Свет
Австрискиот шеф на дипломатија: Нема да има санкции за Русија за случајот Навални без доказ
Европската Унија не треба да воведува санкции кон Русија поради инцидентот со Навални без доказ за вмешаноста на руските власти, рече австрискиот министер за надворешни работи, Александар Шаленберг, во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
„Сите мерки се можни. Постои режим на санкции на ЕУ против ширење на хемиското оружје. Во зависност од резултатите од истрагата, ќе разговараме за можни санкции. Но, тие не смеат да бидат објавени произволно и без доказ. Ние мора да знаеме кој е одговорен”, рече Шаленберг, одговарајќи на прашање во врска со мерките за притисок на ЕУ против Русија во врска со инцидентот со Навални.
Во средата германскиот кабинет ги цитираше токсиколозите од Бундесверот дека рускиот блогер бил отруен од отровна супстанца од семејството „новичок“. Берлин ја повика Русија да ги разјасни околностите на инцидентот.
Русија повтори дека е заинтересирана за истрага на инцидентот. Сепак, руското Министерство за надворешни работи посочи дека Берлин не дал доказ за својата верзија на инцидентот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени две млади момчиња: планирале напад со нож на верници во синагога во Германија
Германските власти денеска соопштија дека уапсиле двајца мажи осомничени дека планирале напад со нож врз верници во синагога во Хајделберг, на југозападот на земјата.
Осомничените, на возраст од 24 и 18 години, беа приведени за време на одделни полициски операции во покраината Баден-Виртемберг на почетокот на овој месец, соопштија државните обвинители и полицијата, пренесе АП.
Тие разговарале за убиство на еден или повеќе верници во напад на синагогата, по што ќе следуваше нивна „маченичка смрт“, а сакаа полицијата да ги убие, се вели во заедничкото соопштение на германските власти.
Осомничените се соочуваат со обвиненија за заговор за убиство.
Полицијата го открила заговорот со претрес на домот на повозрасниот осомничен на 3 мај.
При претресот, полицаецот пукал и ранил еден од осомничените откако се фатил за нож.
Доказите запленети за време на претресот вклучуваат размена на онлајн пораки меѓу двајцата осомничени во април, во кои тие разговарале за можен напад на синагогата, соопштија властите.
На 18 мај полицијата го приведе помладиот осомничен и изврши претрес во неговиот стан.
Двајцата осомничени се германски државјани, а 18-годишникот има и турско државјанство, соопштија властите.
Нивните имиња не се објавени.
Германските лидери предупредија на ризиците од напади врз Евреите и го осудија порастот на антисемитизмот по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас.
Регион
Шефот на хрватската дипломатија: Реакцијата на раководството на Србија покажува дека се далеку од соочување со минатото
Хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман денеска оцени дека реакцијата на српското раководство на резолуцијата за Сребреница покажува дека земјата е далеку од соочување со своето минато, пренесуваат медиумите во регионот.
Тој посочи дека резолуцијата не прогласува ниту една нација за геноцидна, освен дека ОН се обврзаа да го одбележат тој настан, пренесе агенцијата „Хина“.
„Оваа резолуција се стреми да придонесе за да се осигури дека злосторството геноцид никогаш никаде нема да се повтори“, рече Грлиќ Радман.
Тој додаде дека меѓународните судови утврдиле дека во Сребреница се случил геноцид и дека Србија не го спречила тоа злосторство да се случи ниту ги казнила неговите извршители.
Европа
Филипинка се породила на крузер и го сокрила бебето: тоа починало
Истражен судија во Гросето, Италија го отфрли обвинението за убиство против Чан Џенсел Пиа Салахид, 28-годишна Филипинка која се породила на бродот за крстарење „Сребрен шепот“ на 17 мај, а потоа беше уапсена за смртта на детето.
Истражниот судија го потврдил приведувањето, а младата жена останала во затвор, но под обвинение за напуштање дете со смрт. Нејзините двајца колеги, кои ја делеле кабината со неа и кои исто така биле уапсени поради смртта на бебето, биле ослободени.
Тие и помогнале да се породи и биле соучесници во прикривањето.
Како што пишува „Rai News“, по добивањето на резултатите од обдукцијата, судот ги отфрли обвиненијата за убиство. Засега не се знае за што точно ќе биде обвинета жената освен за напуштање на детето.
А, таа цело време пред истражителите, според италијанските медиуми, тврдела дека не сакала да го убие својот син, кого го нарекла Тејлор.
Само се плашела дека ќе остане без работа, па го сокрила. Секогаш кога можела, доаѓала да го дои, според исказите. Бебето го оставала во плакарот со подотворена врата за да не падне од креветче и никој да не го види или слушне неговиот плач.