Регион
Бајден во Турција ги смирува тензиите, вели дека САД соработуваат околу Ѓулен
Американскиот потпретседател Џозеф Бајден изјави во средата вечерта во Анкара дека ги „разбира силните емоции“ на турската влада и на народот во врска со исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен кој од 1999 година живе во егзил во САД и кого Турција го обвинува, меѓу другото, дека стои и зад неуспешниот обид за воен преврат од 15-ти јули, и порача дека Вашингтон соработува во разгледувањето на доказите против клерикот чие екстрадирање го бараат турските власти, но дека мора да се почитуваат правните стандарди.
Меѓутоа, Турција мора да пружи повеќе докази кои го товарат 75-годишниот поранешен имам Фетулах Ѓулен кој живее во американската сојузна држава Пенсилванија, доколку сака да го издејствува неговото екстрадирање, изјави американскиот потпретседател Џозеф Бајден по срдбите со турските челници, истакнувајќи дека не е поднесен „ниеден доказ“ за неговата наводна вмешаност во неуспешниот државен удар.
Еднодневната посета на Бајден на Турција треба да придонесе за подобрување на односите меѓу двете земји сојузнички во НАТО кои се ставени на искушение по пропаднатиот обид за државен удар и нестрпливите повици на Анкара за израчување на Ѓулен.
Бајден, кој во текот на посетата на Анкара неколкупати тврдеше дека САД „соработуваат со турските власти“, истакна дека сојузните судови се надлежни за одлуката за судбината на клерикот кој создал голема мрежа добротворни организации, образовни институции, медиуми и компании, како во Турција, така и во многу други муслимански земји, како и во одделни региони на Балканот.
„Немаме никакви, баш никакви интереси да штитиме лице кои би му наштетило на сојузникот, но мораме да ги почитуваме барањата за правосудни норми во САД. За тој процес потребно е време (…) Бесот на турскиот народ е сосема разбирлив“, изјави Бајден.
Големо мнозинство Турци сметаат дека Ѓулен е одговорен за неуспешниот пуч кој го следи голема чистка на неговите приврзаници во турските јавни служби и во граѓанските здруженија. Поранешниот имам неколкупати изјави дека не е поврзан на никакво начин со пучистите, и оти таквиот начин на доаѓање на власт е спротивен од неговите начела.
По средбата со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Бајден истакна дека траењето на постапката „ќе зависи од поднесените докази“. „Досега, односно до вчера, не е поднесен никакво доказ за државниот удар“, рече американскиот потпретседател.
Минатата седмица американскиот Стејт департмент потврди дека го добил барањето на Турција за екстрадиција на Ѓулен, но посочи дека во него се наведени други обвинувања, а не вмешаност во обидот за воен удар.
„Кога одите на американски суд не можете да кажете ’тој е лошо момче’, туку ’овој маж или оваа жена сториле такво и такво кривично дело’“, додаде Бајден.
Американскиот потпретседател притоа му се извини на Ердоган што не успеал да ја посети Анкара порано. Бејден, единствениот висок американски функционер кој одржува блиски односи со Ердоган, е највисокиот западен челник кој ја посети Турција по настаните од 15-ти јули.
Ердоган, пак, потсети дека „што поскорото“ предавање на Ѓулен е неговата главна задача, додавајќи „Мислам дека САД ќе ги преземат неопходните мерки за да се одговори на оправданите очекувања на Турција во врска со тоа“. Тој пред средбата со Бајден изјави дека Турција ќе продолжи да им испраќа на американските функционери документи за да ги докаже своите тврдења и да го издејствува предавањето на Ѓулен.
Бајден претходно рече дека САД соработуваат со Турција во врска со доказите околу Ѓулен, како и дека Анкара испраќа дополнителни информации за клерикот.
Турскиот премиер Бинали Јилдрим по состанокот со американскиот потпретседател рече дека Турција и САД не смеат да дозволат инцидентите да им наштетат на нивните односи, но и нагласи дека Анкара очекува правниот процес за екстрадицијата на Ѓулен да биде спроведен без одложување./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Инцидент во Словенија: член на паравоена група се обидел да му даде пиштол на премиерот Голоб
Попладнево, полицијата интервенираше пред зградата на словенечката влада во Љубљана, кога припадник на т.н. Штаерската гарда, паравоена група и самопрогласена милиција, се обиде лично да му предаде нелегален пиштол на премиерот на Словенија, Роберт Голоб.
Инцидентот се случи еден ден откако Голоб објави закон што ќе овозможи доброволно предавање на нелегално оружје без последици, јавува агенцијата СТА.
Канцеларијата на премиерот одби да коментира за инцидентот, истакнувајќи дека очекува полицијата да постапи во согласност со законот.
Јавноста првпат дозна за Штаерската гарда во 2018 година, кога на Интернет беше објавено видео на кое се гледа група од неколку стотици маскирани мажи во воена опрема, некои од нив со секири и автоматски пушки, наредени во шума. Подоцна рекоа дека станува збор за воздушни пиштоли.
Видеото предизвика загриженост за паравоената природа на групата и нејзиното потенцијално влијание врз јавниот ред.
Групата често е критикувана за своите екстремни ставови и напори да влијае врз политичките процеси во земјата со употреба на насилство или закани.
Водачот на групата, Андреј Шишко, беше осуден на осум месеци затвор за обид за поткопување на уставниот поредок.
Регион
Загреб ја забрани „За дом спремни“ на концерти и јавни настани
Градското собрание на Загреб денес гласаше за Заклучок со кој се повикува градоначалникот да преземе сите потребни мерки за да се спречи употребата на фашистички и усташки симболи, слогани и пароли, вклучително и „За дом спремни“, на сите јавни површини и настани под надлежност на градот, пренесе хрватски „Индекс“.
Одлуката се однесува на областите управувани од градските институции и комерцијалните компании, како и на сите јавни површини за кои Градот издава дозволи за одржување настани. Целта, рекоа претставниците, е да се заштити јавниот простор од пораки што поттикнуваат омраза, насилство и ексклузивност.
Претходно денес беше соопштено дека употребата на усташки симболи ќе биде забранета во просторите управувани од Градот Загреб, но дека концертот на Марко Перковиќ Томпсон на 27 декември сепак ќе се одржи, бидејќи претходно беше потпишан договор за него.
Ива Ившиќ, претседателка на Клубот на претставници „Можеме“, истакна дека Заклучокот се базира на антифашистичките вредности на Уставот на Република Хрватска и ставовите на Уставниот суд и Европскиот суд за човекови права.
„Уставниот суд јасно кажа дека „За дом спремни“ е усташки поздрав на Независната Држава Хрватска и дека не е во согласност со Уставот, додека Европскиот суд за човекови права во случајот Шимуниќ против Хрватска утврди дека неговата јавна употреба не е заштитена со слобода на изразување бидејќи поттикнува омраза“, потсети Ившиќ.
Таа нагласи дека одлуката не се однесува на забраната за уметност, музика или слобода на изразување, туку јасно ја поставува границата дефинирана со член 39 од Уставот на Република Хрватска, кој забранува поттикнување на национална, расна или верска омраза и насилство.
Платформата „Можемо“ соопшти дека овој Заклучок има за цел да го заштити јавниот простор од пораки што ја уништуваат социјалната кохезија.
„Во време кога сме сведоци на раст на нетолеранцијата и насилството кон другите и кон оние кои се различни, наша должност е да го заштитиме јавниот простор – бидејќи им припаѓа на сите. Загреб мора да биде град каде што училиштата, градинките, културните центри и улиците се безбедни места, каде што се воспитуваат генерации кои знаат дека почитта, солидарноста и еднаквоста се основа на добро општество“, рекоа претставниците.
Регион
Доктор од Македонија прегазил куче во Софија и продолжил да вози, случајот ја разбранува Бугарија
Дваесет и деветгодишен маж од Македонија со автомобил прегазил куче, а потоа побегнал од местото на настанот, јави „БТВ“. Инцидентот бил снимен со безбедносна камера.
Маја, улично куче за кое жителите од маалото се грижеле веќе 14 години, била прегазена пред гаража. На снимката се гледа како возачот запира по ударот, излегува од автомобилот, но наместо да помогне – си заминува. Настанот предизвика илјадници коментари и осуди на социјалните мрежи.
Според „Офњуз“, сторителот признал дека го удрил кучето, но тврдел дека маневрот бил ненамерен и дека немал никаква намера да ѝ наштети. Полицијата потврди дека мажот е државјанин на Македонија, без криминално досие и дека не бил под дејство на алкохол.
Материјалите од истрагата се доставени до Окружното обвинителство во Софија, идентификувани се тројца сведоци и запленет е видеозаписот од безбедносната камера.
Од Военомедицинската академија (ВМА) во Софија, за БТВ изјавиле дека раководството е информирано за инцидентот и дека соработуваат со надлежните органи.

