Економија
„Алкалоид“ и фондацијата „Трајче Мукаетов“ со донација од 170,000 евра за ЈЗУ „Општа болница Кавадарци“

Во текот на 2019 и 2020 година „Алкалоид АД Скопје“ реализираше донација во „Општа болница со проширена дејност Кавадарци“ во вкупен износ околу 10.500.000 денари (170.000 евра) комплетно опремувајќи го „Интерниот оддел за женски болести“ на оваа јавна здравствена установа.
Просторот од над 350м2, кој скоро три децении стоел незавршен, денес официјално и свечено беше предаден во употреба со строго почитување на сите здравствени протоколи и заштини мерки од страна на Министерот за здравство, Проф. д-р Венко Филипче, Генералниот директор и Претседател на Управен одбор на „Алкалоид“, г. Живко Мукаетов и директорот на болницата, д-р Диме Коцев.
Новото одделение е конципирано и изведено во согласност со сите современи стандарди и прописи за здравствени објекти и се состои од дел за престој на пациентите (болнички соби со тоалети), дел за интензивна нега и дел за медицински персонал, а сиот простор, освен нови инсталации, доби и соодветна болничка опрема (најсовремени болнички кревети, болничка мебел опрема, телевизори во сите болнички соби и инсталација за интернет конекција на целото одделение).
Директорот на ЈЗУ „Општа болница со проширена дејност Кавадарци“, д-р Диме Коцев ја изрази својата благодарност за донацијата, а зборувајќи во свое лично име и во име на сите Кавадарчани, истакна:
„Во Одделот, кој е изграден од најсовремени градежни материјали и опремен со модерен медицински и технички ентериер, ќе овозможиме прекрасен амбиент за сместување на нашите пациенти и нивно поквалитетно болничко лекување“.
Генералниот директор на „Алкалоид“, г. Живко Мукаетов изјави дека оваа донација компанијата ја спроведе под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“, формирана во чест на основоположникот на модерниот „Алкалоид“ кој својот животен пат го започна токму од Кавадарци.
„Иако денешниот повод за посета е пуштање во работа на само еден оддел од оваа болница, која претставува исклучителен пример за функционирање на јавното здравство, ние како компанија ќе ја продолжиме нашата поддршка тука во Кавадарци“ – рече Мукаетов.
Домаќините ја имаа честа на денешното официјално примопревање на опремениот „Оддел за женски болести“ во Кавадарци да присуствува и Министерот за здравство, Проф. д-р Венко Филипче кој изјави:
„Новиот оддел за интерна медицина е еден модерен оддел по сите европски стандарди и во него пријатно се чувствуваат и пациентите и медицинскиот персонал. Ова не е прва и единствена помош од компанијата ‘Алкалоид’. ‘Алкалоид’ е компанија која прва помогна на Министрството за здравство за време на Ковид кризата; компанија која со години наназад стипендира студенти од областа на медицинските науки а со ова, уште еднаш докажуваат што значи да се биде општествено одговорна и компанија која внимава на своите семејни традиционални вредности“.
Како при неодамнешната посета на „Општата болница Кавадарци“, така и денес, Министерот за здравство, Проф. д-р Венко Филипче истакна дека оваа установа е пример за одговорно работење, како главни придобивки наведувајќи ги постојаното осовременување на капацитетите, подобрената инфраструктура, зголемениот број на лекари специјалисти, како и комплетно опремениот оддел за третман на пациенти заболени од ковид-19, доколку се јави потреба.
Оваа болница, која со години наназад е позната по своите квалитетни здравствени услуги, опслужува близу 100.000 граѓани од повардарискиот регион (Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија) и има висок степен на експертиза во повеќе специјалистички области.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска на средба со Плаколм и раководството на ЕВН Македонија: Компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност и дигитализација на енергетскиот систем

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм, и со раководството на ЕВН Македонија, во рамки на работната посета што австриската делегација ја реализираше во земјава.
На средбата присуствуваше и Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија во Република Македонија, заедно со претставници од австриската амбасада.
Фокусот на разговорите беше насочен кон успешната соработка меѓу Министерството за енергетика и компанијата ЕВН Македонија, како пример за одговорно и партнерско делување меѓу државата и енергетскиот сектор.
Божиновска истакна дека ЕВН Македонија е значаен партнер во енергетската транзиција на земјата, посочувајќи дека примерот на компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност, модернизација и дигитализација на енергетскиот систем.
„ЕВН Македонија е пример како странски инвеститор може да соработува со државните институции на начин што создава додадена вредност – не само за економијата, туку и за општеството“, нагласи Божиновска.
Во рамки на посетата, делегацијата имаше можност да се запознае со технолошките и организациските достигнувања на компанијата, меѓу кои и современиот диспечерски центар за дигитално управување со дистрибутивната мрежа на национално ниво.
Австриската министерка Клаудија Плаколм изрази задоволство од постигнатото ниво на енергетска соработка меѓу двете земји и од синергијата меѓу јавниот и приватниот сектор во Северна Македонија, истакнувајќи дека таа соработка е позитивен пример за поширокиот регион.
Двете министерки потврдија дека постои заеднички интерес за продолжување на размената на искуства и добри практики, со фокус на одржлив енергетски развој и зелена транзиција.
Економија
Божиновска се сретна со британскиот амбасадор: се разговараше за можностите за размена на искуства во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со британскиот амбасадор Н.Е. Метју Лосон.
На состанокот присуствуваа и Никола Стојаноски, директор за меѓународна трговија и инвестиции во Амбасадата на Обединетото Кралство, како и претставници на меѓународната компанија „Англо Американ“, една од водечките светски корпорации во областа на рударството и металургијата.
Средбата се одржа во духот на континуирана и конструктивна соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство во областа на енергетиката и рударството. Разговарано беше за актуелните активности на Министерството и можностите за размена на искуства и добри практики во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција.
Министерката Божиновска ја истакна одличната соработка со британската амбасада, која, како што нагласи, претставува значаен партнер во процесите на развој на енергетските политики, унапредување на регулативата и поттикнување на одржливи практики во секторот.
Амбасадорот Лосон и претставниците на „Англо Американ“ ја поздравија досегашната соработка со Министерството, изразувајќи интерес за понатамошен институционален дијалог и заеднички иницијативи во насока на зајакнување на билатералните односи.
Економија
Божиновска на 13. Советување на МАКО СИГРЕ: AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес го отвори 13. Советување на МАКО СИГРЕ, клучен настан за електроенергетскиот сектор во земјава, кој го собира академскиот и индустрискиот кадар за размена на идеи, иновации и практични решенија.
Божиновска го отвори советувањето како претседател на почесниот одбор. Во своето обраќање, министерката нагласи дека советувањето е место каде се дебатираат најновите реформи и достигнувања во енергетиката.
Божиновска посочи дека, и покрај растечката улога на вештачката интелигенција во анализи и симулации, ништо не може да го замени човечкиот потенцијал и знаењето на професионалците.
„AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите кои го обликуваат секој аспект од енергетскиот сектор“, нагласи Божиновска.
Посебен акцент беше ставен на младите инженери и студенти, како иднина на секторот: „Вашата енергија и ангажман се основа на долгорочниот развој на енергетиката“, истакна Божиновска.