Македонија
(Видео) СДСМ и ДУИ постигнаа договор за коалиција, владата ќе ја предводи Заев
СДСМ и ДУИ постигнаа договор за коалирање со цел создавање парламентарно мнозинство за распределба на одговорностите, со полн мандат, кое во наредните четири години ќе работи соодветно на принципите на новата влада.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, по средбата со првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, рече дека денеска имале успешна работна средба на која ја утврдиле рамката на идната соработка на владата.

„Овој договор што го постигнавме, ќе биде презентиран и доставен на одобрување пред највисоките органи на СДСМ и ДУИ во текот на денешниот и утрешниот ден, како и пред коалициските партнери“, рече Заев.
Тој истакна дека владата ќе ја предводи тој како премиер во полн мандат, а брзиот напредок во преговорите и брзите суштински договор им биле важни со цел брзо ставање во функција на институциите во земјата, со цел успешно справување со пандемијата на Ковид-19.
„Дозволете во оваа прилика да ви претставам дел од принципите на кои се темели новиот коалициски договор за Влада која ќе ја предводам јас како нејзин премиер во полн, четиригодишен мандат: квалитетни, одговорни и отчетни кадри ќе бидат предложени за сите ресори од двете страни, кадри кои се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципи0 од овој коалициски договор, а кадровската понуда ќе се води од принципите за еднакво општество за сите, како и од силната волја за рамноправно учество на мажите и жените во извршната власт.
Во Владата нема да се предлагаат министри без ресор, со исклучок на вицепремиерските места. Врвна определба на коалициските партнери е да се јакне економскиот стандард на сите граѓани, платите да продолжат да растат, да се вложува во нови работни места, во јасни перспективи за младите и во рамномерниот регионален развој, да се води посебна грижа за најсиромашните граѓани и да се дава постојана поддршка на домашниот приватен сектор и да се продолжи со привлекување на странски инвестиции.
Согласни сме на неселективна и длабинска борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа – без разлика дали некој доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер, познат или непознат. Согласни сме да се спроведе прочистување на правосудството и проверка на потеклото на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе биде договорен и кој ќе ги земе предвид и најдобрите европски практики.Постои согласност да се зголеми отчетноста и транспарентноста на институциите на сите нивоа на власт, но и да се намалат привилегиите на функционерите.Постои коалициска согласност заштитата на животната средина, воздухот, почвите и водите да биде еден од врвните приоритети во владината програма и истата да се реализира преку мобилизација на сите државни институции, сите државни службеници, сите студенти и ученици, сите граѓани и сите заедници
Се согласивме на политики кои значат зајакнување на инспекциските служби и повисоки казни за загадувачите.Заеднички сметаме дека борбата со коронавирусот треба да остане врвен приоритет на јавното здравство преку темелен и транспарентен пристап на проценка и управување на здравствените капацитети и заштита на граѓаните. Согласни сме приоритетно да ги спроведуваме сите реформи во однос на нашето членство во Европската Унија. Ќе се укине Пржинска влада преку измени во Законот за Влада. Ќе се работи на промена и унапредување на изборниот модел веќе за следните локални избори. Ќе се работи на моделите за намалување на обемот на администрацијата за 20%, преку спојување на функциите и надлежностите на институциите, а со цел граѓаните да добијат поквалитетни, подобри и побрзи услуги
Во првите шест месеци, ќе се распоредат и ќе тргнат на работа сите вработени по Рамковен договор кои останаа нераспоредени во државните институции, а институциите ќе ги одобрат барањата на вработените за признавање на образованието согласно последните промени во Законот за вработени во јавната администрација и јавниот сектор, коишто парламентот во претходниот состав веќе ги донесе.Во Собранието, законите ќе се поднесуваат заеднички после претходна координација и усогласување, при што најмалку еднаш на две недели ќе биде утврден ден за гласање закони во Собранието, со цел побрзо спроведување на реформите во легислативата, но и рационализација во работењето на парламентот и пратениците“, рече Заев.
Според него, овие приницпи ќе бидат преточени во заедничка владина програма која во целост ќе го следи патот кој е исцртан со членството во НАТО, а тоа е патот определен низ Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот рамковен договор. Тоа е европскиот пат, патот на економијата, правдата и еднаквоста, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

