Економија
„Еуролинк осигурување“: Одземањето на дозволата на Еуростандард банка не влијае на нашето работење

Во врска со тековните случувања поврзани со Еуростандард банка, а со цел правилно информирање на нашите клиенти и соработници, „Еуролинк осигурување“ потврдува дека нема никаква капитална или друга поврзаност со Еуростандард банка.
„Еуролинк осигурување АД Скопје од 31.3.2020 е во 100 % сопственост на Grazer Wechselseitige Versicherung AG (GRAWE Group), со седиште во Грац, интернационална компанија со осигурителна традиција долга повеќе од 190 години. Оттука, сакаме да ги информираме сите наши осигуреници и соработници дека одземањето на дозволата за работа на Еуростандард банка нема и ниту ќе има ефект врз нашето работење.
„Еуролинк осигурување“ изнајмува деловни простории во сопственост на Еуростандард банка, каде што е сместена нашата централа, и таа продолжува да работи без прекин и пречки, секој работен ден од 8 до 16 часот. За сите дополнителни информации за осигурениците на „Еуролинк осигурување“ на располагање им стои нашиот контакт-центар достапен 24/7 на 02/15888, а за дополнителни информации за јавноста достапни сме на [email protected], се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Создаваме мрежа на македонски енергетски умови ширум светот

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, објавува значајна иницијатива насочена кон поврзување со истакнатите македонски професионалци во областа на енергетиката и рударството, кои моментално прават значаен напредок во странство.
Во оваа насока, Божиновска оствари средба со Ангела Попова, истакната млада инженерка. Ангела е електроинженер со магистерски студии по електроенергетика (M. Sc) на Техничкиот универзитет во Минхен, каде што ги продолжува и своите докторски студии. Нејзиното истражување е фокусирано на пренос на електрична енергија преку високонапонски системи, при Катедрата за пренос и дистрибуција на електрична енергија на истиот универзитет. Таа активно учествува во меѓународни проекти и претставува силен глас на новата генерација македонски инженери кои својата експертиза ја применуваат на европско тло.
На средбата, Божиновска и Попова разменија идеи за потенцијалната соработка, важноста на поврзаноста со нашите експерти во странство и начините на кои тие може да придонесат за трансфер на знаење, консултативна поддршка и отворање нови можности за институционална и деловна соработка.
Оваа средба претставува прв чекор во иницијативата на Министерството за воспоставување официјална мрежа на македонски експерти во областа на енергетиката и рударството, која ќе биде основа за систематска соработка, размена на информации и пристап до најновите трендови и технологии во секторот.
„Поврзувањето со нашите талентирани сограѓани во странство е клучно за зајакнување на нашиот енергетски сектор и поттикнување на иновациите. Преку соработка со нашите угледни инженери и професионалци, можеме да ги искористиме нивните знаења и увиди за подобрување на нашите стратегии и цели за развој во Македонија“, истакна Божиновска.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е цврсто посветено, како што стоив во соопштението на градење на оваа мрежа и отворање канали за комуникација и соработка со нашите професионалци надвор од земјата. Оваа платформа, оценуваат од таму, ќе придонесе за побрз развој на секторот, заснован на знаење, иновации и глобални искуства.
Ги повикуваат сите македонски професионалци во странство кои се активни во областа на енергетиката и рударството да стапат во контакт со министерството и да станат дел од оваа мрежа.
Економија
Предлог-законот за енергетика усвоен во прво читање: „Суштински чекор во модернизацијата, либерализацијата и во зголемувањето на одржливоста на енергетскиот сектор во земјата“

Собраниската Комисија за европски прашања го прифати Предлогот на новиот Закон за енергетика во прво читање, со што започнува важен процес на усогласување на македонското законодавство со европската регулатива во областа на енергетиката, извести Министерството за енергетика.
Пред Комисијата, законското решение го образложи заменик-министерот Мирослав Лабудовиќ, истакнувајќи дека неговото донесување претставува суштински чекор во модернизацијата, либерализацијата и зголемувањето на одржливоста на енергетскиот сектор во земјата. Како што посочи, транспонирањето на директивите и регулативите од европскиот пакет за „чиста енергија“ ќе овозможи неколку клучни придобивки:
• Либерален, транспарентен и конкурентен пазар за електрична енергија, кој значи поголем избор, поквалитетни услуги и пофер цени за потрошувачите;
• Можност за промена на снабдувач без административни или финансиски пречки;
• Воведување паметни броила и подобра информираност на потрошувачите;
• Поддршка за нови концепти како потрошувачки-производители, енергетски заедници и активно управување со побарувачката.
Овој процес претставува дел од пошироките реформски приоритети на државата – зајакнување на институциите, енергетска безбедност, зелена транзиција, социјална праведност и подготовка за членство во Европската Унија, велат од Министерството за енергетика.
„Станува збор за обемен закон, целосно усогласен со европските норми. Транспонирањето на Четвртиот енергетски пакет носи повеќе бенефити. За стопанството тоа значи поголема конкурентност на пазарот, пониски цени на електричната енергија преку зголемена пазарна ликвидност и пристап до нови извори на снабдување. За граѓаните, ова значи поголема заштита на потрошувачите, можност за пофлексибилни тарифни модели и поголема транспарентност на пазарот. Дополнително, отвора простор за повеќе инвестиции во капацитети за складирање енергија, што е клучно за стабилноста на системот со оглед на растот на обновливите извори“, вели министерката Сања Божиновска.
Законот е во целосна согласност со Зелената агенда за Западен Балкан и европскиот Зелен договор, а со неговото усвојување Македонија ќе се приклучи на пазарот на електрична енергија на ЕУ и пазарот „ден однапред“. Според проценките, успешно спроведување на овие чекори може да донесе финансиски бенефити од 6,4 до 8,5 милиони евра
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини особено ја нагласува и важноста од преносот на МЕПСО под своја надлежност, со цел поефикасно и стручнo управување со клучната инфраструктура за пренос на електрична енергија, соопшти Министерството за енергетика.
Економија
Николовски: Годинава наплатени 13,6 милиони евра повеќе од лани

Наплатата на приходи остварени од Царинската управа во првото тримесечје годинава се поголеми за 13,6 милиони евра во однос на истиот период минатата година. До обвинителствата се поднесени 102 кривични пријави, или за повеќе од цел тригодишен период од 2020 до 2023 година кога биле поднесени вкупно 85 кривични пријави. Ова беа само дел од резултатите на Царинската управа кои ги презентираше денеска директорот на Царинска управа, Бобан Николовски по повод одбележување на 14 Април, Ден на Царинската управа.
Тој, исто така, кажа и дека во првото тримесечје се остварени 143 случаи на заплени или за 77 проценти повеќе во однос на минатата година. Притоа, мобилните царински тимови во овој период оствариле повеќе од 100 заплени што е еднакво на годишен просек на заплени споредбено од 2017 до 2023 година.
Директорот Николовски истакна дека тенденцијата на пораст на наплатата на приходи продолжи и годинава при што во првото тримесечје е остварена наплата од речиси 480 милиони евра или 13,6 милиони евра повеќе од истиот период минатата година. Притоа приходите од Царина се повисоки за 15,6 проценти, од акциза за 5,7 проценти, а од данок на моторни возила за 16,2 проценти.
По основ на извршени проверки и контроли од Секторот за контрола и истраги наплатени се 20 милиони денари, а донесени се и решенија за дополнителна наплата на износ од 5,7 милиони денари. Овие средства значат повеќе инвестиции за капитални проекти, за училишта, градинки, болници, патишта, повисоки плати и пензии, за поконкурентна економија.
„Ваквите резултати се должат на зголемени контроли и зголемена тимска работа и делување на ниво на институција, а не на поединци“, рече директорот Николовски.
Во првото тримесечје од годинава се остварени 143 случаи на заплени, или за 77 проценти повеќе во однос на минатата година кога бил остварен 81 случај на заплени.
„Преку спроведување на сериозни и темелни истраги влеговме во траг и откривме сериозни криминални мрежи. До Основно јавно обвинителство и до Основно јавно обвинителство за организиран криминал и корупција во 2024 година се поднесени вкупно 89 кривични пријави, против 46 правни лица и 122 физички лица. Овде особено сакам да ги истакнам резултатите во последните пет месеци, заклучно до седми април, период во кој нашиот тим од Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги поднесе 102 кривични пријави до Основното јавно обвинителство и до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против 58 правни и 184 физички лица. За споредба во тригодишен период од 2020 до 2023 година биле поднесени 85 кривични пријави за цели три години. Анализирано на месечно ниво од 2016 година наваму во овие пет месеци имаме историски најмногу поднесени кривични пријави на месечно ниво“, истакна Николовски.
Притоа, како што рече, Царинската управа, преку Секторот за контрола и истраги, застана на патот и спречи разработена шема на организиран криминал со употребувани возила при што досега се поднесени 12 кривични пријави против 6 правни и 30 физички лица, при што дел од лицата се теретат за повеќекратно извршување на исти или слични дела.
Како доказ за посветеноста, додаде Николовски, се и случаите во кои беа запленети 188,6 килограми марихуана, уникатен златен накит со тежина од 1,7 килограми и вредност пола милион евра, околу 600 килограми анаболични стероиди, 6,4 килограми сребро.
„Особено би сакал да го истакнам и работењето на мобилните царински тимови кои покажуваат извонредни резултати. Во 2024 година мобилните царински тимови во рамки на Одделението за оперативни работи при Секторот за контрола и истраги остварија 193 заплени, од кои 136 се остварени во втората половина од годината. Уште повеќе, во 2025 година, остварија повеќе од 100 заплени што е на ниво на годишни остварени резултати споредбено во периодот од 2017 до 2023 година кога имало евидентирани заплени кои се движеле од 52 до најмногу 110 за цела година“, рече директорот.
Воедно истакна дека во моментов се реализираат инвестиции во вредност од 24,4 милиони евра кои се обезбедени од Светска банка, Република Кореја, од ЕУ како грант средства, како и од националниот Буџет.