Топ
Камион со мигранти удрил во ограда на куќа во Куманово, возачот избегал

Триесет и четири мигранти биле пронајдени во камион во Куманово кој удрил во ограда на куќа. Возачот на возилото избегал, но набргу бил пронајден и уапсен.
Според информациите на МВР, вчера вечер околу 21 и 20 часот на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, во населба Ајдучка чешма во Куманово, полициски службеници дале знак за запирање на товарно моторно „ивеко“ со скопски регистарски ознаки, но возилото не застанало и продолжило да се движи, по што удрило во ограда на една од куќите и возачот избегал.
Набргу потоа возачот М.Р.(28) од село Баница, струмичко, бил пронајден и приведен.
При преглед во возилото биле пронајдени 34 мигранти од Авганистан, Пакистан и Бангладеш, кои биле спроведени во Транзитен центар Табановце. По целосно расчистување и документирање на случајот против М.Р. ќе биде поднесена соодветна пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нов топлотен бран во наредните денови, се очекуваат температури до 40 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 19, а максималната ќе достигне од 33 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на многу топла воздушна маса од југ во текот седмицата времето ќе биде сончево и многу топло со појава на локална облачност преку денот. Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа се очекува да достигне и 40°C.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила, на Богородица и Дојран се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Богородица и ГП Дојран времето на чекање е околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Четворица пациенти со тешки телесни повреди се примени на хируршките клиники во Скопје

Четворица пациенти со тешки телесни повреди беа примени денеска на хируршките клиники во Скопје по вооружена пресметка на улиците во Тетово.
Како што соопшти Министерството за здравство на КАРИЛ е примен 32-годишен пациент со прострелна рана во предел на граден кош, тешка телесна повреда. На Детска хирургија е примено 12-годишно дете со прострелна рана во предел на десна натколеница. На Торакална хирургија е примен 37-годишен пациент со прострелна рана во предел на граден кош. На Трауматологија е примен 60 годишен пациент со скршеница на десна потколеница.
Сите пациенти, нагласува МЗ, се згрижени и им се укажува соодветна медицинска помош.
Едно лице е почина, а повеќе беа ранети во вооружена престрелка која се случила денеска напладне во Тетово. Од МВР соопштија дека во 12:30 часот на крстосница од улица ,,Илинденска” со улица ,,Благоја Тоска” во Тетово се случила вооружена пресметка помеѓу лица од две возила, при што се случила и сообраќајна незгода по што двете возила го напуштиле местото, од кои едното се упатило кон улица „113“, а додека другото во непознат правец.
-Од добиени сознанија од граѓани и очевидци на местото на настанот, добиена е информација дека возилото кое што се упатило кон ул.” 113″ дека се работи за патничко возило ,,форд фиеста” со тетовски регистарски таблички. Од извршената проверка било констатирано дека се работи за одјавени регистарски таблички од истото возило, сопственост на лицето Е.М.(19) од с.Гајре, тетовско. При преземање мерки, на крстосницата од улица ,,Благоја Тоска” со улица „107″ било пронајдено патничко возило ,,фолксваген голф” со тетовски регистарски таблички, сопственост на Ф.Р.(46) од Тетово, додека во возилото пронајдено е едно починато лице со прострелни рани од огнено оружје. За настанот е формиран тим со кој раководи дежурен јавен обвинител при ОЈО-Тетово и увидна екипа од СВР Тетово, се наведува во полициското соопштение.
Според МВР, во Клиничка Болница -Тетово биле пренесени три лица со повреди од кои едно малолетно девојче од Тетово со повреди од огнено оружје која е задржана на опсервација, а другите две лица О.О.(34) и Р.Т. со прострелни рани, како итни случи се пренесени во Комплексот клиники “Мајка Тереза” во Скопје. Во престрелката од возилата повреден е и еден пешак А.С.(60) од Тетово, кој бил случаен минувач и бил пренесен во клиниките во Скопје.
Во моментот полицијата врши увид и се преземаат мерки за расветлување на мотивите и околностите околу вооружената пресметка која предизвика сериозни последици по животите и здравјето на лица во Тетово.