Македонија
Спасовски: Оваа година 18 август го славиме и како армија која е рамноправен член на НАТО
Техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска присуствуваше на централната прослава на Денот на Армијата, која се одржа на Воениот стадион во Градскиот парк.
Спасовски истакна дека оваа година 18 август, Денот на Армијата, синонимот и чуварот на македонскиот суверенитет и државност, го славиме и како НАТО-армија. Како армија која е рамноправен член и дел од најмоќниот воено-безбедносен сојуз на светот.
„Членството во НАТО е резултат и заслуга на сите граѓани и на нивните политички претставници кои континуирано во изминатите три децении ѝ даваа поддршка на исполнувањето на оваа наша стратешка определба. Голем придонес дадоа сите денешни и поранешни припадници на Армијата. Членството дојде со тридецениската посветеност и со максимално вложениот труд за да се исполнат и одржуваат високите стандарди на алијансата за да можеме достоинствено да го гледаме издигањето на македонското знаме покрај знамињата на најмоќните 29 земји членки на алијансата и да бидеме горди затоа што припадниците на нашата Армија се посакуван партнер во мисиите на НАТО. Армијата на нашата земја остана блиска и сплотена со својот народ и тоа го потврдува секое испитување на јавно мислење кое редовно покажува дека Армијата е меѓу институциите во кои граѓаните имаат највисока доверба“, потенцира во честитката премиерот Спасовски.
Тој акцентираше дека и во овој период на тешки околности поради пандемијата на Ковид-19, припадниците на Армијата се со народот за да го помогнат спречувањето на ширење на коронавирусот. Секаде се каде што е потребна поддршка. На границите, во заразените подрачја, им помагаа на граѓаните во карантините, на загрозените семејства, го помагаа одржувањето на јавниот ред. Армијата докажа и спремност во помагањето и расчистувањето со елементарни непогоди, со поплавите во Ресенско, со пожарите во Велешко.
„Оваа подготвеност на Армијата докажа дека беа потребни и оправдани реформите и промените што беа спроведени во изминатите три години. Како резултат на спроведените политики, во Армијата денеска платата и приходите на нејзините припадници се достоинствени. Денес војниците не се грижат за станбеното обезбедување и за дневници, туку за новите вежби од светски ранг кои ги планираат и вежбаат заедно со своите колеги од НАТО-армиите. Ја подмладивме Армијата со дополнителни 700 припадници, дел војници, а дел млади офицери, и за првпат во Законот за служба обезбедивме подеднакви услови за пензионирање како и за полицијата“, потенцира дел од достигнувањата премиерот Спасовски.
Претседателот и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски, во своето обраќање истакна дека оваа година станавме 30-та членка на НАТО, организација на демократски и просперитетни држави, чие членство е резултат на волјата на големо мнозинство наши граѓани, како и на залагањата на повеќе парламентарни состави и влади во изминатите три децении.
„Полноправното членство во НАТО немаше да биде возможно без напорите во континуитет и професионалниот однос на сите припадници на Армијата, без луѓето кои секогаш се главната динамична сила на интегративниот процес. Нашето членство е резултат на темелните одбранбени реформи, личната посветеност на храбрите жени и мажи во нашите вооружени сили и нивното учество во ризичните мировни мисии низ светот“, потенцираше претседателот Пендаровски.
Претседателот Пендаровски акцентираше дека во остварувањето на нашата стратешка цел секогаш ја имавме и конзистентната поддршка од државите членки на НАТО.
„Меѓу нив, посебно место има поддршката од Соединетите Американски Држави. Од нашата независност до денес, САД континуирано ни помагаат да изградиме стабилна, сигурна и просперитетна армија и држава“, акцентираше претседателот Пендаровски.
„Ова е голем ден за нашата Армија и за сите нас. За првпат како држава членка на НАТО го празнуваме 18 август – Денот на Армијата. За првпат, заедно со нашата армија, симболично празнуваат и нашите сојузници во НАТО“, уште еднаш го честиташе Денот на Армијата, претседателот Пендаровски.
Министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, во своето обраќање изрази гордост и задоволство што денес стои пред армија на земја членка на НАТО, армија која го прави горд својот народ и ја ужива неговата најголема доверба.
„Долг пат поминавме заедно од минатата година до сега. Што би се рекло, цел живот за една година. Го поместивме ѕидот што ни стоеше на влезот во НАТО. Триесет години надеж и исчекување ги претворивме во резултат. Станавме 30-та членка на алијансата. На најмоќниот воено-политички сојуз на денешницата. Се опкруживме со сојузници како САД, Велика Британија, Германија, Турција, Франција, Норвешка. Но, најважното од сè е што со кревањето на нашето државно знаме на јарболот на НАТО, ги кренавме гордо главите на сите наши граѓани. За првпат во историјата на нашата татковина остваривме успех кој ја помести нашата држава напред и ги отвори перспективите“, потенцираше министерката Шекеринска.
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, истакна дека денеска го одбележуваме 28. роденден на Армијата, но и прва година како полноправна членка на НАТО, за што сме особено горди.
„Секоја генерација даде свој придонес и остави белег во развојот на Армијата. Да бидеме горди на достигнувањата, затоа што сите заедно успеавме, и покрај сите предизвици во минатото, да станеме дел од најмоќната воена алијанса во историјата на човештвото. Тоа е огромен успех на сите поранешни и сегашни припадници на Армијата. Сите ние, кои бевме вклучени во градењето и развојот на Армијата од самото осамостојување до денес, имаме одговорност и патриотска должност, со нашето лидерство, знаење и искуство да ги воспоставиме процесите за целосна интеграција на нашата Армија како полноправна членка во НАТО. Членството во НАТО е привилегија и бенефит на демократските општества, но кредибилна и почитувана членка ќе бидеме само со почитување на демократските вредности, лојалност кон сојузништвото, солидарност и спроведување на националните обврски“, потенцираше Ѓурчиновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

