Здравје
Научниците направија голем чекор во пресадувањето глава ВИДЕО
Меѓународниот тим биолози под раководство на италијанскиот неврохирург Серџо Канаверо направи голем чекор во обидот да пресадат глава на човек на тело на донор, успешно поврзувајќи го ‘рбетниот мозок кај стаорци и проверувајќи ги дел од техниките кај мајмуни, се вели во серијата написи кои се прифатени за објавување во стручните списанија Surgery и CNS Neuroscience & Therapeutics.
Кон крајот од февруари 2015 година италијанскиот хирург Серџо Канаверо од универзитетот во Торино, кој тврди дека е способен успешно да пресади глава од човек на друго здраво тело, го најави претставувањето на амбициозниот проект HEAVEN/AHBR, во чии рамки планира трансплантација на глава од доброволец на тело на донор, поврзувајќи го ‘рбетниот мозок со централниот мозок со помош на специјална постапка, којашто ја нарекува „протокол Gemini“ (близнаци).
На повикот на Канаверо се одѕва сега 31-годишниот руски инженер Валериј Спиридинов, кој страда од ретко генетско заболување, синдромот Ваердинг-Хафман, поради кое е во инвалидска количка и е првиот човек во светот кој доброволно се пријави да учествува во зафатот за пресадување глава. Поради болеста на мускулатурата неговата состојба постојано се влошува.
Мислењата на неврохирурзите во светот се поделени, некои не ја исклучуваат во принцип таквата можност, но не се уверени во успехот на операцијата, додека другите сметаат дека пресадувањето на глава е авантура, којашто неминовно нема да успее.
Сега Канаверо и неговите колеги во споменатите студии пишуваат дека успеале успешно да ја реализираат клучната фаза од операцијата, односно спојувањето на мозочното стебло и ‘рбетниот мозок, кај стаорци. За реализација на тоа научниците користеле ултратенок нанонож од јаглерод, органска материја полиетилен гликол, која овозможува нервните влакна да се држат „заедно“ едни со други, како и специјален начин на стимулација на ‘рбетниот мозок на местото од засекот неопходно за поврзување меѓу невроните.
Според научниците, околу еден месец по оштетувањето на “рбетот и сраснувањето според методот на Канаверо, нервните влакна во ‘рбетот сраснуваат, и животните одново ја добиле мобилноста на нивните екстремитети. Целата оваа операција била изведена во Кина, каде што за ваквите експерименти нема никакви ограничувања.
Лани Канаваро во интервјуто за Комсомолскаја Правда рече дека операцијата има политичко значење. Според него, земјата во којашто ќе биде извршена првата трансплантација на глава од еден човек на друго тело, несомнено ќе влезе во светската историја.
Покрај тоа, научниците успешно ја потврдиле методата за зачувување на функциите на мозокот во рамките на експериментите за целосна трансплантација на мозок кај мајмуни. Во овој случај подвижноста на екстремитетите не била вратена, но животните преживеале и нивниот мозок не бил трајно оштетен при пресадувањето на ново тело.
Извршувањето на ваквите експерименти, како што објаснуваат научниците, во голема мера било можно благодарејќи на препаратот „перфторан“, кој бил развиен во Институт за биолошка физика на Академијата на науките на поранешниот Советски сојуз како вештата замена за крвта. Оваа супстанција ги хранело клетките на мозокот по неговото одделување од телото.
Покрај овие опити, научниците, исто така, претставуваат и редица „превентивни“ мерки, како, на пример, како може да се справат со болката којашто се јавува при трансплантацијата и за којашто, како што истакнува Канаверо, неговите критичари дури и не се сомневаат, а презентираат и бројни прашања од филозофски и етички аспект, кои произлегуваат од сличните операции.
Кон крајот на април 20125 година, Канаверо претставувајќи го својот план во Русија, рече дека за извршување на ваквиот оперативен зафат главата на пациентот треба да биде оладена до 10 до 15 Целзиусови степени, бидејќи ќе се врши операција на длабоките области на мозокот. Рече во интервјуто за Правда дека тимот хирурзи ќе има еден час за да ја ‘приклучи’ главата на другото тело. За поврзувањето на крвните садови се потребни само неколку минути. Главата на Валериј ќе биде одвоена од телото и пренесена на ново за само неколку секунди, а снабдувањето на мозокот со крв ќе започне по петнаесетина минути, ги појасни Канаверо техничките детали од оваа чудовишна операција. Како резултат од овој зафат, според неврохирургот, би требало да има целосно обновување на подвижноста на телото на пациентот.
Ланскиот јуни Канаверо во потрага по финансиери имаше двоиполчасовна презентација на оваа тема на конференцијата на Американската академија на невролошките и ортопедските хирурзи, како гостин на отворањето на настан во Анаполис, во државата Мериленд.
Според авторите на споменатите две студии, првите експерименти врз човечки тела веќе започнале во Кина, а наскоро спектарот на истражувањата ќе биде значително проширен. Првата трансплантација, како што велат научниците, според планот ќе биде изведена во декември 2017 година.
Докторот Серџо Канаверо, директор на Напредната група за невромодулација од италијански Торино, процени дека, кога го најави првпат овој проект кон крајот на 2013 година, таквата операција би можела да биде возможна за две години, односно во 2016 година./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
„Женски“ витамини и минерали: Осумте најважни нутриенти за жените, без оглед на возраста
Без разлика колку години имате, важно е да знаете кои витамини и минерали се особено важни за жените и зошто секоја жена треба да ги има предвид.
Витамините и минералите се клучни сојузници на здравјето – тие учествуваат во скоро сите процеси во телото, од создавање енергија и зајакнување на имунитетот до здрава кожа, коса и коски. Иако се важни за секого, потребите на жените за одредени хранливи материи може да варираат поради хормонални промени, менструалниот циклус, бременоста, стресот и начинот на живот.
Затоа е важно да знаете кои витамини и минерали се особено важни за жените, без оглед на возраста. Подолу е даден преглед на најважните витамини и минерали што секоја жена треба да ги има предвид.

Железо
Железото е еден од најважните минерали за жените, особено поради редовното губење крв за време на менструацијата. Тоа е клучно за формирање на хемоглобин и транспорт на кислород во телото, а неговиот недостаток може да предизвика замор, слабост и намалување на концентрацијата.
Калциум
Калциумот е неопходен за здравјето на коските и забите, но и за правилно функционирање на мускулите и нервниот систем. Кај жените, игра особено важна улога во спречувањето на остеопороза, особено како што старееме.
Витамин Д
Витаминот Д помага во апсорпцијата на калциум и е неопходен за здравјето на коските, како и за имунитетот и хормоналната рамнотежа. Бидејќи најчесто се произведува со изложеност на сончева светлина, многу жени имаат недостаток од него, особено во зимските месеци.

Витамин Б12
Витаминот Б12 е важен за здравјето на нервниот систем, производството на црвени крвни зрнца и нивото на енергија. Неговиот недостаток може да се манифестира со замор, лошо расположение и проблеми со меморијата, а е почест кај вегетаријанците и веганите.
Фолна киселина (витамин Б9)
Фолната киселина е особено важна за жените во репродуктивна возраст, бидејќи е вклучена во создавањето нови клетки и синтезата на ДНК. Исто така, придонесува за здравјето на срцето и може да помогне во намалувањето на заморот.
Магнезиум
Магнезиумот помага во опуштање на мускулите, намалување на стресот и подобрување на квалитетот на спиењето. Често се препорачува за жени кои се борат со напнатост, грчеви или ПМС симптоми.

Витамин Ц
Витаминот Ц е моќен антиоксиданс кој го зајакнува имунитетот и придонесува за здравјето на кожата со стимулирање на производството на колаген. Исто така, помага за подобра апсорпција на железото од храната, што е дополнителен плус за жените.
Цинк
Цинкот е важен за здрава кожа, коса и нокти, како и за имунитет и хормонална рамнотежа. Неговиот недостаток може да се одрази во послаб имунитет, кршливи нокти и проблеми со кожата.
Забава
Јадете колку што сакате: Овие 9 намирници нема да ве здебелат
Следењето на вашата исхрана и внесот на калории често може да биде предизвикувачко, особено со зафатен начин на живот и постојана достапност на разновидна храна. Да не ги спомнуваме празничните гозби што ги уживавме.
Броењето калории и контролирањето на порциите може да изгледа премногу и тешко за одржување во желбата да ја одржите посакуваната тежина и да не добиете вишок килограми. Сепак, добрата вест е дека постојат намирници кои се толку заситувачки и природно нискокалорични што зголемувањето на телесната тежина од нив е практично невозможно, без оглед на количината.
Според експертите од популарниот YouTube канал и онлајн фитнес бренд, Gravity Transformation – Fat Loss Experts, постои цела низа намирници со кои речиси е невозможно да претерате. Тие објаснија дека „скоро невозможно“ не значи дека имате право да јадете неограничено, бидејќи прејадувањето со која било храна сепак може да биде штетно за вашето здравје. Придржувањето до балансирана исхрана и редовна рутина на вежбање е сè уште клучно.
Со овие девет намирници, нема да се здебелите, без разлика колку јадете, пишува Mirror.

9. Јајца
Јајцата се со исклучително висока содржина на протеини, што ги прави неверојатно заситувачки. Плус, протеините го забрзуваат вашиот метаболизам. Ова значи дека не ги апсорбирате целосно сите калории од јајцата, бидејќи голем дел се согорува за време на процесот на варење“, објаснуваат експертите за губење маснотии. Меѓутоа, ако правите омлет полн со додатоци, резултатот може да биде различен.
8. Лосос
Следно на листата е диво уловен лосос. Експертите препорачуваат избегнување на лосос одгледан на фарма, бидејќи содржи значително повеќе масти од диво уловен лосос. Експертите за губење масти сугерираат дека диво уловен лосос е всушност одличен за регулирање на телесната тежина бидејќи е богат со протеини, многу заситувачки и има половина од мастите од лососот одгледан на фарма.

7. Салца
„Салцата е еден од сосовите со најмалку калории“, велат експертите. Според Healthline, типична порција салца е околу две лажици и содржи помалку од 10 калории во просек, така што можете да ја додадете обилно во вашите омилени јадења без да се грижите за контрола на порциите. Халапењо пиперките, кои содржат соединение наречено капсаицин, исто така можат да ја зголемат способноста на вашето тело да согорува масти, што може да помогне во губењето на тежината.
6. Кисели краставички
Киселите краставички се одлични за јадење во големи количини бидејќи се природно ниски во масти и калории, што ги прави паметен избор за секој што внимава на внесот. Тие исто така обезбедуваат мали, но вредни количини на есенцијални витамини и минерали. Сепак, здравствените експерти предупредуваат дека тие содржат многу натриум.

5. Пилешки гради
Пилешкото е главен извор на немасни протеини, нудејќи висок процент на протеини по порција, а воедно е ниско во мастите, што го прави основна состојка во многу здрави диети. „Порција од 100 грама пилешки гради содржи 165 калории, 31 грам протеини и 3,6 грама масти. Ова значи дека околу 80% од калориите во пилешките гради доаѓаат од протеини, а 20% од масти“, објаснуваат експертите од Healthline.
4. Лубеница
Според Healthline, лубеницата е составена претежно од вода (91%) и јаглехидрати (7,6%). Таа речиси и да не содржи протеини или масти и е многу нискокалорична. Според експертите, 100 грама лубеница содржи само 30 калории.

3. Печурки
Печурките се исто така на листата на храна што можете да ја јадете без страв од зголемување на телесната тежина. Ова е затоа што се нискокалорични, а богати со витамини и хранливи материи.
2. Пиперки
Исто како печурките, пиперките се нискокалорични, но сепак се полни со хранливи материи кои го поддржуваат вашиот метаболизам и имунолошки систем. Една пиперка со средна големина, околу 120 грама, има само 30 до 40 калории, според земјоделската компанија Dominion Integrated Farms. „Пиперките, благодарение на нивната содржина на влакна и вода, помагаат во промовирањето на ситоста. Тие додаваат волумен на оброците без значително зголемување на калориите, што ги прави совршени за големи, нискокалорични оброци“, објасни компанијата.

1. Пуканки
Пуканките се изненадувачки одлична, нискокалорична ужина. Не само што обезбедуваат влакна, туку содржат и антиоксиданси кои ја поддржуваат циркулацијата и помагаат во варењето на храната.
„Пуканките за кино се различни од домашните пуканки. Кутија пуканки за кино може да содржи до 1.090 калории и 2.650 милиграми натриум. Кога се пукаат на воздух и се лесно зачинети, пуканките се ефикасно здрава ужина“, објасни Американското здружение за срце.
Забава
Методот 5/25/25 – најпопуларната диета по празниците: Топи килограми без ограничување на оброкот
Методот 5/25/25, измислен од фитнес инструкторката Џули Капицело, не го ограничува вашиот оброк, а ви помага да ослабете.
Нема смисла да се лажете себеси – не постои единствен и најдобар начин за слабеење, бидејќи нашите тела се различни и имаме различни потреби – од губење на 3-6 килограми до губење на дури 30 или 60 килограми. За среќа, балансираниот пристап кон слабеењето, базиран на разновидно мени и неисклучување на цели групи на храна од исхраната, станува сè попопуларен.
Таков метод за слабеење е 5/25/25, измислен од фитнес инструкторката Џули Капицело. Што е уникатно во врска со овој метод?

Методот 5/25/25 не го ограничува вашиот оброк.
Методот 5/25/25 се фокусира на додавање намирници во вашата исхрана, а не на исклучување од вашето мени. Според неговиот автор, тоа е одлична основа за употреба, без оглед на тоа дали штотуку започнувате или веќе имате искуство во грижата за вашата фигура и што јадете секој ден.
Методот 5/25/25 значи пет оброци дневно. Секој треба да содржи 25 г протеини, а во текот на денот треба да обезбедиме и 25 г влакна. Благодарение на овој пристап, не ограничуваме одредени намирници, туку додаваме „гориво“ на нашите оброци што помага да се одржи витка фигура.
Пример за мени предложено од фитнес тренер:
– Појадок: јајца, сланина од мисирка и тост;
– Ручек: салата со стек и многу зеленчук;
– Оброк пред тренинг: оризови вафли со путер од кикирики и банана;
– Оброк по тренинг: протеински шејк;
– Вечера: пилешко, печен компир и зелен зеленчук.
„Запомнете дека нутритивните потреби на секого се различни, затоа користете го ова како водич/почетна точка, а не како совршен план за оброци за вас“, потсетува фитнес инструкторот.

Како функционира методот 5/25/25?
Помалите оброци што содржат доза на протеини и влакна, консумирани редовно, помагаат во стабилизирање на нивото на шеќер во крвта, што значи дека не чувствуваме прејадување или сме претерано гладни. Во текот на денот, му обезбедуваме на нашето тело „гориво“ што може да го користи. Протеините се градежен блок на мускулите, лесно се сваруваат и ви овозможуваат да се чувствувате сити подолго по оброкот. Соодветната количина на протеини, исто така, има позитивен ефект врз придвижување на метаболизмот. Соодветното ниво за повеќето жени е 25 g протеини по оброк.
Покрај протеините, методот 5/25/25 е важен и за снабдувањето со влакна. За жал, обично консумираме премалку од нив, што доведува до разни проблеми, вклучително и проблеми со варењето. „Консумирањето на оваа количина на влакна (25 g на ден) помага во одржувањето на редовните празнења на цревата и го промовира здравјето на цревата со поддршка на корисните бактерии“, објаснува фитнес инструкторот, додавајќи дека влакната, исто така, го зголемуваат чувството на ситост по оброците и помагаат во стабилизирање на нивото на енергија.
Како да се имплементира методот 25/5/25?
Методот 5/25/25 не е тежок за спроведување на дневна основа, но има неколку правила што треба да се запомнат:

Јадете помали оброци богати со хранливи материи
Фокусирајте се на планирање пет помали оброци на ден, што ќе ви помогне да избегнете прејадување и напади на глад и да одржувате стабилни нивоа на шеќер во крвта. Базирајте ги вашите оброци на протеини, здрави масти и влакна. На почетокот на вашата авантура 5/25/25, можете да испечатите листи на производи богати со одредени состојки и да ги комбинирате соодветните производи во оброци врз основа на тоа.
Секогаш чувајте извори на протеини во вашиот фрижидер
Ќе биде полесно да ги планирате вашите оброци и да додавате протеини во секој од нив ако имате производи богати со протеини при рака. Затоа, погрижете се вашиот фрижидер (и замрзнувач) да бидат полнети со многу туна, грчки јогурт, урда, пилешко и лосос. Ако не јадете животински производи или го ограничувате внесот на месо, важно е да се снабдите со грав и други мешунки, кои се одлични извори на протеини.
Појадувајте во рок од три часа по будењето
Појадокот е најважниот оброк во денот, но ако не ви се јаде веднаш по будењето, нема смисла да се форсирате. Сепак, вреди да го изедете првиот оброк во рок од три часа по будењето и не заборавајте да додадете протеини. Појадок на база на јајца или овесна каша со природен јогурт ќе ви даде чувство на ситост и енергија во првата половина од денот.

