Македонија
Познати новите министри во владата
Пред вечерашните седници на највисоките партиски тела на СДСМ и ДУИ, неофицијално, познати се имињата на членовите на новиот владин кабинет. Во министерствата со кои ќе раководат кадри на СДСМ, досегашната министерка за труд и социјална политика, Мила Царовска, се сели во ресорот образование, а на нејзината претходна позиција доаѓа Јагода Шахпаска.
Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, во новата влада ќе биде министер без ресор задолжен за борба против корупцијата, а постои можност тој да биде и еден од вицепремиерите.
Со транспорт и врски ќе раководи Благој Бочварски, а на чело на Министерството правда ќе застане Бојан Маричиќ. Досегашниот министер за надворешни работи ќе раководи со Секретаријатот за европски прашања, а Министерството за локална самоуправа ќе го води Горан Милевски. Нова министерка за култура ќе биде Ирена Стефоска. Ресорите одбрана и здравство ќе продолжат да ги водат Радмила Шекеринска и Венко Филипче. Оливер Спасовски се враќа на чело на МВР.
Како што соопшти лидерот на Беса, Билал Касами, по попладневната средба на партнерите од коалицијата „Можеме“, оваа партија го добила ресорот земјоделство, а името на министерот ќе се знае вечерва.
ДУИ во новата влада првпат ја добива челната позиција во Министерството за надворешни работи, кое ќе го води Бујар Османи. Артан Груби ќе биде вицепремиер и министер за политички систем, Фатмир Бесими е новиот министер за финансии, а Насер Нуредини ќе раководи со ресорот екологија. Крешник Бектеши е новиот министер за економија. ДУИ го добива и местото вицепремиер за економски прашања, на кое ќе биде назначен Фатмир Битиќи. За Министерството за информатичко општество и администравија дополнително ќе се одлучува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нема бојкот на претседателските избори, сите што излегле на парламентарни, гласале и за претседател, уверува Даштевски
Нема бојкот на претседателските избори, сите што излегле на парламентарни, гласале и за претседател, вели претседателот на ДИК, Александар Даштевски.
„На неколку места се појавени технички проблеми, кои во меѓувреме се решаваат, таму гласањето ќе продолжи на стар начин со УВ ламба и спреј, а доколку се исправат техничките недостатоци, ќе се продолжи со техничката опрема. Такви места има во Кочани, Охрид, во Куманово, во Тетово и во Гази Баба.
Како што дополнува, има доставено и 15 приговори за избирачко право, и само три од нив се одбиени.
Во однос на излезноста на парламентарните избори, до 9:00 часот, по обработени податоци од 1033 изборни места, гласале 4,45%. Според податоците на ДИК, најголема излезност има во Пробиштип, а најмала излезност за парламентарните избори има во Боговиње (1,43%).
Во Македонија утрово започна вториот круг од претседателските и парламентарните избори.
Избирачките места, од кои вкупно 3.480, беа отворени во седум часот, а ќе бидат затворени во 19 часот.
Скопје
Паркингот во Центар денеска е бесплатен
По повод Македонските претседателски и парламентарни избори, од ЈП Паркинзи на општина Центар известуваат дека денеска паркиралиштата со кои стопанисува јавното претпријатие ќе бидат без наплата за сите граѓани.
Дирекцијата на ЈП Паркинзи на Општина Центар во катната гаража „Судска палата“ нема да работи, а сите услуги можат да се користат електронски на www.poc.mk.
Редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и работењето на дирекцијата ќе продолжат од утре со вообичаено работно време.
Македонија
Изборниот ден е неработен за сите граѓани
Поради одржување на парламентарните и вториот круг од претседателските избори, денешниот ден е неработен за сите граѓани во Република Македонија.
Работодавците не треба да извршуваат дејност со исклучок на оние каде што работните процесите поради својата природа не може да се прекинат.
Поради првиот круг од претседателските избори, неработен беше и 24 април. Според одлуката на техничката Влада, двата неработни дена нема да се одработуваат.