Македонија
Царовска: Врвен приоритет е да ја почнеме учебната година, но и да создадеме образование со коешто ќе се гордееме
Новата министерка за образование и наука Мила Царовска ја презеде должноста од досегашниот министер Арбер Адеми, којшто раководеше со овој ресор. На примопредавањето, коешто помина во работна и пријателска атмосфера, Царовска и Адеми разговараа за тековните процеси во Министерството за образование и наука, како и за идните планови и предизвици. Исто така се осврнаа на заемната и искрена соработка во изминатиот период, посебно во делот на создавање инклузивно образование, на јакнењето на средните стручни училишта и пилотирањето на дуалното образование.
Царовска на средбата истакна дека нејзиниот врвен приоритет што истовремено е приоритет и на новата Влада е започнување на учебната година 2020/2021 во услови кога земјата се соочува со пандемија на Ковид-19 од светски размери.
Царовска на состанокот со Адеми рече дека ставот на новата Влада е да ја започнеме учебната година на први октомври со комбиниран модел на настава. За таа цел веќе се подготвени и усвоени протоколи за учење со физичко присуство, а во тек е и изработка на единствена национална платформа за учење на далечина.
Новата министерка за образование и наука истакна дека е свесна дека секој наставник, ученик, родител има свои желби и размислувања за тоа како треба да изгледа наставата, но треба да се најде балансот помеѓу заштитата на јавното здравје и учењето. Царовска рече дека со заеднички заложби е сигурна дека успешно ќе ја завршиме оваа училишна година.
На работната средба со Адеми, новата министерка Царовска ги најави нејзините приоритети и цели за четиригодишниот мандат. Меѓу врвните цели се суштински реформи во основното образование, јакнење на средните стручни училишта, подобрување на оценките на меѓународните тестирања коишто ќе станат наша национална гордост и враќање на достоинството на просветните работници и нивна лична мотивација. Со секој од вас планирам лично да се сретнам, запознаам и разговарам.
Царовска на функцијата министерка за образование и наука доаѓа од позицијата вицепремиерка за економски прашања во Владата на Северна Македонија, којашто ја извршуваше од почетокот на годината. Претходно Царовска беше министерка за труд и социјална политика којашто во период од неполни три години успеа да направи целосна трансформација на системот за социјална и детска заштита, но и да ги смести сите деца од институции во мали групни домови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрон на патот Кичево-Гостивар кај Колари
На патниот правец Кичево – Гостивар поради голем одрон кај село Колари од 7 часот изутринава е воведен наизменичен сообраќај по една коловозна лента во должина од 30 метри, информира Диспечерско-информативниот центар на ЈП Македонијапат.
Поради одронот сообраќајот на патот Кичево – Гостивар од 5.40 часот беше во целосен прекин.
АМСМ информира дека од 05:45 часот на патниот правец село Лисец – Попова Шапка воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси.
– Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата – велат од АМСМ.
Препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата.
Македонија
Променливо облачно време со повремени врнежи од дожд
Синоптичарите за денеска најавуваат променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, локално пообилни (над 20 литри на метар квадратен). Претежно во источните региони ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер (над 70 километри на час). Попладне на планините во северните делови врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а попладне од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе има услови врнежите да бидат проследени со појава на ретки грмежи. Претпладне ќе дува умерен до повремено засилен ветер од јужен, а попладне од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Според УХМР, утре кон крајот на денот, во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Во вторник и среда ќе дува засилен северен ветер (над 60 километри на час).
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.

