Македонија
Адеми предлага децата да одат на училиште, се разгледуваат три модели за настава
Комисијата за заразни болести размислува, а Министерството за образование и наука се противи наставата во новата учебна година да се спроведува онлајн.
Министерот Арбер Адеми вели дека онлајн-настава ќе има само доколку Министерството биде принудено да се определи за ваков начин на спроведување на образовниот процес.
Тој посочи дека засега се разгледуваат три модели за настава, од кои, во текот на наредните денови ќе треба да се одреди кој ќе се спроведе.
„На состанокот на Комисијата за заразни болести е дискутирано за одвивањето на наставата во новата учебна година. Разгледани се моделите за организирање на наставата и аргументите за секој модел, заедно со предностите и ризиците од секој модел. Конечна одлука, односно заклучок, нема ниту во Комисијата за заразни болести. Ќе продолжат консултациите. За ова прашање, разговаравме и на седница на Владата. Имавме широка работна група, првиот модел е организирање и реализирање на наставата со физичко присуство, вториот е далечинско учење и третиот модел е комбиниран. Во МОН преовладува мислењето дека треба да се организира настава со физичко присуство, но секогаш имајќи ги предвид епидемиолошката состојба и условите во училиштата. Тоа значи дека секаде каде што ни дозволува епидемиолошката состојба со физичко присуство и каде што има услови да се организира наставата со физичко присуство, а имајќи ги предвид протоколите што сме ги подготвиле, тогаш треба да се организира наставата на таков начин“, рече Адеми.
Сепак, според него, одлуката ќе се донесе според епидемиолошката состојба во земјата.
„Нашиот став е јасен, нема замена за наставата организирана со физичко присуство, но сепак треба да водиме сметка за здравјето на учениците и да водиме сметка за епидемиолошката состојба. Наставата со физичко присуство би се одржала со конкретни мерки и упатства за безбедна настава. Во училиштата каде што се пребукирани, таму треба да има дел онлајн-настава, а дел со физичко присуство. Тоа значи дека ќе се поделат училниците со помал број ученици, една група би следела настава со физичко присуство, а во исто време другата група преку средства за електронска комуникација би ја следеле наставата во реален час, а доколку не може, лекциите би се поделиле од националната платформа, каде што се обработени темите и содржините. Исто така, ако би се одлучиле наставата да се одржи со физичко присуство, а имаме деца што имаат хронични болести или респираторни болести, тие би можеле преку средствата за електронската настава да ја следат наставата. Сè зависи од епидемиолошката слика, ние сакаме да се обезбеди најбезбедниот модел водејќи сметка за образовниот процес и здравјето на учениците. Најлесно е да се определиме за онлајн-настава, но пак ќе повторам, само ако бидеме принудени и нема друг начин, би се определиле за ваквиот модел, за вакво организирање на наставата“, додаде министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

