Македонија
Општина Кисела Вода привремено ќе ангажира 15 образовни асистенти

Петнаесет лица со завршено високо образование од профилот дипломиран дефектолог, педагог, психолог, професор (одделенски, предметен) ќе бидат привремено вработени од страна на Општина Кисела Вода преку програмата „Општинско-корисна работа“, проект „УЧИМЕ, СЕ ВОСПИТУВАМЕ, ДРУГАРУВАМЕ“.
Тие ќе бидат работно ангажирани со скратено работно време со дваесет работни часа неделно, при што за време на работниот ангажман од девет месеци (во поддршка на деца со попречености во редовен наставен процес) статусот на невработените лица останува непроменет, а на невработените лица – корисници на социјална помош за времетраење на работниот ангажман, ќе им биде активно правото на користење социјална помош.
Право на учество во програмата „Општинско-корисна работа“ имаат сите невработени лица, при што предност ќе имаат лицата што првпат се јавуваат за учество во оваа програма.
За кандидатите што ќе бидат избрани и вклучени во програмата „Општинско-корисна работа“ се предвидува паричен надоместок во висина од 9.000,00 денари бруто-износ, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест.
Заинтересираните невработени лица пријави за учество во програмата „Општинско-корисна работа“ може да поднесат во Агенцијата за вработување – Центар за вработување Скопје во периодот од 24.8.2020 година до 31.8.2020 година од 8 до 14 часот или во Општина Кисела Вода во периодот од 8 до 16 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.
Македонија
Задутре времен застој на ГП „Делчево“ заради градежни работи

Регионалниот центар за гранични работи „Исток“ ја информира јавноста дека задутре ГП и ГН „Делчево“, односно од бугарска страна ГКПП „Станке Лисичково“ целосно ќе бидат затворени за секаков сообраќај во периодот од 08:00 до 14:00 часот.
Причина за тоа, според официјалното известување добиено од бугарските гранични полициски служби, се градежните работи на патната делница кај ГКПП „Станке Лисичково“. По завршувањето на работите сообраќајот и функционирањето на граничните премини ќе продолжи непречено да се одвива.
Македонија
Апел за поддршка: Помогнете на ранливите граѓани да аплицираат за субвенција за струја

Инженери на Република Македонија упатија апел до јавноста за помош на ранливите категории граѓани во процесот на аплицирање за финансиска поддршка од Министерството за енергетика. Станува збор за јавен оглас за субвенција од 1.000 денари месечно на сметката за електрична енергија, кој важи 12 месеци.
Апелот е насочен кон инженери, техничари, информатичари и сите граѓани што се снаоѓаат со институционални постапки, да им помогнат на лица со интелектуална или телесна попреченост, целосна слепост или глувост, лица во социјален ризик и сиромаштија, кои се соочуваат со бариери при собирање на документи, пополнување формулари и поднесување на пријави.
Постапката за аплицирање вклучува преземање формулари од www.energy.gov.mk, фотокопирање документи, обезбедување на нотарска изјава и испраќање на пријавата по пошта во затворен плик. Рокот за пријавување е 30 дена од денот на објавата на јавниот оглас.
Според Државниот завод за статистика, над 38.000 домаќинства примаат гарантирана минимална помош, но само околу 4.000 домаќинства ја користат оваа субвенција. Останатите над 90 отсто не аплицираат, најчесто поради технички пречки, а не поради неисполнување на условите.