Македонија
(Видео) Запленети 48 килограми дрога во Прилепско, приведени тројца дилери
Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, ОВР Прилеп и Одделот за специјални полициски операции во координација со ОЈО Прилеп вчера околу 20 часот запленија околу 15 килограми хашиш и околу 33 килограми марихуана, или вкупно околу 48 килограми дрога, а приведени се три лица, соопшти на денешната прес конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
„ На патниот правец од Прилеп кон с. Дебреште, на место во близина на градските гробишта лишен од слобода е В.И. (55) од с. Дебрешта, кај кого се пронајдени четири вреќи со околу 48 килограми дрога (хашиш и марихуана) кои ги подготвувал за транспорт. По преземени дополнителни мерки и активности, околу 20.30 часот во Прилеп е лишен од слобода Н.Д. (46) од с. Дебреште, за кој е утврдено дека бил организатор на транспортот. Потоа од слобода е лишен и Е.И. од с. Дебреште“, соопшти Ангеловски.

По наредба од Основен суд Прилеп, извршени се претреси на три локации во с. Дебреште и одземени се две патнички возила, мерцедес и голф, во врска со овој случај. Приведените денеска ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во Основен суд Прилеп.
„ Министерството за внатрешни работи продолжува со интензивни мерки и активности за сузбивање на нелегалната трговија со дрога, како и друг вид на криминал“, рече Ангеловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.

