Македонија
Талат Џафери избран за претседател на Собранието
Талат Џафери вторпат е избран за претседател на Собранието со 62 гласа „за“, нема воздржани и 43 „против“. Гласаа вкупно 105 пратеници. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и пратениците на Левицата не го поддржаа предлогот на владејачкото мнозинство за избор на Џафери. Изборот беше проследен со аплауз од страна на владејачкото мнозинство во Собранието, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата пред Џафери да даде свечена изјава дека функцијата ќе ја врши совесно и одговорно.
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека Џафери ќе биде извршител на СДСМ и ДУИ и затоа одбија да го поддржат предлогот, а пратеникот Апасиев смета дека Џафери не бил одраз ниту на ефикасноста ниту на безбедноста ниту, пак, бил чувар на Деловникот, како што рече, што го фалеле во текстот предлагачите.
Со изборот на собранискиот спикер првпат се потврди новото парламентарно мнозинство, што го сочинуваат 62 пратеници – 46 на СДСМ и коалицијата „Можеме“, 15 на ДУИ и еден на ДПА.
Ова е вторпат Џафери да биде избран за претседател на Собранието. За разлика од крвавиот 27 април кога првпат беше избран, овој пат гласањето течеше во мирна атмосфера. Мандатот на претседателот трае четири години.
Седницата за избор на Џафери за претседател ја водеше заменик-претседавачот Горан Мисовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Студеничани
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 16.00 часот, корисниците од улиците број 90, 131 и 191, корисниците од околните згради и продавниците кај 26 Јули, објектите на хотелите Хамбург и Аен, казиното Сенатор и адвокатското друштво Калач. (општина Чаир)
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Драчевица, Цветово и Алдинци, вили Китка, Мала Река, Принцес, Караџица и Солунска Глава. (општина Студеничани)
Македонија
Без вода дел од Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради водоводен приклучок од ф – 80 мм на улицата Ристо Равановски бр. 8, без вода ќе останат корисниците од улицата Ристо Равановски во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди
Променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во среда и четврток, кога на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Од среда ветерот ќе го промени правецот во северен.

