Култура
Џез-фестивал во Прилеп

Во организација на здружението за супкултура ПП Џез-фестивал, на 27,28 и 29 август, на летната сцена од Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде одржано деветтото издание на „Прилеп џез-викенд“ фестивалот.
Поаѓајќи од мисијата на фестивалот: поддршка на домашната џез-продукција и создавање на нова џез-публика комбинирана со актуелните протоколи за Ковид-19 кои треба да се почитуваат, програмата на фестивалот е креирана со ангажирање врвни музички бендови и артисти од Република Македонија.
Фестивалот ќе започне со премиерата на филмот “JAZZMAN – The form as a verb” од Велибор Педевски, снимен на локации во Њу Јорк, Скопје, Белград и Софија.
JAZZMAN е документарна сторија за живот посветен на уметноста на џезот, која ја раскажува Велибор Педевски, човекот кој е своевиден фокус на збиднувањата на овој творечки феномен… во филмот учествуваат Wadada Leo Smith, Реџи Николсон, Реџи Воркман, Ентони Бракстон, Сесил Тејлор, Брендон Рос, Грем Хајнс, Даг Виселман, Милќо Левиев, Дуѓан Која Којиќ, Влатко Стефановски, Љупчо Поповски, Тимчо Апостолов, Марко Коловски, Оливер Белопета.
По проекцијата на филмот, на сцената ќе настапат Трајче Велков (труба), Зоран Костадиновски (гитара), Горан Гешовски (бас гитара), Виктор Филиповски (тапани) овојпат со авторски материјал обединети во бендот SkopjeJazzInc.
Втората вечер ќе биде отворена со квартетот на Оливер Јосифовски и премиерно ќе биде проследен проектот FUSSION DEFFUSION CONFFUSION. Станува збор за проект кој содржи оригинални композиции и музички стандарди од егзотичен карактер, измешани со тврд хард рок звук.
Покрај Оливер Јосифовски (контрабас), на сцената ќе настапат Гордан Спасовски (клавишни инструменти), Стефан Миладинов (гитари) и Александар Ванчовски (тапани и удиралки).
Светлост е моментално најактуелниот македонски џез-состав на домашната и на меѓународната сцена. Бендот во 2019г го издава албумот „Odron Ritual Orchestra“, кој на светските листи е сместен меѓу петнаесетте најдобри албуми, а во 2020 г. ги реализираат албумите „Jazz (to the working class)“ и „Six Years“. Карактеристика за музиката на овај состав е дека истата се менува во зависност од луѓето вклучени во конкретниот проект, а стилските правци се движат од слободен џез, електро-акустична музика и пост-рок, до минимализам и амбиентална музика.
Нинослав Спировски [кларинет / сопран саксофон / тенор саксофон]
Кристијан Новковски [тапани / удиралки]
Дени Омерагиќ [бас гитара / синтесајзер / електроника]
Третата вечер ќе стартува со новината на овогодинешниот фестивал, промоција на книгата Press&Play од Ненад Георгиевски.
Прес енд плеј (Press & Play) е составена од рецензии на албуми, на концерти и фестивалски настапи на изведувачи меѓу кои: Влатко Стефановски, „Леб и сол“, Кирил Џајковски, „Фолтин“, Џијан Емин, Ади Имери, Гоце Стефковски, Џон Аплелгрeн, Зоран Маџиров, „Анастасија“, „Чалгија саунд систем“, „Проект Жлуст“, „Скопскиот џез фестивал“, „Офф-фест“ итн.
Следни се Next to Silence, музички состав кој во својот репертоар вклучува исклучиво композиции од реномираната европска издавачка куќа ECM. Во своите настапи тие изведуваат неколку реаранжирани дела од богатиот опус на Енрико Рава, Карла Блеј, Џон Аберкромби, Дејв Холанд, Терие Рипдал, Шанкар, Јан Гарбарек, Џим Пепер, Гери Бартон, Art Ensemble of Chicago, Бил Фрисел, Џолн Балк, Томаж Станко, Нилс Питер Молваер и други. На фестивалот ќе изведат и дел од композициите на новиот албум кој е во фаза на студиско снимање.
Членови на Next to Silence се:
Александар Николовски (труба)
Филип Димишковски (клавијатури)
Драган Стојковски (бас-гитара)
Гоце Наумов (барабани)
Фестивалот ќе го затворат диско пост- панк активистите Бернајс Пропаганда. Со пет објавени албуми : „Happiness Machines“, 2009; „My Personal Holiday“, 2010; „Забрананета планета“, 2013; „Политика“, 2016 година; „Втора младост, трета светска војна“, 2019 година;, еден ЕП „Ништо нема да нè раздели“, безброј концерти на турнеите низ Европа и САД, Бернајс Пропаганда се дефинитивно еден од најуспешните и меѓународно признати андерграунд музичари.
Во Прилеп „Бернајс пропаганда“ ќе настапат со следната постава :
Кристина Горовска – Вокали, текстови, вокални хармонии, уметничка насока и дизајн
Васко Атанасоски – Музика, стихови, бас, гитари, перкусии, аранжмани, продукција, вокал и менаџмент
Дени Крстев – синтисајзер, ритам програмирање, снимање, едитирање и мастеринг
Раде Јордановски – бас и продукциски менаџер
Кристијан Лафазановски – тапани и перкусии
Ова година Prilep Jazz Weekend фестивалот може да се пофали и со квалитетна оф-програма:
На 28 август 2020 г. на локалитетот Врбјанска чука (кај село Славеј) свој перформанс ќе има Antonie AVP Project.
На 29 август 2020 г. на летната сцена од ЦК „Марко Цепенков“ ќе го проследиме перформансот на Leonard.
Влезниците по цена од 100 денари се пуштени во продажба во „Сити тобако центар“ во Прилеп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Oтворањето на изложбата „Цвеќе на мирот“ на Живко Поповски – Цветин во Галерија „Метаноја“

Изложбата „Цвеќе на мирот“ на Живко Поповски – Цветин ќе биде отворен во галерија „Метаноја“ во среда 6 август 2025 година од 11:55 часот.
На настанот ќе учествуваат Лидија Лучко-Јеремиќ со поема по повод атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки. Музичко поетски перформанс ќе имаат музичарот Никола Стојковски и актерката Арна Шијак.
За изложбата д-р Коста Милков вели, „Низ долгите години на неговите заложби за мир, Живко Поповски – Цветин насликал илјадници и илјадници слики со цвеќе на мирот. Неговиот прв формален настап е во далечната 1972 со изложени мозаици и колажи во Демир Хисар, а последниот е во Задар во јуни 2025, под име „Цвеќе на мирот“ по повод „Денови на уметноста“ во Хрватска. Повеќе од пет децении преданост и посветеност сведочат за непоколебливоста да се биде миротворец.“
Живко Поповски – Цветин (р. 1944, с. Брезово) е сликар на мирот и хуманист. Тој е поранешен претседтел на црвениот крст на Македонија и спаѓа меѓу номинираните за Нобелова награда за мир. По професија е агроном, но неговиот животен пат го обележуаат новинарството, јавната служба и уметноста во име на мирот.
Поповски – Цветин како уметник е препознатлив по мисијата „Цвеќето на мирот“. Од 1970 година има реализирано над 300 изложби во земјата и светот и подарено повеќе од 40.000 слики, кои пренесуваат порака на мир и надеж. Неговите дела се наоѓаат кај државници, уметници, поети и обични луѓе ширум светот.
Култура
(Видео) Со концерт на Ана Дурловски, „Охридско лето“ го прослави 65. роденден

Со концерт на реномираната македонска сопранистка, првенката на Националната опера и балет, Ана Дурловски која настапи со пијано придружба на Анархит Тер-Татшатјан, синоќа беше одбележан 65. роденден на фестивалот „Охридско лето“.
Концертот се одвиваше во катедралната црква „Света Софија“, каде што пред повеќе од шест децении почна целата приказна наречена „Охридско лето“.
На настанот присуствуваше и министерот за култура, Зоран Љутков, кој честитајќи го роденденот на Охридско лето, порача дека станува збор за најрепрезентативниот меѓународен фестивал во Македонија, симбол на културата, уметноста и врвната изведба.
Македонската сопранистка Ана Дурловски студиите ги завршува на ФМУ – Скопје, а на оперската сцена дебитира како Лучија од Ламермур во истоимената опера на Доницети во Македонската опера и балет, по што ѝ се отвораат и вратите на оперите во Србија, Босна, Хрватска и Албанија. Во 2006 година Ана дебитира во Виенската државна опера како Кралица на ноќта во Моцартовата „Волшебна флејта“, улога која ја повторува и во Баварската државна опера, Берлинската опера и Германската опера во Берлин.Нејзината успешна кариера ѝ носи соработки со познатите светски диригенти и солисти како Сер Сајмон Ратл, Јонас Кауфман, Адам Фишер, Прити Јенде, Рејчел Вилис-Соренсен и др. Активна на концертната сцена, Дурловски настапува со Берлинската филхармонија, Симфонискиот оркестар во Шангај, Оркестарот на Минхенското радио, Филхармонијата во Штутгарт и др.
Култура
15 години Баскерфест – уличната магија тргнува на пат низ Македонија

Од 25 август до 6 септември, на 13 локации во 9 градови, ќе се одржи јубилејното 15. издание на Баскерфест — најпознатиот и најпосетуван уличен фестивал во земјава. По неколкугодишна пауза, фестивалот повторно ќе ги оживее плоштадите и булеварите со шарени уметнички настапи, радост и позитивна енергија.
Под мотото „Побарај ја забавата“, инспириран од шпанскиот збор buscar (барај), Баскерфест ќе понуди уникатно улично искуство без билети и сцена, каде што улиците ќе станат сцена за акробати, жонглери, кловнови, музичари, танчери, илузионисти и други улични артисти од целиот свет.
Оваа година фестивалот ќе собере над 20 артисти од Полска, Србија, Албанија, како и од далечните Чиле, Бразил и Канада, кои ќе ги споделат своите уметнички таленти и ќе создадат непредвидливи и возбудливи моменти за публиката.
Секоја вечер ќе биде дополнета со музичка програма која ќе го збогати визуелниот спектакл со звук и ритам, овозможувајќи уште поголема блискост помеѓу уметниците и посетителите.
Баскерфест 2025 е единственото уметничко доживување кое живее на улица, создавајќи атмосфера исполнета со смеа, аплаузи и забава. Сите заинтересирани се повикуваат да го доживеат фестивалот, да повикаат пријатели и да уживаат во ритамот на уличната магија.