Македонија
Заев: Школската година ќе почне на 1 октомври

Тенденцијата на новата влада ќе биде учебната година да почне на 1 октомври, рече мандаторот Зоран Заев, според кого тоа е опција за да се спроведат протоколите, промена на законите, како и комплетна подготовка на онлајн-платформите за учење.
„Владата ќе ги донесе сите одлуки навреме, при што веќе се изградени политиките врз основа на здравствената комисија, процените на образовните профили во државата и имаме приближно чиста ситуација. На првата седница ќе ги донесеме сите конкретни одлуки. Почетокот на школската година ќе биде на 1 октомври, ќе почне со селекција на дел на децата што треба да ги описмениме, а тоа се првите одделенија, а онлајн-наставата ќе биде концепт за сите, со процени на самите општини и слично. Имаме конкретен план, со сите анализи, за да може образовниот процес да тече и да го заштитиме нивното здравје, како и здравјето на нивните семејства“, рече Заев.
Одлуката ќе биде донесена на првата седница на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ нуди ветинг со меѓународен мониторинг: Нека се истражи имотот на секој политичар и на секоја политичка партија

ВМРО-ДПМНЕ е последната партија која има право да држи лекции за борбата против корупцијата, криминалот и политичките влијанија, затоа што денес, од позиција на власт, јасно демонстрира дека има само една цел: целосно да ја зароби државата, особено правосудството, велат од ДУИ.
Според нив, под водство на оваа влада, политиката отворено се меша во Обвинителството, Републичкиот судски совет и Советот на јавни обвинители, со класични политички сценарија за ставање на правдата под контрола.
ДУИ, додаваат од таму, не се плаши од независно правосудство ниту од транспарентност.
„Напротив, ние нудиме конкретно решение: ветинг со меѓународен мониторинг, за целосно чистење на политичката и јавната сцена од секое коруптивно влијание. Нека се истражи имотот на секој политичар и на секоја политичка партија. Нека се истражи најголемиот корупциски процес во државата – приватизацијата, која создаде недопирливи олигарси со монополи во клучни економски сектори, кои денес прават сè за да го блокираат европското интегрирање, од страв од фер конкуренција“.
ДУИ бара истрагата да се прошири и на институциите на државната безбедност и нивните вработени од 1945 година до денес, затоа што, како што велат, само така може да се затвори едно темно поглавје од минатото и да се изгради држава каде никој не е над законот.
„Тие што немаат што да кријат – го прифаќаат ветингот.
Времето на моноетнички проекти и етничка супериорност е завршено. Северна Македонија може да се гради само заедно, во духот на мултиетничноста и еднаквоста, а не под плаштот на „борба против корупцијата“ да се реализираат агенди кои ја поткопуваат државата и ја заробуваат за да спроведат моноетнички цели.
ДУИ останува цврсто определена да ја води државата напред кон европската интеграција, со чисти институции, со независно правосудство и со општество кое става крај на бескрајниот транзициски период“, истакнуваат од партијата на Ахмети.
Македонија
Во текот на изминатото деноноќие изгаснати 20 пожари во Македонија

Во текот на изминатото деноноќие, на ден 25/26.08.2025 година, на територијата на Македонија имаше вкупно 23 пожари на отворен простор, од кои еден е активен, два се под контрола, а изгаснати се 20 пожари, информира Центарот за управување со кризи.
Активен е пожарот во Општина Долнени во село Долгаец каде гори мешана шума.
Под контрола се пожарите во Јасен, каде гори мешана шума, и во Гевгелија, на планината Кожуф каде гори висока шума.
ИЗГАСНАТИ: 20
1. Општина Штип: с. Судик (стрниште);
2. Општина Дебар: с. Елевци (ниска вегетација);
3. Општина Куманово 1: нас. Гоце Делчев (ниска вегетација);
4. Општина Куманово 2: с. Бедиње (ниска вегетација);
5. Општина Теарце: с. Пршовце (ниска вегетација);
6. Општина Гостивар: с. Симница (ниска вегетација и ѓубре);
7. Општина Крушево: влезот на Крушево (депонија);
8. Општина Долнени: с. Гостиражни (ниска вегетација);
9. Општина Кривогаштани: с. Пашино Руфци (стрништа, ролни со слама);
10. Општина Охрид: ул. Железничка (ниска вегетација);
11. Општина Гази Баба: с. Идризово (ниска вегетација и стрниште);
12. Општина Битола: с. Велушина (сува трева и сено);
13. Општина Свети Николе: с. Бориловци (ниска вегетација);
14. Општина Кочани: с. Оризари (сува трева и гранки);
15. Општина Врапчиште: с. Топлица (ниска вегетација и ѓубре);
16. Општина Струга: с. Враништа (стрниште);
17. Општина Василево: с. Доброшинци (запалена депонија);
18. Општина Кочани: с. Оризари (стрниште);
19. Општина Чучер-Сандево: с. Горно Блаце (сува трева);
20. Општина Липково: с. Отља (сува трева).
Македонија
Герасимовски: Поставени шест куќи засолништа за бездомни животни во Паркот на франкофонијата

Општина Центар доби шест куќички-засолништа за бездомни животни како донација од Амбасадата на САД. Куќичките, изработени од локални архитекти, се поставени во Паркот на Франкофонијата во рамки на проектот „Унапредување на благосостојбата на животните преку волонтерство“, соопштија од општината.
Проектот, како што велат, има за цел подобрување на условите за бездомните животни и поттикнување на инклузивноста во јавните простори.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски вели дека ова е пример за вистинска соработка помеѓу граѓанскиот сектор, меѓународната заедница и локалната самоуправа.
„Благодарни сме на Амбасадата на САД за поддршката, како и на организацијата Хумани градови за иницијативата и за тоа што ја препознаа Општина Центар како партнер за реализација на овој хуман проект. Оваа донација е поттик и обврска да продолжиме со политики што ја промовираат грижата за животната средина и за сите живи суштества што делат простор со нас”, рече Герасимовски.
Со поставувањето на засолништата, според него, Паркот на Франкофонијата добива нова, хумана димензија, простор за заштита на животните и пример за одговорно и инклузивно уредување на јавните површини.