Економија
Димковски: Винариите да формираат цени кои нема да бидат навредливи за земјоделецот

Винариите треба да формираат цени кои нема да бидат навредливи за трудот на земјоделецот, туку напротив ќе го стимулираат производството, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, во Кавадарци, каде што оствари средба со градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев, градоначалникот на Општина Неготино Тони Делков, градоначалникит на Демир Капија Лазар Петров, пратениците Панчо Минов, Даниела Колева и Лолита Ристова како и претставници на здруженија на лозари и дел од лозаропроизводителите од овој регион.
На состанокот се разговараше за екстремно ниската откупна цена на грозјето на една од винариите која деновиве беше објавена на социјалните медиуми.
Грозјето од годинешната реколта е произведено со висок квалитет и големи приноси благодарение на поволните климатски услови кои оваа година им беа наклонети на лозарите. Следствено на тоа Mинистерството за земјоделство очекува висока откупна цена и откуп на целокупната произведена количина.
„Не смее да има никакви злоупотреби и уцени кон земјоделците од страна на било која винарија. Винариите треба да формираат цени кои нема да бидат навредливи за трудот на земјоделецот, туку напротив ќе го стимулираат производството. Целта на денешниот состанок е,не само на винаријата која објави екстремно ниски откупни цени на грозјето, туку и на сите други винарски визби кои вршат откуп, да им се укаже дека треба да формираат прифатливи откупни цени кои ќе бидат достојни за трудот на земјоделецот“, рече Димковски.
Од овој состанок произлезе и записник според кој :
-Се предлага до средината на наредната недела да се одржи состанок помеѓу МЗШВ и винариите со цел да се утврди откупната цена на грозјето за овогодинешната реколта и количини за откуп.
-Се предлага решавањето на проблемот со вишокот на грозје да се изврши со интервенција од државата.
-Заради нарушување на домашниот пазар на вино намалување на цените на поголемите извозни пазари предизвикани од Корона кризата, винариите доколку имаат потреба аргументирано да бараат соодветни реални мерки од државата.
-МЗШВ да ги информира нашите амбасади во соседните држави и трети земји за извоз на винско грозје по лански откупни цени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.