Црна хроника
Царината спречи обид за шверц на лекови
Царинските инспектори од специјалната оперативна единица на граничниот премин Блаце во петокот при извршена контрола на товарно моторнo возило-комбе спречија обид за шверц на лекови.
Царинските инспектори при вршење на контрола на обиколницата околу Скопје во правец кон Тетово, сопреа товарно возило-комбе со косовски регистарски ознаки управувано од косовски државјанин со иницијали А.Ѓ.
Лицето започнало транзитна постапка за лекови наменети за фирма увозник од Косово, низ Република Македонија во 15:34 часот од граничниот премин Богородица кон граничниот премин Блаце. Првична контрола на комбето е извршена во царински склад во Скопје при што не се утврдени никакви неправилности, а потоа возилото е пломбирано и упатено кон граничниот премин Блаце. Временскиот интервал од три и пол часа за возилото да стигне од царинскиот склад во Скопје до граничниот премин Блаце бил индикатор за повторно да се изврши контрола на возилото кога се јави за завршување на царинската транзитна постапка на излез од Република Македонија. Овој пат утврдено е дека од возилото недостасуваат 28 пакети со лекови од вкупно пријавените 57 пакети.
Од спроведената предистражната постапка утврдено е дека осомничениот по претходен договор со неколку лица од Република Косово се договорил 28 пакети лекови кои ќе ги купи во Турција, да ги донесе до Република Македонија, а оттука со нивна помош истите да бидат извадени од товарното моторно возило, без оштетување на царинската пломба и да бидат претоварени во друго возило.
Критичниот ден осомничениот пристигнал во непосредна близина на Тетово каде се сретнал со неколку лица државјани на Косово кои му помогнале да ги извадат лековите без оштетување на царинската пломба, ја отворил страничната десна врата, ги извадил пакетите со лекови и ги дал на лицата со кои претходно се договорил. Откако пакетите биле префрлени од едно во друго возило осомничениот се упатил кон Блаце. 80% од лековите кои требало да завршат на нашиот пазар не се регистрирани за продажба во Македонија, што е посебно опасно по здравјето на граѓаните.
Се претпоставува дека станува збор за интернационална група на шверцери и ова не било прв пат на ваков начин да шверцуваат лекови во Македонија и Косово. Во продолжена акција во вечерните часови на 02.11.2013 година царинските инспектори во околината на Тетово во напуштен склад ги пронајдоа 28 – те пакети што требало да останат во државата и се привремено задржани.
Во пакетите има вкупна количина од 6349 пакетчиња лекови (102 видови на таблети, инекции и масти) со фактурна вредност од 442.800 денари, а малопродажната цена би достигнала износ од околу 2,5 милиони денари.
Против сторителот Царинската управа ќе поведе соодветна прекршочна постапка. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Двајца малолетници нападнати од насилници со фантомки на стадионот „Борис Трајковски“
Двајца малолетници вчера биле нападнати од насилници со фантомки на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.
Според информациите на МВР, вчера во 13:15 часот Е.О.(37) од Скопје пријави дека на подрачјето на Маџари нејзиниот малолетен син, кој бил заедно со уште двајца негови другари кои заминале на фудбалскиот стадион „Борис Трајковски“ да гледаат фудбалски натпревар, бил физички нападнат од неколку лица со фантомки, најверојатно малолетници, кои употребиле и тврди предмети, а двајца од нив снимале и со мобилен телефон.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Топ
Внук осомничен за обид за убиство на сопствената баба
Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишник за кого постои основано сомнение дека се обидел да ја убие сопствената баба.
При вршење семејно насилство во домот во кој заеднички живееле на улицата „Лавчанска корија”, осомничениот се обидел да ја лиши од живот сопствената баба.
На 17 јануари, откако претходно ја блокирал и ја затворил влезната врата од куќата со фиока, со рацете ја удирал жената по главата и телото се додека не паднала во бессознание. Со ударите и нанел повеќе тешки телесни повреди, крварења и нагмечувања на мозокот, скршеници на ребрата и исчашувања на коски, со кои и е доведен во опасност животот на жртвата.
По настанот, осомничениот избегал, но за кратко време бил приведен. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор поради опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоци или да изврши друго дело.
„Воедно искази на дел од сведоците укажуваат на неодамнешни промени во однесувањето и психичката состојба на осомничениот, од кои произлегува сомневање дека тој би можел да боледува од некаква душевна болест. Бидејќи со стручно мислење се предлага понатамошна опсервација на осомничениот, со цел да се изврши негова медицинска проценка и психијатриско вештачење, јавниот обвинител предложи судот со посебно решение, по определување на мерката притвор, да го испрати осомничениот на опсервација и вештачење во ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар за период од најмалку 1 месец“, соопшти Обвинителството.
Црна хроника
Ограбени две финансиски друштва во Скопје во рок од еден час
Во раните утрински часови на 17 јануари 2026 година, во Скопје се случиле две кражби во објекти на финансиски друштва, при што биле одземени сефови со пари.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, првата кражба била пријавена во 04:44 часот во скопската општина Гази Баба, каде што насилно било влезено во објект на финансиско друштво и одземени биле пари од сеф
Само околу 40 минути подоцна, во 05:20 часот, слична пријава била поднесена и од општина Центар. И во овој случај, насилно било влезено во објект на финансиско друштво, од каде бил однесен сеф со пари.
Од СВР Скопје соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на двата случаи.
Засега нема информации за крадците, ниту за сумата што била одземена или евентуалната поврзаност на двата случаи.

