Црна хроника
Полицијата на дело фати крадци во Скопје
Кривична пријава е поднесена против лицата Н.Д. (48) И В.Ј. (34), двајцата од Скопје, кои биле начекани од полицијата на дело, како ограбуваат стан во центарот на Скопје.
Истражен судија на двајцата пријавени им одреди мерка притвор во траење од 30 денови.
Пријавените, делото го извршиле околу 3.30 часот во стан лоциран во центарот на градот на ул. „Васил Главинов“, каде што пристигнале со моторно возило „Форд Мондео“, сопственост и управувано од Н.Д.
Откако со ѕвонење по домофоните утврдиле дека во станот на Г.С. нема никој, со употреба на хебла и две метални шипки насилно ја отвориле влезната врата.
Влегле во станот, а во ходникот пронашле тениска торба во која го ставиле алатот, по што започнале со претурање и пребарување по станот.
Вревата што ја направиле при обивањето на вратата и со претурањето по станот ја чул сосед на оштетениот, кој телефонски го пријавил случајот во Центарот за информирање и команда.
Веднаш по дознавањето за случајот, со брза интервенција на полициски службеници од Единицата за спречување на уличен криминал, пријавените се затекнати на местото на настанот, каде се лишени од слобода и приведени во Полициската станица од општа надлежност Кисела Вода.
По извршениот разговор, утврдено е дека Н.Д. и В.Ј. се можни сторители на други кривични дела, за што по обезбедување на материјални докази и документирање, ќе следуваат соодветни поднесоци.
Инаку, пријавените уште како малолетници се регистрирани сторители на имотни деликти за што од надлежен суд им се изрекувани казни, малолетнички затвор, додека по стекнувањето на полнолетност покрај имотни деликти, сторители се и на деликти проследени со насилство, измами и фалсификување на исправи.
Притоа, за извршени кривични дела, вкупно против двајцата се поднесени 23 кривични пријави, за кои од надлежен суд им се изречувани соодветни затворски казни.
Покрај ова СВР-Скопје, со кривична пријава, до надлежното ОЈО за натамошна постапка, го предаде и лицето Ш.В. викан “Шапче“ (55) познат сторител на имотни деликти од Скопје, поради постоење основано сомневање дека минатата недела, односно во петокот (10.08.) извршил една “тешка кражба на особено дрзок начин“, при што се стекнал со противправна имотна корист од околу 7.000 денари.
Истражен судија на пријавениот му одреди мерка притвор во траење од петнаесет дена.
Имено, Ш.В. во продавницата „Рибопродукт“, лоцирана во кругот на Зелениот пазар, околу 11,45 часот, откако забележал дека вработената е сама влегол внатре ја турнал и од касата одзел 7.000 денари.
Вработената кривичното дело го пријавила во Полициската станица од општа надлежност Центар, каде и се покажани фотографии од познати сторители на кривични дела, при што оштетената со сигурност го посочи Ш.В., кој пак уште како малолетник е регистриран како деликвент за што од надлежен суд му е изречена казна малолетнички затвор, а откако станува полнолетен му се поднесени 91 кривична пријава, за што од страна надлежни судови му се изрекувани 49 решенија за издржување казна затвор, од кои Ш.В. издржал затворска казна од 14 месеци./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Жена пријавила дека партнерот ја нападнал и ѝ го одзел телефонот, оштетено и нејзиното возило во Кисела Вода
Вчера околу 20:50 часот, 31-годишна жена пријавила во полицијата дека била физички нападната од нејзиниот партнер Љ.З. во неговиот дом на подрачјето на Кисела Вода.
Според пријавата, тој ѝ го одзел мобилниот телефон, ја нападнал, ѝ упатил закани користејќи остар предмет, а подоцна и го оштетил нејзиното возило со тврд предмет, додека било паркирано во дворот.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Фирма од Велес оштетена за над 21.000 евра преку фалсификувана електронска фактура
На 3 февруари 2026 година, во 07:15 часот, 60-годишна жителка на Велес пријавила во СВР Велес дека фирмата каде што работи е оштетена за 21.111 евра.
Според пријавата, компанијата извршила уплата на средства врз основа на фактура испратена од деловен партнер. Но, по добиена порака преку електронска пошта дека уплатата не била реализирана, фирмата стапила во контакт со банката и партнерот. Тогаш било утврдено дека оригиналната фактура била пресретната, фалсификувана и пренасочена, по што средствата биле уплатени на туѓа сметка.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Автомобили се судрија на патот Куманово-Скопје, едно лице тешко повредено, возачот бил без дозвола
На 3 февруари 2026 година, околу 10:55 часот, на регионалниот пат Куманово–Скопје, во селото Љубодраг, се случила сообраќајна несреќа во која учествувале две патнички возила со кумановски регистарски таблички.
Според информациите од СВР Куманово, се судриле „ауди“, управувано од М.А. (47) од селото Љубодраг, и „шкода“, со која управувал Б.С. (51) од Куманово. Во несреќата тешко телесно бил повреден возачот на „шкодата“, додека полесни повреди добиле неговите сопатници Т.Р. (49) од Куманово и М.Ј. (49) од селото Черкези, како и возачот на „аудито“ и неговата сопатничка О.Ц. (45) од Куманово.
При увидот на местото на несреќата било утврдено дека едниот од возачите, немал возачка дозвола. Од полицијата најавија дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

