот.
Кедев, изрази длабока благодарност за одликувањето, кое рече дека иако опфаќа повеќе елемент од неговиот живот, го споделува со сите колеги со кои заедно ја формираат Интервентната кардиологија пред повеќе од 30 години.
Суштината во животот, порача Кедев, е да најдеме активност што нема крајна цел, туку чиста мотивација без конкретна цел.
Македонија
Кардиологот и алпинист Сашко Кедев одликуван со Орден „8 Септември“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го одликува кардиологот и алпинист Сашко Кедев со Орден „8 Септември“, за особените заслуги во медицината, не само дома, туку и во европски и светски рамки, како и за историскиот подвиг во алпинизмот како прв Македонец којшто ги искачил 14-те светски планински врвови над 8 000 метри надморска височина.
Сиљановска-Давкова, на доделувањето на орденот вечерва во Македонската филхармонија, порача дека академик Сашко Кедев е човек, чијшто персонален и општествен интегритет ги надминуваат границите на потесната стручна област и се интегрирааат во колективната меморија на државата и општеството.
-Сите го знаеме како врвен медицински авторитет, еден од пионерите и лидерите во развојот на интервентната кардиологија. Неговата личност ја красат благородноста, моралниот интегритет и хуманоста… Биографијата на академик Кедев е поучен пример за секој од нас, но и добар прирачник за идните генерации. Таа е доказ дека успесите не се ниту привилегија, ниту случајност, туку логична последица и заслужена награда за енормните, натчовечки напори на човек со голема буква, рече Сиљановска-Давкова.
За сето она што го направи за медицината, науката, спортот, за меѓународниот углед на нашата земја, но и за македонската демократија, најмалку што можеме да сториме, рече Сиљановска-Давкова, е да му оддадеме признание. Не може да говориме за него, а да не го занемариме неговиот активен и видлив придонес за македонската демократија од првите денови на самостојноста и независноста до денес.
-Каде и да оди и што и да работи по светот, тој ја персонифицира на најдобар начин Македонија. Доказ за тоа е и неговиот статус на почесен конзул на Индонезија, плод на неговите неимарски способности во градењето мостови на доверба и партнерство меѓу народите и државите, нагласи Сиљановска-Давкова.
Доктор Кедев, нагласи, има биографија што не ја опишуваат епитети, туку ја потврдуваат суперлативи.
– Фактите говорат дека тој е меѓу водачите, првенците – интервентни кардиолози на Универзитетската клиника за кардиологија, но и во другите центри во земјата, како и во бројни престижни меѓународни медицински институции, од Канада до Јужна Африка, што од него прави своевиден колумбовски или магелановски докторски профил, порача претседателката.Неговиот научен опус е вонсериски во домашeн контекст, рече Сиљановска-Давкова, нагласувајќи дека академик Кедев вовел револуционерни техники во нашата кардиологија, со што поставил повисоки стандарди, отворил нови и пошироки хоризонти, давајќи им нова шанса на илјадници пациенти.
-Ако во медицината, д-р Кедев ги достигна највисоките професионални и хумани височини, тогаш во алпинизмот, буквално, ги освои највисоките врвови на светот. И тоа, не во младешките денови на бунтовник без причина, туку во зрелата доба, како бунтовник со цел: умен, искусен, но се уште детски љубопитен; храбар, но внимателен; желен за нови подвизи, но наоружан со богато искуство, дисциплина и истрајност и … разбран и придружуван, дополни Сиљановска-Давкова.
Таа истакна дека во период подолг од две децении, Сашко Кедев ги искачи сите 14 највисоки врвови над осумилјади метри.
-Неговите подвизи не само што предизвикуваат дилеми, чудење и восхит, туку ги поместуваат границите на човечката издржливост и верба… Цврсто верувам и ве уверувам дека успесите на академик Кедев не се случајност, туку резултат на енормно знаење и сизифовски напори, потпрени на цврст морален темел и чиста и длабока духовност. Храброста и неуморноста што ги учел и вежбал во салите за операции, го поттикнуваат и водат на највисоките планински врвови, а вербата во правдата и моралот, го инспирираат и придружуваат во општествената битка за подобро, поправедно, демократско општество, изјави Сиљановска-Давкова.
Како што потецираше, секогаш кога е потребно гласно, чесно и одговорно да се проговори, тој е тука, дома, во Македонија.
На доделувањето на Орденот, вечерва во Македонската филхармонија, присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и министри од Владата, градоначалници, академици и голем број личности од општествениот живот.
Орденот на Кедев му се доделува и за храбриот придонес во конституирањето на самостојна и независна Република Македонија и за активното учество во развојот на македонската демократија, за особените заслуги во медицината, не само дома, туку и во европски и светски рамки, крунисани со членство во престижни научни меѓународни асоцијации. Понатаму, за уживањето посебен углед како врвен интервентен кардиолог којшто вовел иновативни техники и методи, извршил неколку илјади коронарни интервенции и над 1 600 транс-радијални каротидни стентирања, за исклучителните образовни и научни успеси, потврдени со 230 публикации со импакт-фактор на платформата „Wеb of Science“, H-индекс 36 и 13 650 цитати, за продлабочувањето на меѓународната соработка како почесен конзул на Индонезија.
Македонија
Граѓаните „Мој ДДВ“ ќе го добијат на сметка до крајот на ноември
Граѓаните кои редовно скенираат фискални сметки преку апликацијата „Мој ДДВ“ повратот на данокот за третиот квартал годинава ќе го добијат на своите трансакциски сметки до крајот на ноември, информира Министерството за финансии.
Станува збор за парите акумулирани од скенираните сметки во периодот јули–септември, кои согласно правилата се исплаќаат 60 дена по завршување на кварталот.
Од институцијата појаснуваат дека системот за поврат функционира редовно, а доцнење најчесто се случува поради неточни или неажурирани податоци за трансакциската сметка во Управата за јавни приходи. Доколку граѓаните смениле банка или број на сметка, потребно е навреме да ги ажурираат информациите во својот кориснички профил, за да не дојде до враќање или блокада на уплатата.

